Бугарија треба да се откаже од разбирањето дека 100% од историската вистина е на бугарска страна. А, Македонците треба да се вгледаат критички во македонскиот историски наратив. Разговор со бугарскиот историчар Стефан Дечев за ДВ.

ДВ: Г-дине Дечев, премиерот Бојко Борисов во понеделник разговарал по телефон со неговиот колега од Република Северна Македонија Зоран Заев. Според Борисов, двајцата постигнале согласност дека ʺрешенијата, кои што и двете држави треба да ги донесеме во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не треба да бидат одложувани, како во име на нашата заедничка историја, така и во името на нашата заедничка европска иднина“. Означува ли тоа, според вас, дека пред изборите во Бугарија може да се излезе од досегашната криза?

Стефан Дечев: Тоа означува дека и двајцата премиери се свесни за една работа: треба да се бараат решенија. Ситуацијата – таква, каква што беше создадена на крајот на 2020 година и особено по бугарското решение за вето – не може да продолжува долго. Не може да се продолжува напред на базата на бугарската Рамковна позиција и Декларацијата на парламентот или Објаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на ЕУ есента 2020 година. Но, не може да продолжи напред и со позицијата на Скопје, според која Северна Македонија не преговара за јазик и идентитет. Не треба и работата на Заедничката комисија да врви со темпото. со кое врви во моментот и кое очигледно го предизвикуваат целото незадоволство од бугарска страна.

ДВ: Т.е., до 4 април, не треба да очекуваме ништо суштествено, според Вас. Ако така и стане: какви се можностите да има напредок по изборите, во зависност од парламентарната констелација и новата влада во Софија?

Стефан Дечев: Не можам да ги прогнозирам резултатите од изборите. Сметам, дека не може да стане до изборите, најмногу заради претходните ставови и заради начинот на кој присуствува темата во предизборната кампања. Таа не е многу силно претставена, кое што не ме изненадува. Во Република Северна Македонија, таа тема отсекогаш била поважна. На крајот на 2020 година, таму тоа беше втората по важност тема по коронавирусот, додека во Бугарија секогаш била една од многуте други теми.

Нека да се вгледаме внимателно во изјавата на премиерот Борисов. Таму многу јасно е кажано дека двете земји треба да се вратат на теренот на договорот од август 2017 година и на вградениот таму поим за заедничка историја – и тоа да да биде со оглед на европската иднина. Кое што, според мене, означува, дека деблокирањето на ситуацијата е возможно само ако бугарската страна се врати кон договорот и се повлече од Рамковната позиција и Декларацијата на парламентот, а од македонската страна се осуштестви враќање на нејзините членови кон работата на Комисијата, по начинот на кој таа работеше до февруари 2019 година. Тогаш беа прифатени задоволителни формулации во однос на заедничките историски личности, кои двете држави официјално ги одбележуваат: Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски итн.

ДВ: Кажавте дека темата за односите со Северна Македонија не е силно представена во предизборната кампања. Но, какви се ставовите на најголемите политички партии во Бугарија кон евро-членството на Северна Македонија и кон спорот меѓу двете земји? Што може да се очекува од новиот играч – партијата на Слави Трифонов ʺИма таков народ“?

Стефан Дечев: ʺИма таков народ“ на Слави Трифонов како политичка партија, всушност продолжува една тенденција од последните децении, која придонесла за култивирање во бугарското општество на масовни, популарни претстави за Македонија. Тоа беше, така да се каже, ʺраспуштање“ на бугарскиот наратив – таков каков што бил создаден по крајот на 1960-тите години. Во рамките на една популарна, комерцијална култура, на едно популарно, комерцијално шоу во голема мера се создадоа претстави, кои го оформуваат разбирањето за Македонија на најмалку две поколенија Бугари, кои пораснаа по промените во 1989 година. Вотаа смисла, не сметам дека тоа би дало можност зса маневрирање на идната влада, која би требало да семе некакво решение, за да ги деблокира преговорите меѓу Софија и Скопје.

ДВ: Вие многукратно сте заземале однос за ова прашање како еден од најистакнатите набљудувачи на оваа тема, но во актуелната ситуација, да ве прашаме повторно: Разумно ли е Бугарија да продолжи да ја запира евро-интеграцијата на Северна Македонија?

Стефан Дечев: Не е разумно. Се разбира, и двете страни треба да погледнат многу сериозно на ова прашање. Да, навистина сум го кажал многу пати, но ќе повторам и сега: Многу е важно Бугарија да се откаже од разбирањето дека 100% од историската вистина е на бугарска страна и дека македонците треба речиси да го препишат бугарскиот историски наратив . А Скопје, македонските политичари и државници, како и македонската историографија, треба да се збогуваат со убедувањето дека можат да поминат низ целиот преговарачки процес без критички осврт кон македонскиот историски наратив. Ако нема такво позиционирање, како на Софија, така и на Скопје, мислам дека нема да има и деблокирање на преговорите. Како еден почеток, можеби е неопходно од страна на Софија, една покатегорична декларација за нешто, кое многукратно веќе е кажувано: дека Бугарија ги признава сегашните реалности, а имено, постоењето на македонска нација и македонски јазик. А, од страна на Скопје, треба да има враќање кон работата на Историската комисија, кон методологијата и начинот на работа што преовладуваше во оваа комисија до февруари 2019 година. Со еден таков пристап, мислам дека за околу две години историските проблеми можат да се решат во своите главни делови.

––––––––

Стефан Дечев завршува историја на Софискиот универзитет ʺСв. Климент Охридски “. Специјализира на Универзитетот во Амстердам и Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Автор е на бројни студии од областа на современата бугарска историја и историографија. Предава на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Универзитетот во Софија.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO