
Истражување на весникот покажува и дека украинската армија добила 40 отсто од својот дизел од Софија. Киев потврди
Тајниот спас на Украина – вака германскиот весник „Ди Велт“ го насловил своето истражување, според кое Бугарија минатата година и испорачала една третина од оружјето на Украина.
„Кога на 28 април минатата година тогашниот бугарски премиер Кирил Петков пристигна во посета на Киев , човек можеше да се запраша што воопшто прави таму“, така започнува материјалот на весникот.
Новинарите на германскиот весник потсетуваат дека Зеленски се сретнал со Петков и двајцата на медиумите им соопштиле за договор кој звучи крајно чуден и незначителен- Бугарија ќе ги поправа оштетените украински тенкови. Точно во тој момент официјално се знаеше дека само Бугарија и Унгарија од земјите на НАТО откажуваат да испорачаат оружје на Украина.
Всушност, открива весникот, токму во тој момент Бугарија веќе започнала таен процес за значителна воена помош за Украина. За да избегне снабдување со оружје по официјален пат, земјата им го дава на земји посредници. Според пресметките на Die Welt, на овој начин Бугарија покрива една третина од потребите на земјата, а во периодот од април до август обезбедува 40% од дизелот за армијата. Исклучително куриозно ако се земе предвид фактот дека единствената рафинерија што ја има Бугарија беше руска сопственост.
„Ова е историјата на тајната стратегија со која Бугарија и помага на Украина и покрај противењето на некои кругови. Најсиромашната земја во ЕУ, за која долго време се веруваше дека е лојална на Москва, покажа храброст во вистинскиот момент, која може да биде земена за пример од останатите. И покрај нејзината зависност од Русија и загриженоста од руска агресија, Бугарија најде креативен начин да застане до Украина. Зад оваа стратегија стојат тогашниот премиер Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев“, пишува весникот. И додава: и во воведувањето санкции и прекинувањето на рускиот гас, Бугарија презеде водечка улога во ЕУ“.
Украинската влада ја потврди нашата информација во овој напис, пишува уште весникот.
„Кирил Петков покажа интегритет и засекогаш ќе му бидам благодарен што ја вложи сета своја политичка вештина во изнаоѓање решение за проблемот со оружјето“, изјави за Велт министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба. – Историјата е едноставна. Додека некои членови на владејачката коалиција во Бугарија застанаа на страната на Русија, Петков ја избра правилната страна на историјата и да ни помогне да се одбраниме од многу посилен непријател“.
Петков се задејствува уште на 25 февруари 2022 година, дознава Die Welt. Ден по нападот на Русија, во Брисел има Европски совет и бидејќи секој премиер прави обраќање, состанокот се одолговлекува до доцна во ноќта. Кирил Петков го обиколува секој од лидерите и бара разговор.
Објаснува дека Зеленски нема да преживее 24 часа без помош. Тој предлага да се исклучи Русија од системот SWIFT и да се замрзнат банкарските заеми на Европската банка за Руската централна банка. Зборува со Макрон, со Шолц – повеќето лидери се скептични. На крајот, сепак, Европската комисија го прифаќа неговиот предлог и подоцна се спроведува.
Паралелно со тоа, Асен Василев учествува на состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Париз. И таму министрите се уште се колебаат, повеќето сè уште не можат да ја раберат веста за нападот. Василев излегува и држи говор. Но, не за економија и финансии, туку за објаснување на колегите што значи за Путин „денацификацијата на Украина“.
Тој ја дава Бугарија како пример по завршувањето на Втората светска војна и укажува на бројот на убиени неистомисленици, опозиција, интелигенција, свештеници.
Учесниците на оваа средба за Die Welt потврдиле дека говорот на Василев ги предомислил министрите. Два дена подоцна, Брисел започнува со економските санкции. Во европските кругови тие се нарекувани „бугарски предлог“.
Весникот открива и што точно се случило при посетата на Дмитро Кулеба на Софија на 10 април минатата година. Во тоа време, војната не ѝ одеше добро на Украина – таа успеа да ги запре Русите во регионот на Киев, но оружјето и муницијата ѝ беа исцрпени, а Западот сè уште не беше во можност да ја снабди со ново. На Украина и треба оружје од советско производство и знае дека магацините на Бугарија се полни.
Зеленски го испраќа својот министер во Софија. Кулеба пред јавноста и се заблагодари на Бугарија што ги прифатила бегалците, но не спомена ништо за оружје. Меѓутоа, зад затворени врати се водат сосема различни разговори, пишува весникот. Кулеба им објаснува на домаќините дека се е прашање на живот и смрт.
Петков одговара дека внатрешно-политичката ситуација е многу комплицирана, но тој ќе направи се да помогне. Владата им дава дозвола на посредниците да извезуваат бугарско оружје и на тој начин ја решава задачата. Приватните производители на оружје работат со полна пареа. Авиони полни до горе со муниција полетуваат од Бугарија за Полска. Слетуваат на аеродромот Ржеш, на 70 километри од украинската граница. Овој аеродром е строго обезбедуван од НАТО и е најважен за Украина. Бугарија обезбедува коридори за оружје и муниција по копно преку Романија и Унгарија.
Околу една третина од потребната муниција во овој момент е токму бугарска, вели Петков. Кулеба ги потврдува неговите податоци. Испораките се платени од САД и Велика Британија.
Тоа стана проблематично во јуни, кога првиот човек на Кинтекс, Александар Михајлов, беше сменет од функцијата и изнесе трговски податоци со цел да ја собори владата на Петков. Тогаш тој соопшти за извоз вреден 2 милијарди евра.
Истовремено, бугарската рафинерија Лукоил испорачува дизел за украинската армија. Василев предлага да го извезува вишокот нафта, а неговиот предлог веднаш е прифатен. Околу 50% од производството ги покрива потребите на Бугарија, остатокот оди директно во Украина. И тука се користи истиот начин – дизелот се извезува преку посредници. Оваа информација ја потврдува и Киев.
Дизелот се транспортира со камиони, а исто така се пренесува во возови. Во истото време, Бугарија се уште е целосно зависна од руски гас и нафта и тоа е причината што не се приклучи на санкциите кои влијаат на извозот на руска нафта.
Русија разбира за помошта што Бугарија и ја дава на Украина. Уште во април, нејзиниот прв одговор беше вистинска хакерска војна против земјата. Хакерски напади против производители на струја, против поштата… Блокирањето на исплатата на пензиите се должи точно на овој напад. Како одговор, Петков протера 70 дипломати од амбасадата во Софија под обвинение за шпионажа.
Според весникот, тоа е и причината поради која Русија ја прекина испораката на гас за Бугарија без оглед на преговори и договори. Но, кабинетот на Петков успеа буквално за неколку часа да најде течен гас од САД, а во следните недели ја поврза земјата со Грција и преговараше за гас од Азербејџан. Така Бугарите не чувствуваат недостаток на гас и покрај прекинот на испораките од Русија, пренесува „Ди Велт“.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
