Во 11-от век живеат четворица пустиножители. Тоа е времето на Византија или за полесна ориентација низ историјата, времето на Самоил и после него. Тоа се Прохор Пчински, Јован Рилски, Гаврил Лесновски и Јован од Дебар (Бигорски). Денес веројатно ги знаете како манастирски комплекси, а особено еден е цврсто врзан со новата историја, нашата „црвена линија“, АСНОМ и неодамнешниот „апсолутен консензус“ околу антифашизмот.

Тоа е Прохор Пчински, црква и манастирски комплекс, кои се наоѓаат во поширокиот регион на Врање, во соседна Србија, интересно краток период до 1947 година, дел од тогашна НР Македонија, за потоа да премине во власт на НР Србија, секако во заедничката СФРЈ.

За нас битен како место на оддржување на Првото заседание на АСНОМ (има и второ и трето, но ова останува во меморијата како клучно, иако ретко кој се задржува на контроверзите или темите на дискусиите). За нас е само АСНОМ, темелот на современата државност, без било какви длабински анализи за тоа што всушност се случувало, како се дошло до тие одлуки, меѓу кои е и одлуката за стандардизација на литературниот македонски јазик.

Но, дилемата е односот кон овој симбол на антифашизмот, на државноста, ова место избрано од Македонците за одржување на АСНОМ, и неговиот третман. Денес официјална Северна Македонија нема пристап до Прохор Пчински, и тоа од 2003 година. И пред тоа прославите беа тензични. Во 2004 година изграден е сосема нов меморијален центар во Пелинце, Кумановско. Последен пат официјално е побаран пристап до Прохор Пчински во 2017 година, кој е повторно претставен од официјална српска страна како црковен спор и одлучувањето е „препуштено“ на СПЦ. Тоа значи дека кога српскиот претседател, Александар Вучиќ, чудесно, само еден ден после посетата на бугарската делегација во Битола и медиумската хистерија околу ликот и делото на Ванчо Михајлов; ќе изјави дека само Србија не и спори на ништо на Македонија; не е сосема искрен. Во случајов произлегуваат најмалку три спорни работи: самиот Прохор Пчински, непризнавањето на автокефалноста на црквата и „контролата“ над симболот над македонскиот антифашизам и државност АСНОМ.

Сите три нешта се длабоки и сложени проблеми, но во овој новосоздаден антифашистички занес, интересен е нашиот однос, денес кон самото место Прохор Пчински.

Дали го заборавиме? Апсолутно, да. Заборавено е од моментот кога сме одлучиле да изградиме своја реплика во Пелинце. Тоа значи своевидно откажување, било кога повторно, да побараме пристап до оригиналот, иако тоа сме го направиле.

Дали го сметаме за проблем во односите со Србија, во дипломатска смисла? Не знам, во 2017 сме го сметале. Интересно е што се случило од тогаш до денес, во односот, бидејќи се поклопува и со наглото влошување на односите со Бугарија.

Дали се потсеќаме на него, и дали ја потсеќаме соседна Србија, дека за нас и нашата државност АСНОМ и Прохор Пчински се клучни и дека забраната за пристап, никако не може да се третира како чин на пријателство? Се сомневам.

Дали тоа го прават, барем од време на време, нашите „загрижени“ антифашисти? Не знам, јавно и жестоко, сигурно не.

Ова е само краток омаж, на искреноста на било која реакција кај нас. Особено ако е жестока и хистерична. Тогаш сигурно не е суштинска, туку површна. И тогаш сигурно таргетот не е „провокацијата“, туку испровоцираниот. Затоа што, ако сме искрени, ако сме „свои на своето“, зошто подеднакво не сме жестоки, во „одбрана на идентитетот“ во секоја прилика? Или чекаме друг да ни каже што е наш идентитет?

За „контроверзната“ прослава во Удово, за присуството на нашата делегација зборувам, не за прославата на српската заедница, во друга прилика. Или не знаете воопшто, дека имало такво нешто?


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO