Членките на Европската унија се договорија за нова рунда санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина, објави во средата чешкото претседателство.

„Амбасадорите постигнаа политички договор за нови санкции против Русија – ова е силен одговор на ЕУ на илегалната анексија на украинската територија од Путин“, напиша на Твитер претседателството на земјата која моментално претседава со Европската унија.

Претходно во средата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, предложи во Европскиот парламент ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија и се заложи за заеднички систем за набавка на енергија во ЕУ.

Фон дер Лејен предупреди и дека е неопходно да се заштити европската енергетска инфраструктура.

„Саботажата на гасоводот Северен тек покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура… Мораме да бидеме поподготвени, да спроведеме стрес-тестови на критичната инфраструктура, да користиме сателити за следење и откривање потенцијални закани“, рече Фон дер Лејен.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за време на расправата најави дека „Советот денеска треба да постигне договор за нови санкции против Русија“.

„Енергетската зависност влијаеше на европската надворешна политика кон Русија, но тоа сега се менува“, рече Борел.

„Во август минатата година увезовме 12 милијарди кубни метри гас, годинава само четири – три пати помалку“, нагласи тој.

Шефот на европската дипломатија додаде дека треба да се продолжи адекватно да се поддржува Украина, да се изолира Русија и да им се помогне на европските земји кои ги чувствуваат последиците од таа војна.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO