Дали Северна Македонија сака или не сака да го спроведе и исполни Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија?

Дали Северна Македонија сака или не сака да го спроведе и исполни Преспанскиот договор со Грција?

Прашањата се делумно и реторички, затоа што исполнувањето не е прашање на желба, туку на обврска; но колебливоста во градење на јасен, концизен и прецизен став кон двата договора од наша страна, доведе до ситуација тие да бидат составен дел и на политиката на ЕУ и на политиката на САД кон нас. Дали ги исполнуваме доследно? Не. А, зошто не ги исполнуваме доследно превземените обврски? И како очекуваме во таков случај, да имаме статус на кредибилна држава, која бара почит од другите, а самата не ги почитува другите.

Прашањето на (не)исполнување на превземените обврски и по овие два договора, но и по било која меѓународна обврска, никогаш не биле сериозно третирани во јавниот и политичкиот дискурс кај нас. Па, оттаму сите велат не за „идентитетските прашања“, ама никој не знае да ги дефинира идентитетските прашања. Дали „идентитетските прашања“ се политичка конструкција или историски наратив, со напомена дека историјата не е единствениот супстрат на поимот идентитет. Значи, се брани политичката конструкција или историјата?

Кога ќе кажеме не за „идентитетските прашања“ дали под идентитетски прашања ја подразбираме и историјата? Ако ја подразбираме и неа, тогаш ние под нејасниот превез „идентитет“ повикуваме на неспроведување на двата договора. Кои инаку се потпишани и ратификувани од наша страна.
Член 8, став 2 (Договор со Бугарија)

„… двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.“

Член 7 (Преспански договор)

„Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).“

Дали овие членови можеме да ги третираме како „идентитетски“? Дали се потпишани и ратификувани и од наша страна?

За Преспанскиот договор, во некоја друга прилика, затоа што бара сериозна елаборација; да се навратиме на Договорот со Бугарија и „политичката конструкција“ на одбраната на идентитетот. Членот 8 е јасен, а особено е јасен делот „за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“. Во најновата хајка, која е дел од најголемата хајка „не за ЕУ“ со работен наслов „не за идентитетските прашања“; таргет е македонскиот дел од историската комисија, за заедничкиот став што го изградиле со бугарската страна на комисијата за неколку историски личности (главно периодот на 9 и 10 век), во согласност со горенаведените делови од Договорот, кои се инаку вообичаена научна пракса во светот. Со кои аргументи, сите „гласни“ деновиве, станаа „експерти“ за историски прашања?

Прашањето е, кој го брани „идентитетот“, политичкиот конструкт или научниот дискурс? Дали сите кои така жестоко и јасно се изјаснија за „идентитетските прашања“, ја познаваат историјата „автентичните докази и историските факти“ или лаички, па дури и дилетантски гласно викаат не. Не, за што, за нивното незнаење или не за исполнување на договорот?

Да се вратиме на почетокот, сакаме ние како држава, да ги исполнуваме превземените обврски или не сакаме? Кога ќе си го дадеме одговорот на ова прашање, ќе почне маглата да исчезнува. Реторички прашано. Фактички кажано, мораме да ги исполнуваме превземените обврски. А, на фактите, оние историските, ќе мора да почнеме да се навикнуваме. Како модел на дискусија и постапување, секаде, и во историјата, но пред се’ во политиката.

ФБ статус на Никица Корубин

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO