
Фото: Роjтерс
Пронајден е добитниот тикет за 500.000 евра од играта ʺИзбриши и освој“, украден пред неколку дена во Неапол. Наводниот сторител е уапсен.
Според истрагата, тоа е 57-годишниот Гаетано Скутеларо. Работи во пункт за продажба на тикети од играта ʺИзбриши и освој“ во Неапол, сопственост на неговата сопруга, со која не е во добри односи. Тој избегал од таму со добитниот тикет од половина милион евра, што го купила 70-годишна жена.
Скутеларо бил приведен на римскиот аеродром ʺФиумичиноʺ додека се обидувал да замине за Канарските Острови. Тикетот не бил во него, но му е подигнато обвинение за кражба.
Откако карабинерите го пронашле тикетот депониран во банка во градот Латина преку сметка отворена на негово име, Скутеларо е уапсен при неговото враќање во Неапол. Тој заврши во затвор под обвинение за кражба и изнуда.
Се уште се разјаснуваат деталите за новата хипотеза за делото, дека тој можеби извршил притисок врз жената да добие пари во замена за победничкиот тикет.
