Оваа вакцина не ја користи ниту една западна земја. Таа, се разбира, не е забранета, но официјално не е поддржана и, што е најважно, не е авторизирана за употреба на територијата на Унијата

Гостувајќи во последната ланска емисија на Инфомакс, непосредно пред Нова година, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристјан Мицкоски говореше за неколку теми. Една од нив беше и ковид-19. Tој се задржа на прашањето за користењето на руската вакцина „Спутњик V“, за која рече дека е „анатемисана“, иако истата, наводно, се користела во западните земји (конкретно беше спомената Германија).  На таа негова констатација веќе има дури и шеги на социјалните мрежи.

Конкретно Мицковски по ова прашање се произнесе вака:

Инаку, чисто за една илустрација, еве да ви кажам, мојата сопруга има братучетка, која што работи со нејзиниот сопруг во Готинген, тоа е на Универзтетот Макс Планк, сериозен институт во Германија и таа пред некој ден, разговаравме по телефон, кажа дека ако ние веќе ги анатемизираме руските вакцини, кажа дека и во Германија луѓето ги користат руските вакцини. Ако тоа, вака, нешто значи…. И се проверени и имаат добиено дозвола, значи и самата Германија ги користи, Европската унија (ги користи – н.з.) тие вакцини. Така што, ако нашиве се плашеле од руските вакцини, од друга страна, не им е страв да извезуваат земјоделски производи, конзервирани производи, кои се од компаниите на Заеви во Русија, тогаш тоа е лицемерие, затоа што сега тука станува збор за здравјето на граѓаните, тука нема политика.

(…) Но, политичко е прашањето дали за овие што сакаат вие сте обезбедиле сѐ што треба за тие да добијат вакцина. Па дали таа била руска, америчка, германска, македонска, не знам, кинеска, индонезиска, вие треба да обезбедите. Чим СЗО, чим Европска унија тие истите ги регистрирала, не ја гледам причината… ако е точно тоа дека тактизирале и дека направиле, би рекол, таков пропуст, потенцираше Мицкоски.

(Извор: Инфомакс, (од 1:03:48 од видеото),  датум: 29.12.2020)

Истата информација ја пренесува и „Денешен“ со наслов „Заев не сака руски вакцини, ама сака руски пари кога неговите фирми таму извезуваат“ каде се говори како Заев „одбил помош за руските вакцини“, небаре се работи за некакви бесплатни вакцини!

Вистината е сосема друга. Порталот на Европската агенција за лекови (ЕМА), која што е главна и централна агенција која дава препораки за авторизација за користење на вакцините и лековите на територијата на ЕУ, кои потоа, во рок од 67 дена) ги усвојува Европската комисија, покажува дека досега се дадени итни авторизации за само две вакцини – Comirnaty (се мисли на вакцината на Фајзер и Бионтек) и вакцината на Модерна. Тоа јасно се гледа од оваа страница на сајтот на ЕМА, каде што итна авторизација за користење на територијата на Унијата имаат добиено само две вакцини и ниедна друга. Националните власти на земјите членки на Унијата, исто така, имаат право да даваат авторизации за лекови, но тоа се однесува само на генерички лекови и лекови кои можат да се добијат без рецепт. И, се разбира, новите вакцини, кои производителите имаат намера да ги продаваат во земјите членки на Унијата се регистрираат преку ЕМА и Европската комисија зашто само така таквите вакцини можат да се дистрибуираат на територијата на целата Унија.

Ова е конзистентно со пишувањето на светските медиуми:

Владата денеска ја прифати препораката на Агенцијата за лекови и здравствени производи и одобри употреба на вакцината на Фајзер и Бионтек, соопштија од британската влада“.

Вака стојат работите на Островот. А како стојат работите во споменатата Германија?

Првата пратка од вакцините против Ковид-19 на ’Модерна’ ќе пристигне денес во Германија, најави министерот за здравство, Јенс Спан. Тој за јавната телевизија ЗДФ изјави дека „Модерна“ ќе испорача 2 милиони дози до крајот на март и речиси 50 милиони дози во текот на 2021 година.. Вакцината на фармацевтска компанија „Модерна“ е втора одобрена вакцина во Европската Унија, по вакцината на БајоНТек/Фајзер, која е одобрена во декември, јави турската агенција Анадолија. Оваа вест во скратена форма ја пренесе и самиот „Инфомакс“.

Патем, да споменеме дека и во САД, каде здравството е приватно, новиот претседател Џозеф Бајден предвидува помош и за населението (како дел од борбата со вирусот)  но и кофинансирање на транспортот на две од постојните вакцини. Тоа се „Фајзер“ и „Модерна“.

Сите овие информации покажуваат дека овој сегмент од интервјуто на Мицкоски, каде што тој тврди дека „во Германија луѓето ги користат руските вакцини“ или дека СЗО и Европската унија „тие истите ги регистрирала“, е невистинит. Уште повеќе што Светската здравствена организација нема надлежност да регистрира вакцини. Во Европската унија, како што видовме, тоа го прави заедничка агенција, но во остатокот од светот тоа го прават националните власти, односно специјализирани институции креирани и овластени од националните власти во секоја земја.

Се разбира, не е невозможно, руската вакцина да започне да се употребува и во Европската унија и тоа особено ако во Унијата се појави недостиг на вакцини од некоја причина. Ниту, пак, е невозможно руската вкацина да започне да се произведува во ЕУ со огледн а тоа што Унијата има пооглеми производни капацитети од Русија. Но, тоа до овој момент не е случај и не е извесно дали воопшто такво нештои ќе се случи. Светските медиум известија дека канцеларката Ангела Меркел во разговор со рускиот претседател Владимир Путин изразила спремност руската вкацина да се произведува во Германија, на пример, но само доколку ЕМА даде позитивна препорака за оваа вакцина. Но, до овој момент, едноставно не е точна изјавата Мицкоски дека оваа вакцина се користи во Германија или на територијата на унијата затоа што таа воопшто нема ни препорака на ЕМА, ниту, пак, одобрение на Европската комисија.

––––––––––––

Пишува: Љубомир Костовски за vistrinomer.mk

Сите што сакаат да ја потпомогнат дејноста на новинарскиот сајт ТАТКОВИНА како и отпочнувањето на заедничко онлајн предавање меѓу РС Македонија и Бугарија со тројца докажани новинари од двете држави може да го направат на платформата ХЕЛПКАРМА со кликнување овде
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO