Од 1 ноември, Русија го затвора своето постојано претставништво во НАТО, како и претставништвото на Алијансата во Москва. Ова на прес -конференција го објави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

На прес -конференција во Москва, Сергеј Лавров соопшти дека решението е одговор на дејствијата на Алијансата, која претходно овој месец ги укина акредитациите на осум лица од постојаното претставништво на Русија, обвинувајќи ги за шпионажа и ја намали бројноста на мисијата од 20 на 10 . Лавров го обвини НАТО дека одбива рамноправен дијалог и заедничка работа со Русија.

ʺКако одговор на дејствата на НАТО, ја прекинуваме дејноста на нашето постојано претставништво во Алијансата, вклучително и работата на главниот воен претставник. Второ, ја прекинуваме дејноста на воената мисија на НАТО во Москва. Акредитациите на нејзините службеници се укинуваат од 1 ноември годинава. И трето, ја прекинуваме дејноста на информативното биро на НАТО во Москва, кое беше создадено во Амбасадата на Кралството Белгија“, изјави Лавров.

Лавров додаде дека доколку Северноатлантската алијанса има какви било прашања, може да ги упати до рускиот амбасадор во Брисел. Според него, еден од амбасадорите на земјите -членки на НАТО може да извршува слични функции во Москва.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO