
Вчера на социјалната мрежа Facebook беше забележена средба на министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски со претставници на кумановското здружение „Коло спрских сестара“, што нас, од страницата „Црвено – црниот“ не згрози и чувствуваме морална одговорност да му одговориме на министерот, и да го прашаме дали воопшто е информиран за тоа здружение, ако се земе фактот дека здружението е формирано во 1903 година, баш во годината на македонското славно Илинденско востание.
Господине министере Спасовски, ве советуваме да се држите строго до вашата министерска работа, каде што Македонија е опфатена од дузина пожари, некои помали, некои поголеми, но подеднакво штетни за нашата држава и за нејзината флора и фауна, отколку да си правите екскурзии со мозокот и да одите на такви бесполезни средби.
Дали со тоа сакате да го најавите малиот шенген, каде што Македонија ќе биде париче за поткусурување меѓу Србија и Албанија ?!
Дали со тоа сакате да го најавите српството што треба да дојде во Македонија, иако знаејќи дека комитите на ВМОРО се борат против тоа српство кое вие сакате да го промовирате ?!
Министере, се надеваме дека ова наше писание ќе успее да стигне до вас, со цел да се информирате околу „целта и работата“ на тоа српско здружение, а во идните денови ќе ги извадиме на виделина и сите останати српски здруженија кои работат во тоа време на територијата на Македонија, а во борба против ВМОРО, кое нели, е нашиот патоказ кон државноста и независноста и се држиме строго до него и неговите постулати !!
Денеска ќе обрнеме внимание на тоа кумановско здружение, за неговата цел и неговата работа во минатото.
Неговата година на формирање е 1903 година, годината кога беше кренато Илинденското востание, а кое беше придружено од сиот незадоволен народ на територијата на Македонија.
Симптоматично е зашто во тоа востание нема срби или грци, нели, а има бугари, власи, турци, албанци, има по некој американец, австралиец, чех и т.н.
Господине Спасовски, македонското дело во минатото имало восхит и неверица во сиот познат западен свет, а таквите српски здруженија, потпомогнати од грчките андарти и османлиите, било поткопувано, со една единствена цел, да биде уништено македонското дело, а Организацијата да биде уништена до темели, без можност за нејзино повторно раѓање.
За наша среќа, тоа не успева, како што е познато низ историјата. Организацијата добива сила и моќ, македонското прашање добива на интензитет и заинтересираност од западниот свет. Целта е постигната, светот слуша за Македонија и проблемите во неа !
Да се вратиме на главната тема, а ќе се послужиме со информации од книгите на македонски дејци, просветители и револуционери и хроничари.
Прво ќе се послужиме со информациите што ги најдовме во книгата на Коста Црнушанов, кој е роден во Прилеп, а дипломирал филозофија и историја во Белград. Еден е од основачите на ММТРО, младинската организација на ВМРО. Во 1928 година оди во странство за да ја информира европската јавност за тогаш познатиот Скопски студентски процес. Се надеваме дека сте прочитале за него, а ако не сте, ќе ве просветлиме.
Во неговата книга вели вака, за дејноста на здруженијата кои работат против Македонија и Организацијата тогаш:
„Што се однесува до материјалните средства, Јованович предложува:
Пред се би можело да ги даде друштвото „Свети Сава“ (ќе пишуваме и за него во следните денови), кое има значителни суми, од кои еден дел би биле употребени за тоа, после тоа „КОЛО СПРСКИХ СЕСТАРА“, како и „Фондот на Сима Игуманов“, после тоа парите, собрани од самите македонци (србомани) за таа цел, најпосле средствата, кои минатата година ги гласаше Народното собрание. Сето тоа заедно би можело да претставува значителна сума пари за исполнувањето на тој план (српска пропаганда и борба против ВМРО), та дури и ќе е доволна…“
Доволен е само овој мал дел, напишан од деец на Организацијата за да ја сфатите работата и целта на тоа „здружение“. Борба и само борба против Македонија, а Македонија е историското ВМРО, тоа е темелот на Македонија. И тоа нема врска со денешното фалсификаторско ВМРО од македонска и бугарска страна !
Во книгата на Македонскиот национален комитет, насловена како „Veritas – Македонија под ропство“ за туѓите пропаганди во тогашна Македонија, и за одлучната борба на славната Организација против сите тие се вели вака:
„Особено се следи и строго се забранува одделното организирање на македонската младина во какви и да е културни, просветни, спортски, благотворни и други слични организации, дозволени од самите српски закони. Во Македонија за младите се дозволени само српски, основани од Белград и раководени од таму организации: таму има само клонови од српското (од Белград) женско друштво „КОЛО СРПСКИХ СЕСТАРА“ – за девојките, а за момчињата, млади и возрасни – клонови од српските (од Белград) соколски друштва, „Народна одбрана“, „Јадранска стража“, „Просвета“ и многу други. За да можат одблизу да бидат следени од власта, по нејзина наредба и предлог се обединуваат главно во „Орјуна“ (Организација југословенских националиста“ или „Срнао“ (Српска национална омладина) – и двете крајни националистички организации со крајно шовинистичка великосрпска идеологија и дух. Се служат со терор и заплашувања, кон своите жртви го приложуваат убиството со мачење. Од сите тие организации, од откриените „народни универзитети“, театри, заедно со заграбените училишта и цркви србите се стремат да создадат огништа за ширење и зацврстување на србизмот насреде македонската младина од двата пола.
Но србите не се ограничуваат само со тоа. На зачуваниот свој строг морал во Македонија тие ја носат нивната култура со нејзините негативни и расипувачки пројави: со своето настапување во Македонија тие го донесоа прикриениот разврат со своите вариетети, јавни куќи, различни пејачки кои разнесуваат сомнително искуство, но затоа пак сигурно носат колапс и болестите на Венера.“
Еден од најголемите и најтемелни хроничари на Организацијата, Христо Силјанов, кој е еден и од плејадата легендарни дејци, во книгата „Ослободителните борби на Македонија – том 2“ во поднаслов „Српската вооружена пропаганда“ вели вака:
„Условите за врбување на сопствени четнички кадри се подобрија чувствително во зимата на 1903 – 1904 година. Некои чети и четнички групи – на Никола Пушкаров, на охридскиот војвода Дејан Димитров и други – минаа низ Србија. Комитетските луѓе се покажаа многу услужливи кон нив – им даваа слободен приод и секакви олеснувања на тие кои сакаа да продолжат за Бугарија и издршка на тие што сакаа да останат подолго време. Останатите за зимување без распределени по групи и настанени за живеење во касарни во Белград, Ниш и други градови. Потактични од грците, кои ги заловуваа и влечеа по затвори сите четници од јужните македонски околии, кои попаднале на нивна територија, додека србите се однесуваа „братски“ кон македоно – бугарските гости, кои се обидуваа секако да им кажат дека и Србија е пријателски расположена кон Организацијата и кон ослободителното дело, и дека нивното враќање во Македонија може да се случи со српска помош и заправо од кралството. Имаше доверливи луѓе, кои ги не ги сфаќаат скриените побуди на српската љубезност, но не недостасуваа и тие, кои ја продаваа душата на ветувања за војводски чинови, издршка на нивните семејства, стипендии за децата и друго. Српско општество е веќе доста раздвижено и готово за жртви. Владата е исто решена да дејствува поенергично во комитаџиска насока. „Многумина мислат, дека Србија згрешила со тоа што одржала едно неутрално поведение спрема случувањата во Македонија. Во многу весници откриено се прекоруваат српските политички дејци за таа воздржаност. Сега се прават обиди да се поправи таа грешка“ – пишува дипломатскиот агент во Белград, К. Величков.
За материјално потпомагање на акцијата, се образуваа, по предлог на владата, неколку граѓански организации: „Дружество на српските сестри“ (КОЛО СРПСКИХ СЕСТАРА), комитетот на трговското друштво („Главни одбор за помош на србите во Стара Србија и Македонија“), „Српска брача“ и др. Првото друштво, раководено од жени од највисокот белградско општество, открива акушерски курсови и практично земјоделско училиште за млади девојки од Македонија, собира приноси од граѓаните, поставуваат на јавните места кутии за помош, создава свои клонови од провинцијата. Второто ги опфаќа стопанските средини. Многу мал дел од собраните средства оди за културна пропаганда и за помагање на настраданите: главната цел е да се поддржат „борците за ослободувањето на Македонија и Стара Србија“. За потребите на вооружената пропаганда беше одделен и поголем дел од 500 –те илјади денари, кои беа гласани од Собранието.“
За почеток, господине министере Спасовски, освен што пробавте да научите ромски и не ви успеа, ќе се осмелите ли да прочитате и да си одговорите самиот на себеси, кој е човекот на плакетата што ја добивте,каква е целта на тие луѓе како тој на плакетата на територијата на тогашна Македонија, кога веќе Македонија ја има Организацијата, по чии постулати треба да се водиме, да ги чуваме и негуваме ?!
Само ќе ве наведеме, со цел да ви дадеме желба за да прочитате, да се информирате, да дознаете нешто повеќе, а во наредните денови ќе има и повеќе писанија, извадоци од книги, цитати, за дејноста, пропагандата и целта на сите тие луѓе, здруженија и слично.
„Во октомври 1924 год. во Скопје се чествува 20-годишнина од србската вооружена четничка борба во Македонија, а во Велес се подига споменик на србоманскиот четнички војвода Јован Бабунски, роден во село Мартолци, Азот. На великосрбските манифестации помеѓу останатите учествуваат владиката Варнава, скопскиот жупан Вилдович, претставници на различни великосрбски организации како „Коло српских сестара“, „Орјуна“ и др., потоа специјален претставник на кралот Александар, а на официјално се пее химната на српските четници „Спремте се, спремте четници“.
Присутвуваат србоманот од кумановско – четничкиот војвода Јован Довезенски, како и генералот Михајло Ковачевич, кој ќе биде убиен 4 години подоцна во Штип од атентатори на ВМРО. На манифестацијата е присутен и четничкиот војвода Василије Трбич, кој заедно со Јован Бабунски како предводници на србските четници, се главните лица што учествуваат во колежот на населението од Кавадарци и Неготино, за време на Тиквешкото востание во јуни 1913 год.“
Дали со тоа ваше присуство и добивање на плакетата, добивате всушност благодарност за вашата неспособност, и неспособноста на вашата влада и соработници, за уназадувањето на Македонија кон нејзината европска перспектива, во која се колневте, брз влез во ЕУ и „живот за сите“ ?!
Дали со тоа ваше присуство и добивање на плакетата, сакате да кажете дека всушност сте една иста екипа со вашите соистомисленици од опозициската Вмро Дпмне, а кој се краси со историските букви ?!
Дали со тоа ваше присуство, јавно пропагирате силна поддршка на српството, и дали со тоа автоматски сакате да дадете до знаење дека на исто рамниште сте со мисла со вашиот сопартиец Саша Богдановиќ – Српче, кој отворено го пропагира српството и русофилството, со кревање на паметници ?!!?
Господине Спасовски, јавно и изразено пропагирање на српството преку пропагандни здруженија во Македонија не е патриотизам, тоа е само одраз на неписменост !!
И за крај, ќе поставиме неколку слики, да ја распознаете најпрво облеката, а потоа да го погодите и ликот, а ние ќе се потрудиме во наредните денови да ви дадеме материјал за учење, кој биле и за што се бореле сите тие луѓе, заколнати борци против Македонија и против автономијата, а подоцна и независноста на Македонија !
