
Фото: Роjтерс
Производителот на електрични превозни средства ʺТесла“ ќе добие една милијарда евра субвенции од германскиот буџет за изградба на фабрика за батерии во предградието на Берлин, соопшти ʺБизнис инсајдер“.
Субвенциите, дел од државната поддршка за 11 компании чии активности се поврзани со автомобилски батерии во рамките на таканаречениот „важен проект од заеднички европски интерес“, ќе бидат исплатени од федералната влада и регионалната провинција Бранденбург, пренесе Ројтерс, цитирајќи го ʺБизнис инсајдер“, кој се повикува на извори од германската влада.
Елон Маск, раководителот на Тесла, во ноември минатата година објави план за изградба на фабрика што ќе започне со работа на 1 јули 2021 година со годишно производство од 500 000 автомобили.
Планот на американската компанија е да расчисти 300 хектари земја, која е засадена со 92 хектари шума, но конечното одобрение се дава од локалните власти, кои се судираа со замерките на еколошките здруженија.
Тесла има две мега-фабрики во САД и една во Шангај, Кина.
