Господине Мехмети, еве сме ние пак, Културно Просветно Друштво Вардар и денеска за вас извади мал дел од илјадниците книги и документи во врска со Бигорскиот манастир, неговата дејност и неговата важна ролја во културно просветниот живот во Македонија, како под османлиското ропство, така и под српско ропство.

Во вториот дел од нашето послание, господине Мехмети, ќе ставиме акцент повеќе на самиот манастир, неговата внатрешност, неговата просветна дејност и помошта од манастирот што револуционерното дело несебично ја добивало.

Оти цврсто сме уверени во тоа дека околу тие работи, или не сте воопшто запознаени, или пак премногу малку сте запознаени. Да бевте некаде насреде, ние веруваме дека немаше такви небулозни изјави да давате и да навлекувате гнев без нималку потреба.

Ќе одиме најпрво со манастирската црква, фреските и иконостасот. Ова е извадок од Љубомир Милетиќ, а извадокот е од неговата книга “Историски и уметнички споменици во манастирот Свети Јован Бигор (дебарско). Книгата е издадена во 1918 година. Многу време пред втората светска војна, и сега да видиме каде се споменува Бигорски манастир како албански манастир со албанска богослужба.

“Манастирската црква е големо здание, кое прави, одвнатре гледана, силен впечаток главно со големата купола, покрај која напред, од кај влезот на црквата, има и една помала купола. По основниот план црквата е комбинација од ротонда со примеси по образец на византиските двокополни цркви. Непознатиот архитект, очигледно многу надарен мајстор од дебарско, можел да се раководи при составувањето на својот план по образци од двата типа, какви што ги има на пример во Солун. Треба да се признае, дека неговиот концепт е оригинален. Втора црква од тој род во западна Македонија нема, и таа заслужува поосновно да се опише од специјалисти. Влијание на истиот стил наоѓам и во големата црква со една купола во склоп на манастирот “Пречиста“ до Кичево, која е направена во тоа време и очигледно од мајстори од истата школа, макар и далеку послаби уметници. Големата купола е изографисана до половината на првите прозорци. И малата купола има фрески, но тие се од поново време и многу неуметнички изработени.

Во дното на големата купола е ликот на Семоќниот, а околу него се редат ликови на ангели: престолот со евангелие, ангели го носат Исус Христос, прострен на плаштаница. Во вториот круг се наредени пророците со бугарски натписи, пророкот Данаил, Езекиј, Исаија, Елисеа, Давид, Захариј, Михеи, Саломон и други. Следуваат фрески во третиот круг, сцени од светото Писание- “предание Јудеово“, тајната вечера, успение на света Богородица, воскресение Христово, света Богородица го оплакува симнатиот од крст Спасител, преображение Христово.

Во дното на малата купола е изобразен свети Иван Претеча со ангелски крилја и во рацете со исечената глава и со натпис наоколу: что та наречем пророче, аг гла ли, ап ла ли или мника, аг ла зане како безплотен и пр.

Остатокот од текстот, господине Мехмети, го имате подолу. За да се уверите самиот што пишува. И е напишано на старославјански јазик. И за чудо, никаде не се споменува албански манастир.

Сега да напишеме нешто и околу надалеку познатиот иконостас.

“Најскапоцениот украс на манастирскиот храм, кој секогаш ќе привлекува љубопитни посетители од најдалечни места, е уметничката резба на иконостасот, изработен од локални самоуки уметници резбари, кои го учеле тоа искуство по наследство, се гледа, од старо време. Од распрашувањето во манастирот и во блискиот Галичник се установи дека мајсторите произлегуваат од Галичник и од блиските бугарски села Осој и Гари. Главниот претставник на таа резбарска школа бил Макариј Негриев Фрчковски од Галичник. Истиот Макариј со свои другари го работел иконостасот на црквата св. Богородица во Татар Пазарџик, каде што и умрел. Не останува никаков сомнеж дека истите уметници работеле и во Пазарџик, оти во одделене мотиви на орнаментот и во двата иконостаси се едни и исти. Разлика има во несразмерно поголемата прецизност на изработката и богатството на орнаменталната композиција, со кој се одликува иконостасот во св. Јован Бигор. Истите тие мајстори го правеле и иконостасот на црквата св. Спас во Скопје. На враќање од Дебарско јас застанав во Скопје и се убедив, дека навистина и тука нашите мијаци уметници создале таков скапоцен споменик, иако и тој да не е толку уметнички направен, како иконостасот во св. Јован Бигор.

“Иконописците биле исто така од Македонија. Главните икони по икоостасот се дело на некој Димитар Михајлов од село Самарина (во битолско). Тој бил, се гледа, грчки воспитаник, веројатно иконопиство учел на Света Гора, што се забележува и во манирот да се прави поживо и поприродно човекот во иконите. Боите се силни, а згора на тоа иконите се на златен фон и силно лакирани, изгледаат како нови  и многу светат. Под иконите има натпис на бугарски со имињата на ктиторите, а на поглавните икони од почеток или на крај на натписот се споменува и името на иконописецот Михаил или на син му Димитар Михајлов, и тоа на грчки со грчки букви, и се гледа подолу од самите натписи. Тие натписи се важни сведоци за бугарскиот карактер на православното население во тој крај во почетокот на минатото столетие.“

Еве господине Мехмети, што пишува Љубомир Милетиќ за Бигорскиот манастир, далеку пред втората светска војна. Книгата е издадена дури во 1918 година.

Сега ќе се префрлиме кај авторот Апостол Христов Фрчковски од Галичник. Тој во своите спомени,напишани во 1941 година за Бигорски манастир и за револуционерното дело во Мијачкиот крај, вели вака:

“За време на подготовката на Илинденското востание, манастирот “Св. Јован Бигор“, во лицето на неговите управители, игуменот Партениј и другите монаси, беше во полна услуга на Галичко – Реканскиот револуционерен комитет. Манастирот не само што служеше како главна база на дејствување во подготовката на комитетот, за да може сите села околу река Радика да бидат организирани и покрстени како членови на ВМОРО, од чии села се јавија доста смели и решителни дејци. При тоа во манастирот се даде прибежиште на доста револуционерни дејци, и истовремено во него се образува оружен склад. Сите тие служби беа исполнувани смело и умно од игуменот на манастирот јеромонах Партениј и неговите собраќа монаси Гаврил Карапела и Гаврил Руснаков со своите помошници: Никола и кираџијата Секула од кичевско. Особено Гаврил Руснаков беше добар техничар.

Двајцата монаси, по нивна самоиницијатива, потпомогнати од игуменот, излегоа и направиј две топчиња со експлозивни школки. Топчињата беа кренати и однесени  со тешка мака од браќата Канчевски заедно со Никола и кираџијата Секула, изнесени по стрмнината нагоре над манастирот во местноста “Крајца“, од каде браќата Канчевски, галичани, со своите здрави коњи ноќно време ги пренесоа преку Бистра планина, придружени со милиција од Галичник и ги префрлуваат на определениот пункт над село Душегубица. Со тие две топчиња ноќта на Илинден се навести во Копачка Илинденското востание. “

Еве го господине,вашиот “албански“ манастир Свети Јован Бигорски, а не Јоаким, како врши некаква богослужба на албански јазик.

Помага на славната ВМОРО како знае и умее. Со сите свои монаси, тогаш присутни во манастирот. Игуменот Партениј, и тој исто. Со сите свои расположливи сили и средства.

Господине Мехмети, ако сакате уште да читате за нашата светост, Бигорскиот манастир, ќе ви овозможиме книги и литература, напишани од просветни дејци од Македонија, поточно родени во Галичник и околните села.

Пак би сакале да напоменеме, господине Мехмети, таков зналец како вас, во ниту еден случај не би требало ни да помисли да даде таква небулозна, невистина и шовинистичка изјава, оти ако зборот лаже, книгата не лаже.

А извадоците од книгите говорат некои други работи, кои се косат со вашата изјава по секоја точка.

Очекуваме извинување од вас господине Мехмети, да бидете малку доблесен, како што и знаете да давате небулозни изјави од ракав извадени и да се извините на македонскиот народ за изнесените невистини во врска со Бигорскиот манастир.

И за крај, господине Мехмети, ако веќе сте решени да рушите некакви комунистички митови и да работите за зближување на народите, да ги скршите комунистичките пранги и комунистичките лаги, добро би било да излезете и јавно да се произнесете, кој тоа ја сруши црквата во Ростуше ?!?!

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO