По повод небулозната изјава на Ким Мехмети од пред неколку денови, а во врска со неговата, помалку смешна теза, дека Бигорскиот манастир бил албански манастир во минатото, Културното Просветно Друштво Вардар чувствува потреба да се изјасни по повод тоа.
Ние, како Културно Просвено Друштво, составено од млади луѓе историчари, интелектуалци и вљубеници во историјата на Македонија, кои немаат проблем да се соочат со забранетата историја на Македонија,а која во комунистичкото минато на нашата држава беше строго забранета, за која вие тврдите дека е виновна за разделувањето на народите, но всушност се служите со исти комунистички лаги и методи за да предизвикате збунетост и непотребна омраза кај народот, би ве посоветувале прво да прочитате некои историски книги поврзани со историјата на манастирот и потоа да излезете на мегдан и да продавате публицитет.
Историјата за нас како културно просветно друштво е ФАКТОГРАФИЈА, односно факти и докази, а не муабети од типот “на дедо ми другар, па негов комшија“.
Па ако се водиме според тие факти и докази,а поврзани со нашата светост, Бигорскиот манастир, ќе увидиме дека во целосното минато на манастирот, според сите книги во манастирот, а и историските книги поврзани со манастирот, таму црковните служби се воделе на старословенски јазик и на ниту еден друг јазик !
Би сакале да ги прочитаме тие ваши историски книги поврзани со манастирот. Книги во кои Бигорскиот манастир е запишан како албански манастир и дека во тој манастир се вршеле богослужба на албански јазик.
Немаме проблем да го надоградиме нашето знаење и интелектуалност со вашите книги господине Мехмети.
Да прочитаме, се осознаеме, а и остатокот од народот да прочита нешто плус за манастирот и неговата историја.
Да се просветлиме.
Но дотогаш, господине Мехмети, додека ги пронајдете тие книги, ние чувствуваме должност да ви се обратиме вам, со извадоци од историските книги поврзани со манастирот, далеку пред Втората светска војна и вашите тврдења за некаков албански манастир.
Оти нели, за нас историјата пред се, е ФАКТИ И ДОКАЗИ.
Ќе извадиме цитат од авторот Стамат Стаматов, од село Дренок, дебарско. Тој пишува за Бигорскиот манастир и за монахот Јован Дебранин, осмиот патријарх и првиот архиепископ на Охридската патријаршија.
Тој во својата книга вели вака, господине Мехмети:
“Од девет полни столетија, во коешто бугарско дебарско поминало туѓо ропство- византиско, српско и турско, само една светост е сведок, а тоа е манастирот “Свети Јован Бигор.“ Тој манастир, кој во епохата на нашата преродба беше единствената келија за изучување на славјано – бугарската писменост и преку неговите ѕидови минаа плејада наши духовници и општественици, а тоа се Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Архимандрит Анатолиј, Архимандрит Иларион, Партение Нишавски, Хаџи поп Теофил и најпосле митрополитот Козма Пречистански, би можел ако не да ни даде, да не наведе на името на монахот Јован Дебранин, патријарх и архиепископ на Охридската духовна катедра.
По местоположба, по архитектура, по уметничка резба, по иконопис, лична творба на дебарскиот гение, едвај дали има друга рамна на неа.
Најценетото е чудотворната икона на свети Јован, која е многу стара и која според манастирското предание само дошла во новата црква од стариот храм, кој бил на друго место – од една мала црквичка, недалеку во гората, каде се наоѓала скала со шуплив камен “бигор“, како што тој се нарекува во Дебарско и од таму е името на манастирот “Бигор“.
До тука, господине Мехмети, ниту збор за тоа дека Бигорски е некаков албански манастир, кој богослужел на албански јазик.
Да отидеме до Љубомир Милетиќ, кој неколку пати го има посетено манастирот и е еден од најзначајните дејци на славната ВМРО.
Ќе се осврнеме малку на вистинското име на отец Партение.
Љубомир Милетиќ во својата книга “Историски и уметнички споменици во манастирот Свети Јован Бигор“ вели вака:
“Вистинското име на отецот Партение е Петар Гаврилов, роден во 1888 година во село Доленци, кичевско. Учел во Кичево и Дебар, каде што завршил трикласно училиште, а после тоа и семинаријата во Цариград. При покојниот дебарски владика Козма служел десет години како ѓакон. Уште шеснаесет годишен, отец Партение, фатен од турците во врска со Внатрешната Револуционерна Организаија, лежел во затвор, прво во Дебар и во Битола, после и во Струга, Ресен и Охрид. Ослободен бил веднаш после Битолското востание (1903година), кога после убиството на рускиот конзул Ростковски беше дадена амнестија. За време на српската окупаија на Македонија тој бил затворен од србите, успеал да избега во Бугарија, каде го поминал емигрантството во Неврокоп кај владиката Козма, а после ослободувањето на Дебарско веднаш се вратил назад заедно со дедо Козма во Дебар. На Коледе 1915 година и двајцата пристигнале во својот манастир Свети Јован Бигор.
Првата бугарска војна со Турција во 1912 година, отец Партениј тогаш бил игумен во истиот манастир. Штом се почнала меѓусојузничката војна, србите дошле во манастирот со 30 души стражаи, го дигнале од тука и го интернирале во Кичево заедно со владиката Козма. Бидејќи одбил да го признае српскиот владика Варнава за духовен началник, отецот Партение бил фрлен во кичевскиот затвор, каде тогаш имало до 150 души бугари, осудени на смрт од српскиот комитет “Црна рака – мртва глава“.
Имало и веќе убиени бугарски духовници: игуменот на кичевскиот манастир “Пречиста“ Софрониј и јеромонахот Теофан, свештеникот Апостол од село Тресонче, свештеникот од Лазарополе Павел Теодосиев, свештеникот Исаија од село Гари и други. Отецот Партение од кичевскиот затвор бил одведен во Призрен и тука интерниран, но успеал да избега од тука и со железницата преку Качаник стигнал во Солун, од каде што се префрлил во Бугарија. До неговото враќање во манастирот свети Јован, таму управувале неколку српски игумени. Го нашол манастирот ограбен, коњите, кравите, половината овци, воловите, покуќнината, множеството постели, килими, покривки – сето било украдено.“
И до тука, господине Мехмети, ниту еден збор за Бигорски манастир како албански манастир.
Одиме сега малку да го посетиме авторот Георги Трајчев. Тој е просветен деец, историчар, револуционер и колега на Даме Груев и Пере Тошев во прилепското училиште.
Тој ја има напишано книгата “Придонес кон историјата на првиот охридски архиепископ Јован од Дебарско“. Во неа тој вели вака:
“ Во долговековието (1018 – 1938) – цели 920 години минати и, по недостасток на писмени извори, се губат и спомените за манастирот Света Богородица, каде се борел Јован. Стари цркви со името на света Богородица во реканско имаме на две места и тоа во село Скудрине и Ростуше. И двете села се по десната притока на големата река Радика, во блиско соседство со историскиот манастир Свети Јован Бигор. Селото Скудрине се наоѓа високо меѓу Шар и Кораб планина, населено со помачени мијаци. Во селото на многу места се гледаат урнатини на стари згради,едни од нив се викаат “Манастириште“ со црква Света Богородица. Жив е уште споменот на помаците за нивното неодамнешно православие, па помакините го посетуваат манастирот Свети Јован Бигор за молитва и здравје, како и за да земат вода од Радика, после големиот водосвет на Богојавление, вода која ја пазат преку целата година како осветена, за да ги попрскуваат своите деца, кога тие се болни или за пазење од “уроци“. Кога се разрушени црквата и манастирските згради не се знае. По секоја веројатност тоа би било после напаствието на турците.
И тука господине Мехмети, ниту еден единствен збор за тоа како Бигорскиот манастир, всушност е албански манастир. Со албанска богослужба.
За крај, господине Мехмети, ќе ви оставиме и едно писмо, потпишано од сите “умни глави“ во тој период, сите од Дебарскиот и Кичевскиот крај.
Прочитајте го тоа писмо, до кого е напишано, и како е насловено, и што се бара од везирот во тоа писмо.
А ние, додека го “протумачите“ тоа писмо, ќе ви најдеме и друг материјал за читање поврзан со нашата светост, Бигорскиот манастир.
“До негово величество великиот везир
Ваше величество
Ние, смирените и верни на Неговото Величество раја од Дебар и од долуозначените предмети на тој град и села, се обраќаме со длабока почит до Вас, и ви ги бакнуваме стапалата на нозете.
Нашиот град Дебар, макар и да е митрополит на архиереј, ние не помниме да престојувал некогаш архиереј во таа епархија, за да ги пасе како пастир своите словесни овци или да ги заштитува, согласно највисоките султански фермани, царската раја. Од крајот на времето уште, патријаршијата ни испраќа архиереи грци по народност, кои не го разбираат нашиот јазик, ниту пак ние грчки, и на тој начин, меѓу паството и пастирот зацарувала цела вавилонија. Тие грчки архиереи, претстапувајќи ги верските инсталации, ги третираат како животни ракоположените Божји свештенослужители, а признаваат единствено само закон – да соберат разбојнички, како сакаат и можат, сребро и злато за време на нивната летна обиколка – во растојание од 2 – 3 месеци, и после тоа да си заминат да се забавуваат во Битола.
Тие не обраќаат никакво внимание и никако не се грижат за царската раја, а ја презираат како непотребно суштество. На претходниот архиереј, како минатата година, така и сега, на сегашниот архиереј Кир Генадиј, секогаш сме му предлагале да направиме со општински средства митрополски дом во нашиот град и да имаат тука свое седиште, за да можат одблису да го благословуваат своето паство и се грижат за него. Тие не обрнаа на тоа никакво внимание и не дадоа никаков одговор. Ете зашто, коленичејќи молиме да бидеме со високата султанска заповед избавени, за во иднина, од тие грчки архиереи, кои не само што се бесполезни за царската раја, и да бидат сменети со такви, кои го разбираат и говорат нашиот јазик, кои ќе го заштитуваат своето паство, ќе се грижат за него и ќе го имаат за седиште градот Дебар, како што постапуваат сите други архиереи со своите митрополи.
Преку високото султанско височество, да се признае, исто така тоа, како било од крајно време – хиерархијата на верната бугарска раја во старото седиште, како таа е учествувала по силата на најстари привилегии, хиерархија, која толку султани ја поштедија и оздравела во текот на многу векови.
Што се однесува за денес архиерејот свети Дебарски г. Генадиј, кој ги има сите гореизложени морални и религиозни квалитети на своите претходници, квалитети, наполно спротивни на нашата вера и општество, ние ниту го признасваме, ниту го почитуаме. Молиме Ваше Височество да се ослободи епархијата од сегашниот архиереј и да се замени со други кој говори на нашиот јазик и погоден на нашата вера и општество. Севишниот да ве чува, како зеницата на своето око, Н. В. Султан и неговиот верен, ревносен и славен велик – везир.
На 1- ви септември 1863 година во Дебарската епархија и Кичевската епархија.
На Ваше Височество, смирените слуги и поданици од Дебарската епархија – од градот и околните други села.“
Потпишани под ова писмо се видни дебарски, рекански, кичевски кехаи и првенци.
Меѓу потпишаните се видни печатите на Сарџо Брадина од Тресонче, Тодор Томо од Галичник, Димо Жико од Галичник, Ангеле Пандиловиќ од Врбен/Реч, кехајата на град Дебар, кехаите на Галичник, село Гари, село Росоки, село Лазарополе, село Тресонче, село Јанче, село Присовјани, село Кракорница, село Бродец, село Реч, село Ничпур, село Тануше, село Скудрине, село Могорче, село Беличица, село Јодово, село Маврово, село Козица, село Белица, село Брџани, село Лешница, село Рабетино, село Миокази, село Челопеци, село Орланци, село Стаорец и други села.
Потпишани се и Апостол Маџо, Мино Влков, Змејко Пандилов, Андон хаџи Ников, Христо Исо, Стефо Вазил, Јаков Коко, Коло Тануш, Лефтер Бојаџи, Кипријан, Тодор Исак, Паоле Танаш, Јосиф Дабе, Спасе Кузман, Глигор Мицко, Мито Павле, Нозо Николовиќ, Димо Мојсовиќ.
“Ние, долупотпишаните жители на Дебарската и Кичевската епархија, сите заедно со другите бугарски области со општ потпис од секоја епархија имаме голема потреба да си искажеме на Негово величество нашиот пресвет Цар Султан Абдул Азиз, страданијата и маките што ги трпиме од грчкото духовенство и срдечно и смирено да просиме пред Негово Величество да дарува не бугарски – од народот право да си има народна епархија составена од чесни лица, учени и избрани од самиот народ кои што ќе ги разбираат и сочуствуваат на народните чувства, да можат лесно и секако според нивните должности – искрено и душевно да се грижат за нивната духовна и умствена полза на верното нивно духовно стадо. Таа е нашата единствена и нескротлива желба, ние од сега натаму не можеме да ја признаеме власта на грчкиот Патрик, ниту да ги промениме тие постапки, кои тој ги даде во последно време на бугарите, зашто тие толку се недоволни и ништожни, што ни малку не можат да ги намалат нашите желби, ниту да ја изменат нашата досегашна положба во поглед на нашите црковни работи.“
Не е убаво, господине Мехмети, да се лаже и подметнува подмолно лага. Не е убаво да се борите против некаков комунизам и комунистички методи, а истите тие стрели, вие ги испуштате. Стрели полни со отрови и нарачана омраза меѓу народот.