Во историјата на македонското ослободително движење нема злодело поголемо од убиството на Тодор Александров.

Кои всушност се виновниците и зошто посегнаа на животот на легендарниот борец? Тоа прашање беше во устата на секој наш родољубец тогаш, како и на сите, кои пројавуваа интерес кон нашата народна кауза. И до денес за многумина тоа не е целосно разјаснето, затоа што до нив не стигнале потребните детали.

Нашето општество, особено пак утрешните општественици и борци на Македонија, кои ќе црпат поука од минатото, треба да бидат целосно информирани.

На крајот на втората книга со моите спомени е кажано, дека туѓи централи сакале да ослабне, да загине македонското движење, или да биде поставено под нивна команда. И затоа барале под дрво и камен орудија. Имам во предвид туѓи средини, надвор од непосредните поробители на Македонија.

Кажано е таму сосема накратко, дека Александар Протогеров, кој беше колега на Тодор Александров во Централниот комитет на ВМРО, најмногу им услужил на тие туѓи централи.

Во 1929 година, ВМРО објави книга во која се прикажуваше неговата вина. („Зошто беше убиен Ал. Протогеров“, 1929 година. Според документите од ВМРО и дадените му сите потребни објаснувања, таа книга беше составена од Јордан Бадев, кој подоцна се одзва кај „протугеровистите“, макар што беше крајно убеден почитувач на Тодор Александров.Тоа морално „салтомортале“ тој си го допушти само поради лично пријателство со еден-двајца меѓу протугеровистите.

Но подоцна во голема мерка се беше одделил од таа група за кое понатаму ќе дадам повеќе информации.) Пред да биде распостранувана беше прикажана поодделно на четиринаесет души правници-адвокати, судии, обвинители, поранешни министри за правда. Мнението на сите беше дека изнесените во книгата податоци се премногу за дури за еден државен, легален суд и дека врз основа на нив Протогеров ја заслужил најстрогата казна. Некои од овие лица прашувале: „Како било возможно во една револуционерна организација толку долго да биде трпен толку грешен човек? …“ Имаше причини, поради кои ВМРО ја пројави таа трпеливост. Тие наложија да биде прикриена вината на Протогеров во првата книга објавена веднаш по убиството на Тодор (ʺЗаговорот против Тодор Александровʺ, 1924), независно што ВМРО уште тогаш располагаше со сите факти за вината.

Да не беше Протогеров, поточно негова безмерна завист кон Тодора, престапот немаше да се изврши. Тој се сојузи со разбојничкиот инстинкт на Алеко Василев и со дивото властољубие на Георги Атанасов, двајцата дејци од ВМРО, подеднакво беспомошни пред Тодор Александров, неумоливиот заштитник на моралот во револуционерната организација.

По Првата светска војна, Ал. Протогеров беше заминал во странство. Околу три години престојувал во Австрија и Унгарија. За тоа време, од негова страна не доаѓаше ниту добро, ниту зло, ако ги исклучиме некои гагови пред странци. Се едно, дека тој не суштествувал во тоа време за македонското движење.

По воениот преврат во Бугарија, во летото 1923 година, тој се враќа таму. И веднаш се оддава на дејност … да му создава пречки на Тодор Александров. Уште додека беше во странство, информиран бил за незадоволството на Алеко Василев и Георги Атанасов. А тие имаа основание не само да бидат незадоволни, но и да се плашат од правдата на ВМРО.

Алеко се беше пројавил во борбите против корумпираната власт на Стамболиски во Пиринска Македонија; но врешеше многу нередни работи спротивни основно на Уставот на ВМРО, та Александров се виде принуден да го испрати при него Атанасова, да го надгледува и да ги осуетува неправилните постапки.

Самиот потполковник Атанасов – како што на други места сме кажале – беше дошол како доброволец во редовите на ВМРО во 1922 година, откако во софиската кафана ʺПанахʺ изврши ненамерно убиство на органи на властта. Наместо да го контролира Алеко Василева, тој се покажа опијанет од властољубие. Пресмета, дека токму Алеко може да биде удобен инструмент за неговите лични аспирации, кои паѓаа во очите на многумина.

Во текот на неколку месеци Тодор се мачеше да ги внесе двајцата на вистинскиот пат. Но Протогеров, наместо да му помага на својот колега од Централниот комитет, започна да ги поттикнува во најбезцеремонијално нарушување на дисциплината на ВМРО и да зема под закрила неморални дејанија. Тој процени, дека грешките на Алеко и Атанасов се добредојдени за неговата лична завист и суета.

Така излезе на сцената сојузот на таа престапна тројка. Меѓутоа, за да се постапи против Т. Александров, тие имаа потреба од поддршката од странични фактори, не добро расположени кон македонското дело и лично кон неговиот популарен лидер Тодор. Никако немаше да им помогне обидот да си создадаваат истомисленици во редовите на ВМРО; бидејќи Протогеров одамна беше одвоен од средината на нејзините активни борци, Атанасов беше сосема нов човек, а Алеко воопшто немаше квалитети да печели и да води – бидејќи многу простичо и при тоа не сосема морален човек.

Ете зошто тројцата прибегнаа кон помошта и на комунистичките органи во Бугарија.

И денес, четириесет и девет години по октомвриската контрареволуција, напорот на комунизмот да го овладее светот не престанал; и денес неговата политика се одликува со својата неуморна енергија. (Вистинската револуција во Русија стана кога беше соборен од престолот императорот. Ако таа се задржеше, Русија ќе беше не само социјална, но и демократски напредна  земја, без тиранија, без милиони убиени луѓе.) Но, во месеците и годините по Првата голема војна, тие напори се јавуваа судбоносни за Европа. Ударот главно беше насочен кон соседните на Русија – Полска, Германија, Австрија, Унгарија, Балканот. Не влегува во нашата задача да гопишуваме детали за борбите, што се развија во тие земји. Во секој случај, макар со големи жртви, нападот беше одбиен. Во Германија и Австрија се стигна до барикади; во Унгарија беше прогласена  „диктатура на пролетаријатот“, малку подоцна соборена од армијата; во Бугарија комунистите дигнаа востание – во соседни на Србија области -, а во 1925 година извршија грозоморен атентат во софиската катедрала ʺСв. Неделаʺ, под рушевините на која останаа над двесте убиени и ранети; во Полска пак настапи самата болшевичка армија, сопрена по чудо од родољубивиот порив на Полјаците пред самата Варшава.

Можеше ли да се мисли, дека комунистите ќе го остават на спокојство македонското ослободително движење, со неговата динамика во центарот на Балканот? Не губеа никакво време. Ги насочија кон него неодложно сите оружја – и нивната мрежа на примамливи агитации и ветувања за спечелување на полековерни елементи, и нивната торба – за купување на слабокарактерните, и нивното копје – против упорните застапници на независната македонска борба.

Сите основни опстојателства,  кои го беа создале македонското движење, се беа покажаа во противоречие со целите на комунизмот. Тоа движење не беше класно, а општонародно. ‘Рбетот му беше селската маса, на која ВМРО уште под турскиот режим успеа да му ја даде земјата, принудувајќи ги беговите да ја продадат на условина рати – така што вековните ратаи станаа сопственици; името на ВМРО беше длабоко заседнало во срцето на народот, па – повторуваме – комунистите најдоа дека е соодветно за нивната пропаганда да го фалсификуваат и да го присвојат, иако нивната програма предвидуваше одземање и на земја и отстранување на сопственоста.

Нашето движење отсекогаш било за демократија, за слобода, од каква нашиот народ бил лишен со векови; тоа не би се согласило да се воведува во Македонија режим, кој би бил пострашно ропство од вчерашното.

Нашето движење било самостојно, а було и за самостојна држава; не би прифаќатило да станува инструмент за постигнување на туѓи планови и да ја поставува својата татковина под туѓо старателство и команда. (Се разбира, во оние години, на никој од македонското општество, ниту на ум не му минувало, дека комунистите, дури ќе посегнуваат на нашата бугарска народност за да му угодат на Белград.)

Но, престапната тројка не се осврнуваше на вакви прашања, затоа што слепо се водеше од нивните лични расположенија и интереси. Комунистите без колебање и подадоа рака, и поверуваа – на 31 август 1924 година, кога загина Тодор – дека го завладеале нашето движење и македонската кауза во прилог на нивните други широки планови. Но, дванаесет дена подоцна, се испречија пред пораз.

После тоа, тие продолжија да чепкаат до периферијата на нашето народно дело. Прибегнуваа до севозможни махинации; се служеа – како што рековме – и со фалсификување на името на ВМРО. Но, ништо не им помагаше.

Во 1934 година, врховистички фактори во Бугарија им помогнаа на комунистите до одреден степен против македонските организации. И следните седум години на личниот режим на Цар Борис беа благопријатно време за комунистички роварења против македонското движење од Бугарија.

Дури кога на Балканот пристигнаа болшевичките армии и се започна со сеопфатно колење на добри Бугари, многумина во Бугарија разбраа зошто биле борбите на ВМРО со комунистите, зошто таа осудувала и другите злосторници (прикриени под разни имиња – федералисти, протогеровисти сл.), како и зошто биле воопшто нејзините ослободителни напори. Дури тогаш, за жал, разбраа и што значи ропството.

Тројката, меѓутоа, беше во мрежата и на стариот бугарски врховизам. Протогеров и Атанасов имаа врховистички разбирања за македонското прашање, независно што изговарале и други фрази. Врховизмот, кој одамна го напуштил борбениот фронт, официјално го беше свил своето знаме, но секогаш беше жив да пакости на македонското дело и бугарштината. На 12 септември 1924 година и тој – како и комунистичката централа – не успеаја.

Убиството на Тодор Александров се појавува како политичка акција од голем размер. Плановите на нејзините автори пропаднаа затоа што народот цврсто застана зад идеите на Тодор, истиот народ, од името и за сметка на кој особено комунистите постојано пишуваа измислици, на кои самите не веруваат.

Како за самата историја на македонска ослободителна борба, така и за сите, кои поспецијално сакаат да ги проучат овие настани или воопшто имаат стремеж кон дознавање на вистината, многу интересни се сите детали околу споменатите датуми- 31 август и 12 септември 1924 година. Читателот ќе ги најде скоро сите нив во специјален голем прилог насловен  „Кон поглавјето за виновниците за смртта на Тодор Александровʺ. Во тој прилог се вклучени документи од бр. 1 до бр. 29. Тие детали заслужуваат да се знаат со оглед и на великата фигура на Тодор Александров.

–––––––––––

Објавува Ив. Михајлов, Избрани дела. Софија, 1993 година, стр. 213-248 и Ив. Михајлов, Спомени, том III, Лувен, 1967, стр. 45-50.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO