Борис Белев, Стеван Топчев, Мирко Пецев, Георги Јарамов и Георги Костуранов.

За многумина кои не ја познаваат македонската историја и тежината на истата овие имиња не би значеле ништо. Но за нас овие имиња значат светлина и патоказ. Ова се имињата на петте струмички студенти, ликвидирани од УДБА. Пет млади сјајни момци, сакани и обожавани од сите, сон на многу млади девојки во тогашна Македонија. А тие со еден сон позади себе и во себе, сонот на ВМРО. За Македонија.

На 13 август 1951 година на местото Ќучук чешма кај село Дорломбос петмината студенти од Струмица се пресретнати од 14 службеници на УДБА и после долго и крволочно мачење се убиени.

Официјално, според тогашната комунистичка власт, која струмичките бисери не ја сакале и не ја поднесувале многу поради нивната тиранија, загинале при обид да ја преминат границата илегално и да побегнат во Грција, а од таму на запад, во слободниот свет.

Тоа било вообичаен чин кој за време на инсталирање на комунистичкиот режим во Македонија го направиле десетици младинци од регионот како единствено разумно решение за младите интелектуалци. Интелектуалци, силна млада интелигенција заинтересирана за демократија и западни вредности.

Пред неколку години и официјално САД излезе на виделина со класифицирани документи достапни за јавноста. Тие документи говореа дека Никола Фиданчев, Стево Топчев и Борис Белев решиле да побегнат преку граница во Грција на 5 август 1951 година и за таа цел се вратиле во Струмица на 1 – ви јули и побарале врска за преку граница. За тоа време ним им се придружуваат Георги Јарамов и Мирко Пецев, а подоцна во градот пристигнал и Георги Костуранов.

Меѓу нив паѓа договор да побегнат на 5 август и за таа цел во вечерните часови без да биде известен за одложувањето на операцијата младиот Фиданчев со пливање од четири километри преку водите на Дојранското езеро успеал да пристигне на грчка страна, додека останатите бегството го одложиле за 12 август, кој тогаш се паѓал во недела.

Секое едно младо момче од горенаведените растело во богата и патриотска средина, а некои од објектите каде што живееле, и ден денеска сведочат со својата архитектонска убавина за нивниот статус.

Да напоменеме дека во 2001 година на тие млади момци им е подигнат споменик во Струмица, каде што секоја година се одржуваат чествувања во нивна чест.

Како водач на дружината бил Борис Белев, тогаш деветнаесет годишен. Син на тогаш познатиот лекар Александар Белев кој студирал медицина во Техеран и Виена, внук на човек што учел школо во Рила и кој протестанизмот го примил како затвореник во озлогласениот затвор Беаз Куле, кој пак бил посетуван од Џон Хаус.

Останатите млади луѓе потеклото го имаат од Егејска Македонија и нивните семејства во Струмица биле доселени главно од Кукуш и Дојран, но и покрај тоа, учествувале во изградбата на тогашната Струмица.

Поради нивниот патриотизам и родољубие, поради нивниот статус, тоа создало завист во одредена група нивни врсници кои мотивот ќе го пронајдат во тогашниот комунистички режим што се инсталира после 1949 година и започнува „ловот на вештерки“. А тие се богатите и интелигентни млади луѓе, монархисти, бугараши, вмровци.

Во петокот на 10 август на терасата во куќата на Јарамов групата со патриотски песни прославува, додека пак улицата таа ноќ се исполнува со агенти на УДБА и одредени лица веднаш го предупредуваат семејството Топчеви дека нивното дете се наоѓа во голема опасност.

Наредната вечер некои од младите луѓе се уапсени после игранката крај базенот во домот на ЈНА. Тоа се случува вечерва на 11- ти август. Во одземената куќа на семејството Калкашлиеви, каде што била зградата на УДБА, екипата е комплетирана и на 12 – ти август петте млади студенти биле одведени на Дорломбос и после дополнително мачење биле ликвидирани и таа ликвидација е еден од посовремените масакри во Македонија.

Според многу пишани докази и извештаи, тие биле врзани со жица за рацете, со влезни рани нанесени од близу и со истрел во чело, во око, во врат, со дамки од претходно тепање телата се донесени на градските гробишта. Искусниот лекар Белев веднаш утврдил дека се убиени во текот на 13 – ти август.

Струмица е во неверување, страв, лелек и солзи, а потресната вест за смртта на своите деца, некои од татковците ја добиваат додека се во затвор.

Нивните летоци,расфрлани низ Струмица, нивните пароли и громоласните извици:

Долу предавниците!“, „Долу експонентите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михаило Апостолски и нивните другари!“, „Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев“… вечно ќе стојат испишани низ Македонија, а нивните извици ќе одекнуваат во ушите на секој македонски патриот и вистински вмровец, кој ги следи и ќе ги следи заветите на струмичките студенти, нивниот сон за независна и слободна Македонија.

Она со што не е доволно, или пак воопшто не е запознаена пошироката македонска јавност е дека директната наредба за нивната ликвидација е издадена од Драган Павловиќ – Шиљо, кој во тоа време е висок офицер на ОЗНА, кој пак е дедо на Драган Павловиќ – Латас.

Шиљо е директен наредободавач и на многу други убиства на невини луѓе во Македонија, во Велес и Скопје.

..Ги видов мајко, ги препознав, младите деца струмички…


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO