Забелешката на водачот на опозицијата на некаква изјава на претседателот за проруско расположение кај делови од народот ме замисли. За што точно станува збор? Јас сум проруски настроен кога зборувам за храбриот руски народ кој ги поднесе најголемите човечки жртви во Втората светска војна. Прорусин сум кога се работи за руската литература која е дел од нашето и од светското образование, подеднакво како и за рускиот балет, рускиот театар или рускиот филм. Во сето набројано, би сакал што повеќе да личиме на нив. Она што не ми се допаѓа е нивното политичко уредување и тука не сум прорус. Напротив, во сферата на политиката би сакал мојата држава да наликува на Данска, Холандија, Норвешка, Шведска или на Финска. Сакам Македонија да живее во просперитет, слобода и демократија.

Се плашам дека дел од проруското расположение во земјата се должи на слабите перформанси на нашиот демократски систем. Најголемата вина за таа состојба е кај политичарите и кај партиите, иако некој би кажал дека и народот кој ги избрал не е невин. Факт е дека државата, која во својата историја пред 1991, нема ниту еден ден демократија, не се снаоѓа најдобро во услови на слобода. Имено, слободата не се разбира како одговорност туку како право да се прави што се сака. Автократската традиција силно тежи врз умовите на луѓето. Оттаму, вината за слабото владеење ја бараме во самата демократија како еден неефикасен систем во однос на системот на цврста рака.

Ако со ваквата теза, дека демократијата е виновна за сѐ, можеше да биде излажан еманципираниот германски народ во триесеттите години од минатиот век, може да биде излажан и македонскиот денес. Инаку, за недовербата кон демократијата, како најдобар од сите лоши системи на владеење, се најзаслужни македонските политичари и нивните партии кои немаат талент за дијалог и компромис кој би ја туркал земјата напред. Ако тие не можат да се најдат на ниту една заедничка точка и ако нема елементарна взаемна доверба, демократијата слабо ќе функционира. А, во земја во која не функционира демократијата, автократијата е алтернативата. Тогаш, лекот за хаосот и неефикасноста во политиката се бара во цврста рака на еден човек кој ќе воведе ред по цена и на слободата.

И тука лежи популарноста кај народите кон личности како Милошевиќ, Садам Хусеин или Путин. А слободата, зошто никој не е загрижен за слободата? Можеби затоа што слободата е како кислородот: ја цениш дури откога ќе ја снема.

Автор: Денко Малески


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO