Мрежите на кадри на поранешната ДС во Бугарија си остануваат незасегнати. Тие се спроводник на прикриено руско влијание, кое го поразува „имуниот систем“ на бугарската држава. Анализа на германскиот експерт Кристофер Нехринг за ДВ.

Дури 30 години по падот на комунизмот, моќта на некогаш сеприсутната Државна безбедност (ДС) во Бугарија сè уште е непрекината. Поранешни служители заземаат влијателни позиции во политиката, бизнисот и академските средини и активно се мешаат во политиката на земјата од ЕУ. И тоа и покрај фактот што во процесот на присоединување кон ЕУ пред 15 години, Владата ги отвори архивите на Државната безбедност и воведе задолжителна проверка на кандидатите за сите изборни позиции.

Екатерина Бончева, член на комисијата за досиејата КОМДОС, изјави за ДВ: „Создадовме архива со досиеја долга вкупно 16 километри, која е достапна за јавноста. Изнесовме докази дека целата Државна безбедност била брутална политичка полиција. И се погриживме за тоа задкулисната политика и изнудувањето со тајните досиеја да сопрат“.

И покрај тоа, вели Бончева, видно разочарана, малку нешта се променија. Поранешните вработени во тајните служби продолжуваат да влијаат на политиката и општеството во Бугарија – со руска помош. „Тие никогаш не служеле на националната безбедност на Бугарија, туку само на комунистичкиот режим и КГБ“, вели Бончева. Впрочем, во 1972 година тогашниот министер за внатрешни работи Димитар Стојанов со гордост ја определи бугарската ДС како „регионален клон на КГБ“. Поради тоа, сè уште активните мрежи на поранешни агенти и до денес претставуњаат проблем за лојалноста на Бугарија кон ЕУ и НАТО.

Лојални ли се разузнавачките служби?

Тоа стана јасно многу неодамна за време на руската агресија врз Украина. Добро информирани владини кругови во Софија, кои настојуваат за анонимност, тврдат дека по она време анализите и прогнозите на разузнавачките служби биле премногу фокусирани кон Русија, поради што потенцијалот на руската армија бил преценет, а украинската волја за самоодбрана и способностите на украинската армија биле погрешно проценети.

Тие (службите – б.ред.) најпрвин соопштија дека нема да има војна, потоа соопштија дека се ќе заврши за два дена и дека за Бугарија било најдобро да остане неутрална“, објаснуваат упатените. Затоа, во февруари 2022 година, пратениците од тогашните фракции на владејачките партии побараа да се истражи не ја подвеле владата смислено.

„Безбедносните служби би требало да се „имуниот систем“ на државата. Но, тајното влијание на Русија се чувствува насекаде во нашите служби“, вели Христо Иванов, копретседател на Демократска Бугарија. Веројатно ова е причината поради која тајните служби ги заобиколуваат законски предвидените проверки на нивните вработени од КОМДОС. Излегува дека од неколкуте вработени за кои биле доставени податоци, околу половината биле дел од ДС.

Шпиони и генерали

Таков е Иван Илиев, кој раководел со руска шпионска група која беше откриена дури во март 2021 година. Од 1980-тите, тој работел за тогашното советско, а подоцна и руското воено разузнавање ГРУ, каде што бил обучен. Видео лентите и прислушуваните разговори докажуваат дека тој со години, заедно со други вработени во разузнавањето, министерството за одбрана и парламентот, продавал строго доверливи документи поврзани со НАТО на неговите водечки офицери во руската амбасада.

Друг пример е Валентин Цанков. Генералот од резерва беше уапсен во март 2022 година, само неколку недели по рускиот напад врз Украина. Обвинението против него: шпионажа во полза на Русија. Од 1982 година, Цанков работел во одделот за разузнавање на Генералштабот и исто така бил обучуван во Москва. Но, тоа не ја прекинува неговата кариера во посткомунистичка Бугарија. Се издигнува до началник на оддел во Министерството за одбрана, па дури и станува воено аташе во Лондон и Вашингтон. Според обвинителниот акт, Цанков му предавал тајни документи на политичкиот секретар на руската амбасада во Софија. „Шпионот Ваљо“, како што го нарекоа Цанков, воопшто не ги крил симпатиите кон Русија. Тој отворено го критикувал отворањето на комунистичките архиви на ДС и предупредувал дека НАТО наводно подготвувал некаков напад врз Русија.

Национализам и надворешна политика

Старите кадри на ДС со децении се активни во бугарската надворешна политика. Токму преку нив проникнува и руското влијание. Во декември 2021 година тогашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска сакаше да прими четворица поранешни вработени во ДС во својот тим. Но, тоа го спречи тогашниот премиер Кирил Петков.

Уште во 2010 година, прегледот на надворешнополитичките кадри, извршен од Комисијата на КОМДОС, стигна до шокантни заклучоци: 201 од 593 од високопоставени службеници, како и 205 од 467 амбасадори, претходно работеле за ДС.

Зад бугарската блокада против присоединувањето на Северна Македонија кон ЕУ исто така стојат старите мрежи на ДС во Министерството за надворешни работи и во кругот на советници на претседателот Румен Радев. Но, не се само тие. Бугарските националистички партии, кои постојано го поттикнуваат конфликтот, се исто така „полни со стари кадри од ДС кои во спорот со Северна Македонија ги опслужуваат стратешките интереси на Русија на Балканот“, вели Екатерина Бончева.

„Потребна е промена во менталитетот“

Не е изненадувачки што, освен БСП, главно националистичките сили во Бугарија продолжуваат да настојуваат за прекратување на проверките за припадност кон ДС и затворање на комунистичките архиви. „Не сум оптимист кога е во прашање осмислувањето на минатото“, вели Христо Иванов. „Во сегашната тековна политичка криза, тешко е да си замислиме влади, кои навистина би сакале да се зафатат со ова прашање.

Екатерина Бончева меѓутоа ја нагласува важноста на КОМДОС и нејзината дејност: „Изградивме стабилна институција и и покажавме на јавноста кој имал врски со ДС. Ова обелоденување треба да продолжи, треба да се промени менталитетот на политичката елита!

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO