Православната црква во Србија, после 100 години, конечно успеа. Гол во 93 минута. Уствари автогол. Очекував дека после 9.мај и одлуката на вселенскиот патриарх за кревање на шизмата српските владици ќе почнат со нивните познати маневрирања и купување на време. Се очекував од Белград. Ама од нашиве не очекував автогол.

Во соопштението напишано во стил просечниот граѓанин да не може да го разбере се вели дека Синодот на МПЦ – ОА испратил писмо со кое го прифаќа „општопризнатиот статус на автономија во рамките на СПЦ од 1959 г.“ Е сега прашање од оние кои малку повеќе разбираат: Што станува со Одлуката од Третиот црковно-народен собор од 1967 г. и прогласувањето на автокефалија? Дали Синодот на МПЦ – ОА ја поништи одлуката за автокефалија од 1967 г.? Ако е така, храбро нека излезат и нека ни ја соопштат „радосната вест“. Храбро нека кажат дека архиепископите Доситеј, Ангелариј, Гаврил и Михаил биле во заблуда. Нека „не просветлат“ дека генерациите кои се бореа за автокефалија беа во заблуда. Комунистите не излажаа за автокефалијата, нели? Излегува дека тоа е сепак нивно масло.

Е сега за оние кои не знаат да направат разлика меѓу одлуките од 1959 г. и 1967 година Со одлуката од 1959 г.: 1) МПЦ го признава за свој врховен поглавар српскиот патријарх преку кого е во единство со останатите православни цркви во светот; 2) МПЦ прифаќа дека е неразделен дел од СПЦ со автономен статус. Две во едно! За тоа не требаше воопшто тајно да преговараат.

И што останува на крајот од денот. Па не многу: влегување во српскиот духовен свет и се разбира СРЕЌНА НОВА 1959 ГОДИНА!!!

Пишува: Драги Зајковски

Преземено од religija.mk


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO