Софистициран кинески противракетен систем и беше доставен на Србија овој викенд, во операција обвиена во тајност, додека Западот стравува дека акумулацијата на оружје на Балканот за време на војната во Украина може да го загрози кревкиот мир во регионот, објавија американските медиуми.

Медиуми и воени експерти во неделата рекоа дека шест транспортни авиони на кинеските вооружени сили слетале на цивилниот аеродром во Белград рано во саботата, очигледно доставувајќи го системот земја-воздух HQ-22 на српската војска.

Кинески транспортни авиони Y-20 со воени ознаки се фотографирани на аеродромот Никола Тесла. Српското Министерство за одбрана сè уште не одговорило на прашањата на АП.

Испораката на оружје преку териториите на најмалку две членки на НАТО, Турција и Бугарија, воените експерти го сметаат за демонстрација на зголемениот глобален досег на Кина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно најави дека во вторник или среда ќе биде претставено „ново оружје“, кое ќе биде најмоќното што Србија ќе го има досега.

Иако Србија гласаше во ОН за резолуција за осуда на рускиот напад врз Украина, таа одби да се приклучи на меѓународните санкции против нејзините сојузници во Москва или директно да ги критикува очигледните злосторства извршени од руските сили во Украина, наведуваат американските медиуми.

Во 2020 година, американските власти го предупредија Белград да не купува противракетни системи HQ-22, велејќи дека Србија ќе мора да ја усогласи својата воена опрема со западните стандарди доколку навистина сака да се приклучи на ЕУ и другите западни сојузи.

Кинескиот противракетен систем се споредува со американскиот „Патриот“ и со рускиот ракетен систем земја-воздух С-300, иако има помал дострел од понапредниот С-300. Србија ќе биде првата што ќе има кинески ракети во Европа.

На Запад се стравува дека вооружувањето на земјата може да ја турне земјата кон нова војна, особено против Косово, кое прогласи независност во 2008 година.

Србија, Русија и Кина не го признаваат Косово, додека САД и повеќето западни земји го признаа, додава агенцијата АП.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO