Од денеска па се до понеделник во Истанбул ќе се случува голем историски настан на кој ќе се официјализира воспоставувањето на канонско единство и враќањето на МПЦ-ОА меѓу правоиславните цркви, откако на девети мај Вселенската патријаршија ја тргна шизмата од Охридската Архиепископија.

Главниот настан со кој ќе се официјализира оваа одлука на Вселенската патријаршија е в недела на Духовден кога во патријаршискиот храм на Фанар Архиепископот Стефан и Патријархот Вартоломеј ќе ја отслужат првата заедничка литургија. Ова прво сослужување на Архиепископ од Македонија и на Вселенски патријарх е прво во модерната историја. Иако нема точни податоци, сепак некои историски записи посочуваат дека последен пат Охридски Архиепископ и Вселенски Патријарх заедно служеле во 1763 година кога е назначен Арсениј за Архиепископ Охридски.

Претходно во текот на денот на вечерната Богослужба во чест на именденот на Патријархот Вартоломеј, на Архиепископот Стефан и официјално ќе му биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска Архиепископија.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.

Утре рано наутро во Фанар ќе се служи литургија за именденот на Патријархот Вартоломеј, а в понеделник Архиепископот Стефан и владиците на МПЦ-ОА ќе служат литургија во Црквата на плоштадот Таксим.

Во црковната делегација на МПЦ-ОА покрај Архиепископот Стефан се и владиците Тимотеј, Петар, Климент и Партениј.

Преземено од religija.mk

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO