
На прашањето дали осмиот патник кој се води како исчезнат е извесен Шаип Науф ал Салах на возраст од 36 години од Обединетите Арапски Емирати портпаролот на главниот бугарски обвинител Сијка Милева на денешната прес конференција не можеше да одговори.
Таа во изјавата за медиумите рече дека при посетата на пациентите во болницата во „Пирогов“ добила информација од еден од повредените дека осум лица се спасиле од запалениот автобус.
ʺЈас бев на местото на несреќата, глетката на јагленосаните тела засекогаш ќе ми остане во спомен. Воедно тешко ми стана кога бевме во посета на повредените од сообраќајката.Јас разговарав со нив прашавме дали на некого му треба телефон, вода…но, тие веднаш прашаа каде им се роднините, едниот пациент си го побара синот. Во разговор со еден од повредените кој успеал да го скрши стаклото од автобусот ми беше кажано дека од несреќата се имаат спасено осум лица, но не знае каде е осмиот патник. Нашата екипа при истрагата утврди дека вкупно има 44 трупа, што потврдува дека од несреќата се спасиле осум лица. Сведокот истата информација ја потврди во разговор со Серафов дека осум лица се спасиле од автобусотʺ, вели Милева.
Името на патникот за кој се смета дека е осмиот преживеан во автобусот кој изгоре на патот Струма во Бугарија беше споменато и од синот на вториот возач кој изгоре во кобната несреќа.
Од списокот на преживеани во несреќата, според Бесар, го нема името на патникот Шади Науф ал Салех.
Според истражителот Маријан Маринов можно е спасениот патник да се качил во другите автобуси на ʺБеса Транс“.
ʺМожно е некој од туристите да се качил на територијата на Бугарија во некој од другите автобуси на туристичката група и затоа патниците се еден помалку“, изјави шефот на тимот истражители што го истражува случајот Маријан Маринов. Според него, има сведоштва од бензинската пумпа каде одмарале автобусите, дека патниците биле разменети во возила.
Директорот на судска медицина вели дека направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од други тела
На местото на автобуската несреќа во Бугарија се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата, вели Директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков во изјава за МИА.
ʺ Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настраданиʺ– изјави Станков.
Станков потврди дека кога ќе бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина, кои овие денови беа во Софија, истите ќе бидат предадени на бугарските власти.
