
Како сакате наречете го придонесот на ЕУ и САД за стабилноста и интеграциската перспектива на нашата земја – посредништво, олеснување, медијаторство – ама ниеден важен договор за Македонија не беше донесен без нивно учество. Кој би го спорел или релативизирал тоа, или е неискрен, или без капацитет да го разбере тој влог, иако сме му наоѓале многу мани, пишува Катерина Блажевска за ПРИЗМА.
Во изминатите децении низ медиумите дефилираа многу „претскажувачи“ и кадровски рестлови од безбедносни служби на поранешната СФРЈ, секогаш со опскурни тврдења дека виделе релевантни американски или британски извештаи на едикојси, според кои, за Македонија било оценето дека не треба да опстои повеќе од пет години, туку ќе се распадне.
Поминаа шест петтолетки. Имаше случај и кога бевме многу блиску до работ, како во 2001 година, но ни тогаш мрачните прогнози не се остварија. Во дел од овдешните толкувања, никогаш не се најде добар збор за тие напори, „заборавајќи“ каква би била алтернативата ако не добиеше шанса мирот.
Иако со Охридскиот договор не ни процвета кохезијата на очекуваното ниво, факт е дека драстично се намалија внатрешните конфронтации по етнички линии.
Се разбира, ниеден договор не е совршен и јасно е дека во сите тие процеси имаше големи и болни компромиси од македонска страна, охрабрувани со пријателската препорака „покажете мудрост и визија, бидејќи само уште ова ве дели од целта“.
Но, тоа „последно нешто“ требаше да биде Преспанскиот договор, односно компромисот за промена на името на државата. Немаше пример за поголем компромис во современата историја. Токму поради таа превисока „цена“, договорот беше препорачан како калауз за наш влез во НАТО и во ЕУ.
Целата колумна на Катерина Блажевска може да ја прочитате на prizma.mk
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
