Кон крајот на април 1916 година во Софија беше пристигнат коресподентот на големата американска телеграфска агенција „Асошејтед прес“ Георг Шрајнер. Тој го имаше обиколено турскиот фронт во Сирија и Месопотамија и доаѓаше да се запознае со положбата на македонскиот фронт. Шрајнер беше и самиот артилериски офицер и се беше борел во Трансилванија. Тој знаеше што е војна и што е воен човек. Како коресподент, тој беше патувал многу по светот, се беше среќавал со многу луѓе и неговото набљудување беше изострено. Тој беше видел и на други места воени дејствија и воени водачи: беше и следел неколку револуционери во Мексико и во други американски републики. А неговата култура беше широка.

Во еден убав пролетен ден ние тргнавме со Шрајнер за Кустендил, од каде главната команда требаше да го воведе да го посети фронтот на Беласица. Се претставивме на началникот на полската канцеларија, полковник Сапунаров. Разговорот се водеше главно околу војната и Шрајнер разгледуваше со љубопитство една карта на Балканскиот полуостров, закачена на зидот. Во тоа време во собата влезе еден офицер, кого јас на прво поглед не можев да го познам. Тој беше подполковник Борис Дрангов. Стегнат, висок, сув, со испечено лице и со очи, од кои излегуваа искри, тој изгледаше како човек од друг свет, далечен, недостапен – оддаден на занесна напнатост и на херојски идеализам. Дрангов зборува малку, брзо и отсечно. Го напушти кабинетот на полковник Сапунаров. Ние со Шрајнер останавме, додека да се среди нашето заминување. „Кој е тој офицер?“ – ме запраша американскиот новинар, на кого очигледно Дрангов му беше оставил силен впечаток со целиот свој мажествен вид. Јас му кажав со неколку зборови кој беше Дрангов. „Das ist ein Mann“ („тоа е човек“, „ете човек“) – одговори Шрајнер со тон, во кој имаше и симпатија и почит.

Таа сцена јас ја гледам често и зборовите на тој странец, кој беше видел многу во својот живот, уште ми одзвонуваат во ушите. Како да не ги слушам, кога тие ме исполнија со гордост? Зашто и јас, како и сите оние кои го познаваат ентузијастот Дрангов, сум го ценел во него човекот, борецот и водачот. Многу пати оттогаш, особено од фаталниот ден, во кој синот на Македонија падна како даб, истргнат од бура, јас сум го раскажувал тој спомен. Зашто тој е бескорисен сведок за маженствените особини на Дрангов.

На другиот ден после средбата во Кустендил ние бевме под падините на Беласица, од каде што беше дојден Дрангов. На патот меѓу Левуново и Петрич ние видовме една група војници, околу една чешма. Тоа беше чешмата – споменик, направена од самите тие војници – војниците на Дрангов – како споменик за своите загинати другари. Ако Дрангов беше посакал од нив тие да напраат пирамида, тие и пирамида ќе направеја. Зашто имаа вера во својот началник, го следеа како другар и брат и беа готови да ја исполнат секоја негова заповед како доказ на љубовта и долгот. Зашто сите негови дејствија се вдахновуваа од љубов кон нив, кои татковината ја доверија во неговите раце и од возвишено чувство на долг кон истата. Кој не слушал како Дрангов ги гледал војниците и како тие го гледаа него?

„ИМА ДРАНГОВ – ИМА ЛЕБ, НЕМА ДРАНГОВ – НЕМА ЛЕБ“

Тој војнички афоризам, многу популарен по позициите на Беласица, ја изразува со поразителна, груба јасност грижата на водачот кон тие, кои ги води, и силата на љубовта, која прави чуда. Зашто не беше малку чудно, во оние времиња на лишувања и глад, да се нахранат толку илјади грла и од една разнородна маса да се создаде едно здраво тело со една ентузијаситичка душа.

Дрангов го направи тоа.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO