Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на 18 мај во Приштина се сретна со косовската претседателка Вјоса Османи, каде беше пречекан со највисоки државни почести, по што на прес-конференција изјави дека Подгорица го поддржува барањето на Косово за членство во Советот на Европа.

Тој рече дека двете земји споделуваат еднакви европски и евроатлантски вредности и ги следат истите стратешки цели.

„Црна Гора е членка на НАТО и ние сме на пат кон ЕУ. Можеме да си помогнеме едни на други“, рече Ѓукановиќ.

На 12 мај, Косово поднесе барање за членство во Советот на Европа со седиште во Стразбур, а потребно е двотретинско мнозинство за прием на една земја во меѓународната организација за човекови права.

Ѓукановиќ оцени и дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е можна преку политички дијалог и додаде дека официјална Подгорица поддржува продолжување на разговорите во тој процес.

Османи побара од претседателот на Црна Гора поддршка за приклучување и кон други меѓународни организации, повторувајќи го ставот на Косово дека сака што поскоро да биде членка на НАТО.

„Црна Гора е одличен пример за тоа како членството во НАТО служи за зајакнување на стабилноста“, рече таа.

Косово бара итно членство во НАТО откако Русија почна да ја нападне Украина на 24 февруари.

Османи напомена и дека со својот црногорски колега се сретнала во тешко време поради војната во Украина и подвлече дека земјите од регионот мора да се спротивстават на руската агресија врз Украина, но и на московските „сателити“, кои се обидуваат да го дестабилизираат Балканот. Во своите изјави, косовската претседателка често ја споредува Србија со руски „сателит“.

Зборувајќи за иницијативата „Отворен Балкан“, Ѓукановиќ изјави дека веќе постои добра регионална иницијатива како што е Берлинскиот процес и дека во него има регионална соработка.

„Берлинскиот процес“ е иницијатива на неколку земји-членки на ЕУ предводени од Германија, чија цел е зголемување на соработката со земјите од Западен Балкан, унапредување на регионалната соработка и европската перспектива на регионот.

Од друга страна, „Отворен Балкан“ е иницијатива покрената од Србија, Албанија и Северна Македонија, со цел создавање заеднички политички и економски простор. Оваа иницијатива не е поддржана ниту од Косово, ниту од Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, оцени дека „Отворениот Балкан“ само ќе ѝ овозможи на Русија дополнително да го прошири своето влијание во земјите од Западен Балкан.

Ѓукановиќ во Косово ќе се сретне и со претседателот на Собранието Глаук Коњуфц. Но, премиерот на Косово Албин Курти престојува во странство и затоа нема можност да се сретне со претседателот на Црна Гора.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO