Тиквешкото востание во македонската современа историографија и во учебниците по историја за основно и средно училиште има најмалку редови за читање. Некои штури и недоволно објаснети информации и полуинформации.
Она што е интересно е дека една книга поврзана со Тиквешкото востание, каде што е опишано до детал се околу востанието е издадена од Државниот архив на Република Македонија во содејство со главната управа на архивите при министерскиот совет на Република Бугарија.
Книгата е со наслов „Револуционерните борби во Тиквешијата“ – спомени и материјали, книга 1.
Благој Видов во книгата раскажува за Тиквешкото востание од 1913 година. Тоа востание е првиот масовен вооружен протест против новиот српски режим во Вардарска Македонија, а кренат од месното население во тиквешијата.
Авторот Благој Видов е роден во Кавадарци. Тој е револуционер на ВМРО и општественик. Учи во Кавадарци, Белград и Скопје, а од 1927 година живее во Софија. Насилно собира пари и средства за весникот „Македонија“, по што членот на ЦК на ВМРО Јордан Ѓурков сака „развратникот да се казни многу строго“. Близок е со Иван Михајлов, последниот лидер на историското ВМРО, а после убиството на Протогеров застанува на страната на протогеровистите. Во 1932 година учествува во убиството на михајловистот Симеон Ефтимов. Платено убиство од српскиот полковник Ѓоргевиќ со 20 милиони лева и извршено пред царскиот дворец по лична негова желба. Во 1942 година е редактор на весникот „Тиквеш“ кој излегува во Кавадарци.
Умира во Софија во 1980 година.
Во државниот архив на Македонија можат да се пронајдат и писанија од истоимениот автор, а тие се со наслов:
„Гоце Делчев во Тиквешијата“
„Тиквешкото востание во јули 1913 година“
„Тиквешките револуционери до Балканската војна. Тиквешката крвава свадба“
Книгата е издадена во 2001 година од страна на Државниот Архив на Република Македонија.
Да се вратиме на востанието, ќе се потрудиме да дадеме што повеќе информации околу тоа востание, кое треба обемно да се напише и да се изучува во основните и средните училишта. Востание околу кое треба да се водат дискусии и разговори оти очигледно е дека народот е малку запознаен со него, недоволно запознаен, или пак погрешно информиран.
Балканската војна од 1912 година од населението во Тиквеш беше пречекана со голем ентузијазам, живеејќи со вербата дека напосле доаѓа крајот на турското ропство. Но надежите се рушат како кула од карти. Во ноември 1912 година, наместо бугарските војски, кои од населението во Тиквешијата се чекани со нетрпение, доаѓаат српските војски. Србите ги уверуваат тиквашни дека остануваат само привремено и дека доаѓаат како сојузници на Бугарија, но тиквешани одбиваат да веруваат во тоа, за потоа, после многу малку време, во декември истата година, командантот на градот, српскиот полковник Урошевиќ, ги викнал членовите на старата бугарска општинска управа на чело со претседателот протојереј Григориј и свештеникот Михаил и им соопштил дека старата општинска управа, која постоела во турско, според српските закони, се растура.
Членовите се во неверица и покажуваат лутина кон српскиот полковник поради неговите претходни лаги, по што тој изјавува дека тој ќе управува со општината, додека во самата општина ќе има само еден администатор – секретар.
Општинарите, сеуште во неверица, бесни и лути, се упатуваат директно кон куќата на Јованчо Шкартов, каде што е сместено целото раководство на градскиот комитет на ВМРО, членовите на околискиот комитет, војводата Лазо Фертикот со неговиот помошник Цанко Хаџимирски, местниот војвода Дончо Лазаров, санданистот Мишо Шкартов и други. На тоа советување е и Петко Пенчев, специјален пратеник на бугарската влада.
Новата српска власт се фрла што побрзо да ја стави во функција нивната администрација. Ги затвораат сите школи. Затворено е трикласното училиште во Кавадарци, а потоа и сите училишта во тиквешијата, на број повеќе од 50. По затворањето на сите дотогашни местни школи, од каде што излегле многу дејци на Организацијата за Тиквешијата, србите отвараат српски училишта, но за волја на вистината, населението од Тиквеш ги бојкотира тие школи и ниедно дете не се запишува.
Населението во Тиквешијата не седи мирно. Раководството на ВМРО се раздвижува по селата. Четата на Дончо Лазаров со 30 негови четници и десетари излегува по селата да го провери старото оружје и да подели ново. Во текот на месец април и мај многу тиквешани се враќаат од Булаир и Чаталџа. Меѓу нив е и Диме Пинџуров од Ваташа, кој пак е во крвно сродство со Страшо Пинџур. Тој, без да се легализира, се вклучува во четата на Дончо Лазаров.
Првата жртва паѓа, после претходниот српски терор што го трпело населението. Жртва е Александар Видов, член на ВМРО и активист на училишната и општинска управа. Тој е фатен и егзекутиран од четата на Коста Павловиќ. Со тоа убиство бил даден сигнал за убивање на членовите на ВМРО. За тоа време членовите на Организацијата ги зацвстуваат своите редови во целиот крај и чекале сигнал за да се кренат на востание против новиот окупатор.
Околиското раководство во Кавадарци добило соопштение дека во Тиквеш се очекувале и четите на Чакаларов, Ѓаконот, Каранфилов, Спространов, Чаулев и Ѓорлуков, а големата чета на Чернопеев останала на левиот брег на Вардар.
Местната чета после обиколката на сите села во својот реон и откако го прегледала целото оружје, повикува советување во село Бегниште. На тоа советување, кое трае од 28 до 30 мај, присуствувале претставници на Организацијата од речиси сите села во кавадаречката околија. Советувањето добива карактер на конгрес, затоа што сите присутни на прашањето за кревање на востание едногласно гласале за кревање.
Решението било донесено. Избран бил месец јуни, а како сигнали биле определени огновите кои требало да се запалат низ селата, а таму каде што имало српски четници и жандарми, да се запалат и нивните куќи. Посебен акцент бил ставен на селото Долни Дисан, кое било турско – помачко село. За него било решено да се запали целото село, бидејќи тие биле најпредани на српската власт и правеле големи зулуми.
На 2 јуни дошло соопштение од Кавадарци дека четите на Чакаларов, Чаулев, Ѓаконот, Спространов, Каранфилов и Ѓорлуков влегле во тиквешко.
Во меѓувреме, во Ваташа била откриена четата на Дончо Лазаров, која броела 33 четници. Четата била разоткриена од турци – помаци. Веднаш во лов на четата на Дончо се впушта петтата дринска дивизија на чело со Коста Павловиќ и турска единица со луѓе од Кавадарци, Дреново, Росоман, од Долни Дисан и Ваташа, кои се вклучиле на страната на србите.
Населението во Ваташа не ја издава четата на Дончо Лазаров, која се крие во старо скривалиште, кое од населението било наречено катакомби. Таму четата на Дончо се крие неколку дена, додека во меѓувреме бесниот српски окупатор и турските поданици беснеле и вршеле насилства врз населението.
Во меѓувреме во Кавадарци се формира втора тиквешка чета под раководство на мишко Шкартов и таа чета излегува по селата.
Населението, со помош на ВМРО и со помош на бугарските војски, се ослободува од српскиот окупатор. Педа по педа, село по село, Тиквешијата се ослободува. Како што изминуваат деновите во борба, населението се повеќе и повеќе влегувало во востанието и немало куќа во Тиквешијата, која што не била крената против омразениот непријател, а на позициите имало и многу жени и малолетни деца. Една од нив била Ефка Донова Мојсова. Таа била член на Организацијата уште како невеста. Уште во 1900 година земала учество во убиството на „семоќниот“ и познат по својата жестокост турски разбојник Усеин Капидан.
Борбите продолжуваат деноноќно, со ентузијазам за конечна полна слобода од српското угнетување, а надеж даваат и гласините дека на помош ќе дојдат и бугарски војски. Но тие надежи брзо ќе умрат, во меѓувреме турски и романски војски навлегуваат во Бугарија и сите сили се стационираат таму. Населението и револуционерите се оставени сами на себе.
Револуцинерниот штаб кој е сместен во Кавадарци, откако започнала борбата се преместил на старата планина Љубаш, која во меѓувреме била изгорена од турците и целата била црна. Таму се формирал штаб, но тој бил составен од неколку души, останатите биле на позициите и воделе борба. Цели седум денови населението во Тиквеш ја очекувало на помош бугарската војска, додека храбро ги одбивале српските напади.
Во меѓувреме, после неколку денови, стигнала една обесхрабрувачка вест. Бугарската војска се повлекла на другата страна на Вардар. Населението паднало во очај. Очајното население, со мисла дека пак ќе се вратат окупаторите, копаат јами во дворовите за да ги скријат сите повредни нешта што ги имаат во домовите. Алишта, нешто пари, покуќнина, килими, афион.
На 7 јули, на Иванден, српската војска навлегува во Кавадарци. Борбата се разгорувала до максимум меѓу ВМРО и населението против српската војска, која била само со мисла за одмазда, масакри и палење на градот.
ВМРО во дефанзива, откако српската војска полека навлегла кон Кавадарци, не успева да ги одбие нападите и да ја врати назад српската војска. Српската војска ги зазема Кавадарци и Ваташа, а востаниците се повлекле кон Кожув планина, додека населението, изморено и гладно, ги напуштило своите домови, бегајќи без да знаат на каде.
Четите, востаниците и населението како оделе кон сите села од Кожув планина, ги наоѓале опустошени и празни. Немале храна, немале засолниште, а мајките со деца, кои не успеале да понесат ништо од дома, биле највознемирени.
Над селото Конопиште војводскиот совет донел одлука населението, жените, децата и старците да се вратат во своите домови, а момчињата и помладите мажи да го земат оружјето и во групи да го преминат Вардар и да бараат спас во Бугарија. Четите на Чакаларов, Чаулев, Ѓаконот, Каранфилов, Спространов и Ѓорлуков се вратиле во своите реони.
Четите го напуштаат бегалскиот логор, разочарани, беспомошни, иако очекувајќи помош од Бугарија, во борба против окупаторот, за конечна слобода на поробениот народ.
Чакаларов на патот за Костурско бил откриен од грчката војска и убиен. Тиквешкиот војвода Дончо Лазаров се упатил кон бегалскиот логор, кој се наоѓал во падината Сопиште. Таму, во Сопиште, било собрано речиси целото население од Кавадарци. Војводата ги советувал да се вратат во домовите оти борбата била изгубена. Бегалците биле избезумени и во неверица. Ако се врателе дома, ќе бидат убиени.
Разузнавачите, кои го следеле движењето на српската војска, информирале дека на 1 јули Неготино било целото изгорено од србите, а како казнена санкција и се живо што останало таму – мажи, жени, деца, биле најжестоко заклани. Вардар дури се затнал од труповите на масакрираните неготинци.
На шестиот ден од бегството на населението, дошол свештеникот Глигор Хаџи Јорданов од Ваташа, придружен од двајца селани. Бегалците биле пресреќни што го гледаат свештеникот, во очекување дека им носел добри вести.
Ја пренел веста дека бил испратен од српската команда во Кавадарци за да се вратат по домовите, дека животот и имотот им биле загарантирани.
Се пуштил глас дека првата група бегалци, која се враќала во Кавадарци, во лозјата била пречекана од турски башибозук и сите биле убиени.
Во селото Бегниште бегалците се пречекани од српски кавалериски вод и од еден поручник, кој им пренел порака дека секој требало да се врати дома, дека на сите живеалиштата им стојат така како што ги оставиле. Крал Петар им „простил“ што се кренале против српската држава.
По тие зборови бегалците се упатиле кон Кавадарци. Од височинката Копачот се гледал целиот град Кавадарци. Од таму страшна слика: во центарот на градот чадот сеуште се кревал нагоре, од Кавадарци немало камен останато.
За три дена целото население се прибрало во Кавадарци, но по тие три дена србите започнале да ги прибираат граѓаните еден по еден. Оние што биле фатени уште во првите денови, биле веднаш стрелани или заклани.
Осумнаесет мажи биле фатени кај селото Моклиште од страна на турски наемници, на чело со Јаја – капидан и биле веднаш заклани.
Други 19 души востаници без оружје, поминувајќи ја српско – грчката граница биле фатени од грците и предадени на србите. Биле убиени сите до еден кај селото Курешница.
Свештеникот кој бил пратен од страна на српскиот командант за да ги разубеди бегалците да се вратат назад, во знак на „благодарност“ бил врзан на кол и исправен спроти силното тиквешко сонце. На тоа место повеќе од 150 души кавадарчани биле врзани за колови.
Сите луѓе кои биле врзани на колови биле стрелани. Тие убивања без суд го потресле целото население на Кавадарци и Тиквеш.
Откако окупаторот во Кавадарци без суд стрелал повеќе од 300 души, во Неготино 283, во Ваташа 89 и во секое село најмалку по 5 души, востаниците кои останале во планината решаваат да останат со местните чети на Мишо Шкартов и Дончо Лазаров и да не се враќаат во домовите.
Откако востанието било жестоко задушено и избеганото население се вратило во домовите, се јавила потреба да се собере житото, кое било оставено во снопови по нивите, но за да отиде до нивите населението било спречувано од нападите на српски и турски наемници. А за излегување на полето требло полициска дозвола. Макар и што ги имале тие дозволи, сепак нападите врз младите жени и работниците во полето било многу чести. Таквата ситуација го натерала населението на Тиквеш да го употреби стариот метод кој бил употребуван во турско време, а тој бил, младите жените да се преоблекуваат и на тој начин да изгледаат како стари баби, за да можат да излезат во полето.
Крајниот епилог од Тиквешкото востание било седумдневното автономно управување.
Биле дадени над 1200 жртви во целиот регион, и тоа во Кавадарци 363 души, Неготино 63, во Ваташа 89, и од сите други села од 5 до 15 – 20 луѓе. Во Кавадарци биле изгорени повеќе од 60 куќи, а од Неготино била изгорена една третина.
––––––––––
ФБ пост на КПД Вардар