Македонија полека се движи кон уште една од своите катарзи, кои ги имаше толку многу во последниве пет-шест години. Општеството како да не научи да живее без нив. Всушност, како тие да се неопходниот кислород за да може да дише. Чекај ја оваа одлука, чекај ја онаа одлука, па таа средба, па потрагата по разумноста… Да ти се смачи. Но тоа е оваа држава – секогаш нешто е премногу драматично, како да сме во очекување на астероид кој ќе удри токму на планината Бабуна.

Кога некни Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието со воздишка на олеснување рече дека дијалогот и компромисот било можно да се најдат во една итна координација со спикерот на парламентот и да се најде патот за пакетот на економските закони, тоа го објасни со зборовите: „Да не бидеме здодевни за македонската јавност“, појаснувајќи дека тоа се однесува на сите 120 пратеници. Мицевски добро знае дека тоа е токму така – но би требало да биде поостар во самооценката. Квалификацијата за здодевноста  е сепак умерена. Партиите, се разбира, си имаат свои интереси и тие не мора да се поклопуваат со интересите на пошироката јавност. А тие, барем во македонскиот случај, многу често се поврзани со уцени и со закани. Тоа се виде неколку часа по компромисот за економскиот пакет. Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива достави 3.000 амандмани на итните економски закони условувајќи ја помошта за 23.000 граѓани со усвојување на нивниот контроверзен закон за државјанството. Тоа им го ветиле на гласачите во нивната изборна кампања.

Попромашено политичко тврдење не се има слушнато одамна. Ако секој политички ентитет бара да се оствари она што им го ветил на гласачите и се заканува и уценува дека ќе го блокира секое законодавство доколку тоа не помине во Собранието, тогаш уште утре треба да се затвори парламентот, затоа што ќе се изгуби секаква смисла на негово постоење. Не е важно дали си власт или опозиција, дали си во владата или не, дали си победил на изборите или не – моите желби мора да се остварат или нема ништо од демократијата. Зошто утре тоа не би го направиле и ВМРО-ДПМНЕ, Левица, СДСМ, либерал-демократите… Па нека се доведе парламентот до крајната точка на апсурдот, за најпосле да се прогласи дека во таква ситуација и не е потребен.

Кој ги сака понеделниците

Никој не спори дека прашањето за маките на нашите внатрешни апатриди не треба да се решат и дека вината треба да се детектира во погрешните основи на системот за давање на државјанството, но ваквите закани само ќе го отворат патот кон други закани и уцени. Коалицијата АА/А мисли дека со ова блокирање ќе покаже дека навистина си стои до зборот, но крајниот резултат ќе биде погрешна пресметка. Ова е време на драматично брзи политички промени во расположението, па ако на АА/А во овој момент тоа им изгледа опортуно, гневот на оние што можат да останат и без пари и без работа може да нарасне како планина.

Христијан Мицкоски, закрепнат по прележаниот ковид, се врати на својата реторика за постојани закани против „мафијата што е на власт“, веројатно за да обезбеди некаква подобра стартна позиција на средбата со Зоран Заев в понеделник. Загадочно е што тие треба да разговараат еден-на-еден во Клубот на пратениците, па оттаму нејасно е што може да биде испорачано на масата. На таа агенда не мора да биде само одложување на пописот, машините за отпечатоци на прстите за гласањето на локалните избори, откажувањето на некои владини проекти и закони за да може Собранието да профункционира поради тоа што во редовите на мнозинството има заболени од корона, немањето вакцини, драматичниот пораст на заболените од вирусот. На таа агенда можат да се најдат и притворите за некои луѓе, истрагите за одредени случаи и други работи што се поврзани со работите на главната опозициска партија. Во македонското поимање на политиката тоа секогаш е на дневен ред.

Секако, маневарскиот простор на Заев не е толку голем колку што му го даде олеснувањето од изгласаната доверба на неговата влада. Прашањето дека мнозинството има само два пратеника повеќе е повеќе политички спектакл отколку огромен проблем. Се разбира, ако не беше ковидот. Во Израел, на пример, имаше целосни мандати на влади кои владееја со само еден пратеник повеќе. Бенјамин Нетанјаху за тоа е велемајстор. Има влади во Европа (често во Шведска) коишто функционираат како малцински во целиот мандат, па никој од опозицијата не се обидува да ја закочи целокупната законодавна агенда со закани и уцени. Пак, тоа е прашање на зрелоста на демократијата. Заев е во ситуација да калибрира при оценувањето што е прифатливо за него и за партијата, а притоа самиот да не си ја поткопува својата власт. Комплицирано е, па затоа многу поверојатно е в понеделник пред новинарите и Заев и Мицкоски да излезат со изјави дека не го нашле средниот пат за повеќето работи, префрлајќи ја вината на другиот. Доколку има повеќе согласност отколку разидување тоа ќе биде едно од чудата на македонската политика овие години.

Мицкоски вчера нѐ потсети на епизодата со Вес Мичел, високиот американски функционер од Стејт департментот, кога му пишуваше дека било најтемно пред зората. Таа зора што ја најавуваше, не стигна ни на претседателските ни на парламентарните избори. Вес Мичел, тогаш помошник-државен секретар, му го напиша ова на Мицкоски: „Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.  Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор… Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријател и поддржувач на Македонија, Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи“. Мицкоски му одговори дека било најтемно пред зората.

Спринтот со Апасиев

Вчера нему му се јави Метју Палмер, заменик-помошникот државен секретар, чија специфична надлежност е Балканот, да му ја пренесе пораката на новата администрација на Џо Бајден дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да биде конструктивна опозиција. Во соопштението на американската амбасада се вели дека Палмер разговарал со Мицкоски за да ја истакне „важноста што САД му ја придаваат на најновиот НАТО сојузник што има стабилни институции кои демонстрираат евроатлантски вредности, а особено потребата од конструктивна и ангажирана опозиција“. Како и ВМРО-ДПМНЕ да соработува да се надмине предизвикот за решавањето на разликите со Бугарија, „како и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето“.

Но Мицкоски како да не разбрал ништо по онаа епистоларија со Вес Мичел, па вчера неколку часа по разговорот со Палмер, на телевизија Алфа изјави: „Нема да бидеме конструктивна опозиција“. Како да е тоа врвен знак на отпор против американските совети; некој може да ги нарече и барања.

И потоа, во еден спринт со Димитар Апасиев, неговиот архи-ривал во патритоската десница, ќе ги повика граѓаните да не отвораат врата за попишувачите. И да не остане покус од Апасиев тој рече: „За тоа нема кривични пријави, тоа се глупости. Тоа ништо не важи, нека не се плашат, ниту некој може да ги казни казни, ниту ќе ги казни“. Секако дека граѓаните се загрижени дали пописот може да ги доведе во здравствен ризик во време на големиот удар на британската варијанта. И тоа е легитимно стравување. Апасиев ветуваше дека ќе им обезбеди на граѓаните што ќе одбијат да се попишат армија адвокати, а Мицкоски како правно постручен вели дека законските одредби се глупости.

Можеби врвот на заканите беше онаа реченицата околу пандемијата: „За секој човечки живот ќе има одговорност, не може ова вака да помине“. Досега не сме слушнале во ниедна земја во светот дека во оваа ужасна пандемија некој ќе одговарал за секој загубен живот. А можеби и има? Во Северна Кореја. Таму и така диктаторските власти не признаваат дека постои вирусот или дека некој е заболен, а не дај боже да умрел.

Пишува Љупчо Поповски

Извор: ДВ


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO