Фото: Роjтерс

Околу 50 милиони литри пиво ќе бидат исфрлени како резултат на затворањето на пабовите за време на локдауните во Велика Британија. Асоцијацијата на британското пиво и пабовите ја нарече ʺсрцепарателна“ загубата, што е еквивалентна на 331 милиони фунти.

Угостителството е еден од најпогодените сектори од пандемијата, а претседателката на Асоцијацијата Ема Маккларкин ја повика владата да им помогне на сопствениците на пабови.

Според законот, бурињата со пиво што не биле продадени пред да истече нивниот рок, треба да бидат вратени во пиварниците и да се истурат. Рокот на траење на пастеризираните пива е во просек 3-4 месеци. Се проценува дека оваа количина пиво (50 милиони литри) може да наполни 20 олимписки базени.

Околу 40 милиони литри пиво биле исфрлени уште за време на првиот локдаун. Веста е уште потажна за овој сектор, бидејќи пред пандемијата имаше заживување на пабовите по повеќегодишно опаѓање.

Сега има податоци дека многу од постоечките околу 39 000 пабови се затворени или имаат сериозни тешкотии.

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO