Дописници, размена на тв-програми и договори за соработка меѓу универзитети, се првите чекори со кои ќе се враќа довербата меѓу двете соседни земји, пишува ДВ.

Во процесот на градење доверба меѓу Скопје и Софија се подготвуваат заеднички проекти во медиумите, образованието, културата и бизнис заедниците, потврдуваат за Дојче дипломатски извори, откако вчера одекна веста дека од први март Бугарската национална телевизија (БНТ) ќе реемитува програма во Македонија преку операторот Телеком. Но, според нашите извори, тоа не е сѐ.

ʺМИА ќе има конечно свој дописник од Софија, а БТА од Скопје, и се очекува средба на директорите на двете новински агенции. Претставници на националните телевизии БНТ и МРТВ имаа средба во Скопје на високо ниво, се очекува потпишување на договор за размена на дописници, културни и забавни програми, тв-серии и отворање на месечни тв -мостови. Во делот на медиумите се подготвува влез на неколку бугарски тв-канали со регулирани авторски права, на платформата на Макс ТВ на Телеком. Соработка се планира и во културата. Се подготвуваат документи за учество на бугарски експерти во обука и конзервација на фрескозаписите и конзервација на ракописите во НУБ“, велат дипломатски извори запознати со планираните активности за медиумска и културна соработка, кои треба да придонесат за подобра комуникација меѓу двете земји.

Според нашите соговорници, реални се очекувањата да се влезе во политички преговори за надминување на спорните прашања меѓу двете земји по изборите во Бугарија на 4-ти април. Но, влијание врз тоа ќе има и фактот дали заедничката историска комисија ќе има продуктивна сесија кон крајот на февруари.

Дописници и размена на програми

Од МРТВ и МИА ги потврдуваат дел од новостите, но велат дека тоа е во рамките на нивните тековни активности.

ʺПред десетина дена овде имавме средба со претставници на БНТ“, ни потврди директорот на МРТВ, Марјан Цветковски.

На средбата било договорено да се обнови договорот што го имале потпишано во 2014 година, за кој Цветковски напоменува дека бил потпишан на македонски, бугарски и англиски јазик. Договорот имал важност од пет години (3 + 2) и веќе е истечен.

ʺOвие денови нашите тимови работат на текстот на новиот договор и после тоа ќе следи потпишување. Договорено е да започнеме со размена на дневно-информативни програми, да започнеме постапка за отворање на дописништва, за размена на програми од областа на туризмот и културата, како и интензивирање на сработката во рамките на ЕБУ. Овие средби се во рамките на нашата редовна комуникација сo јавните сервиси“, потенцира Цветковски.

Директорот на МИА, Драган Антоновски, вели дека конечно успеале да реализираат една од нивните, одамна планирани активности.

ʺМИА за првпат има дописник од Бугарија. На овој начин го заокруживме нашиот план, МИА да има дописници од целиот регион и од престолнините на сите соседни земји – од Атина, Тирана, Белград, Приштина, а од почетокот на оваа година, и од Софија. Деновиве ќе имаме средба во Софија со штотуку именуваниот нов директор на БТА, агенција со која МИА има веќе 20 годишна соработка, а целта на средбата е да се прошири соработката, повеќе од тоа што е во пакетот на АБНА – Асоцијацијата на балканските новински. Во фокусот ќе биде мултимедијалниот пристап, професионалните стандарди и борбата против лажните вести“, вели Антоновски.

Од Трново до Свети Николе,од Пловдив до Скопје

Соработка меѓу двете соседни земји веќе се реализира и во сферата на образованието, пред се, во високото.

ʺВо образовната сфера се завршува постапката за акредитација на Универзитетот од Велико Трново за соработка со Меѓународниот Славјански универзитет во Свети Николе. Новиот бугарски универзитет (НБУ) од Софија чека акредитација за мастер студии од областа на европското право, а Универзитетот од Пловдив склучи договор за соработка со Европски универзитет во Скопје“, објаснуваат нашите соговорници.

За претстојната соработка информираше и Европски Универзитет, соопштувајќи дека на 13-ти јануари годинава склучиле Меморандум за соработка со Медицинскиот Универзитет во Пловдив (МУП), државна високообразовна установа со 75-годишна традиција во областа на медицинската едукација, и втор универзитет по големина во Бугарија. „Изразуваме благодарност до МУП што го препозна квалитетот и потенцијалот на Европски Универзитет и пристапи кон официјализирање на соработката која што е прва од ваков тип во регионот – директна и отворена соработка помеѓу приватен и јавен универзитет од две различни држави“, соопшти Европски Универзитет. Оттаму објаснуваат дека фокусот во оваа фаза е насочен кон Факултетот за дентална медицина на МУП, за што во скоро време ќе бидат преземени чекори за размена на академски кадар и студенти, специјалистички стаж, истражувачка работа на докторанти, заедничко учество во научно-истражувачки проекти, симпозиуми и научни конференции.

 

 

Сите што сакаат да ја потпомогнат дејноста на новинарскиот сајт ТАТКОВИНА како и отпочнувањето на заедничко онлајн предавање меѓу РС Македонија и Бугарија со тројца докажани новинари од двете држави може да го направат на платформата ХЕЛПКАРМА со кликнување овде
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO