Бугарија многу греши, времето за тормозење над Северна Македонија заврши, вели во интервју за ДВ поранешниот американски амбасадор во Софија Џејмс Пердју. Настаните во неговата татковина тој ги коментира кратко и јасно: ʺТрамп не посрами, со него е свршено“.

ДВ: Г-дин Пердју, вие сте воен човек и дипломат. Видовте што се случи во Вашингтон минатата седмица. Како ќе се врати имиџот на Соединетите држави во странство и како американското општество ќе најде сила да ги надмине овие сцени?

Џејмс Пердју: Да, повикот на претседателот Трамп кон крајно десни разбојници да го нападнат Конгресот на Соединетите држави беше шокантен за Американците и сериозно го наруши имиџот на САД ширум светот. Но, тоа исто така означи крај на погубната администрација на Трамп. Тој ја прекрши својата заклетва и ја обесчести нацијата што ја претставува. Со Трамп е свршено.

Закрепнувањето ќе одземе време, но Соединетите држави брзо ќе се вратат на компетентната демократија и управување. Не би се обложил против Соединетите држави поради неуспесите во претседателствувањето на Трамп.

ДВ: Како поранешен амбасадор на САД во Бугарија и еден од иницијаторите на Охридскиот договор, вие добро го познавате Балканот. Дали ја следите моменталната тензија меѓу Софија и Скопје? Која е вашата проценка и која е официјалната позиција на Стејт департментот?

Пердју: Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок како на Бугарија, така и на Северна Македонија. Сметам дека е грешка, бугарската влада да го блокира процесот што ќе доведе до присоединувањето на Северна Македонија кон Европската унија. Точно обратното: Бугарија треба да биде радетел за членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Затоа што влегувањто на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија.

Сигурен сум дека Стејт Департментот го поддржува брзото решавање на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија, макар што темата ги засега основно Европската унија и нејзините членки.

ДВ: Како може да изгледа исходот од создадената ситуација? Дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор?

Пердју: Долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ го охрабрува тоа. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија споделуваат заедничка историја и култура, но Бугарија е понаметната модерна нација и во гонењето на своите цели ја има предноста од членството во ЕУ. Двете држави се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, ако свртат грб на некои од помалку важните прашања.

Националистите во Бугарија набљудуваа како Грција го искористи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за тормозење над Северна Македонија заврши.

Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете држави. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И никоја држава не би требала да го има правото да принудува друга нација да ја менува својата историја. Нека историчарите и експертите ги расчистат спорните точки со текот на времето. А во меѓувреме, Софија би требало да ги поддржи, а не да ги блокира, поривите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Сè друго е недалекувидно.

ДВ: 2021 е годината, во која се очекува конечно да се ослободиме од пандемијата. Каква е вашата прогноза: Да очекуваме ли повеќе стабилност во наредните месеци? Или да страхуваме дека ситуацијата ќе станува се покомплицирана?

Пердју: Не сум експерт за пандемии, затоа ќе споделам лично, а не научно мислење. Администрацијата на Трамп потфрли и не покажа лидерство за време на пандемијата. Сега американците плаќаат висока цена за неспособноста на Доналд Трамп.

Сите ние се наоѓаме во еден натпревар меѓу вакцинирањето на населението и континуираното ширење на вирусот. Но, јас сум оптимист дека до крајот на годината Ковид-19 ќе биде под контрола во поголемиот дел од светот. Истовремено, меѓутоа, се плашам дека следните неколку месеци ќе бидат тешки за многу нации, вклучително за мојата.

 

 

 

Сите што сакаат да ја потпомогнат дејноста на новинарскиот сајт ТАТКОВИНА како и отпочнувањето на заедничко онлајн предавање меѓу РС Македонија и Бугарија со тројца докажани новинари од двете држави може да го направат на платформата ХЕЛПКАРМА со кликнување овде
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO