Бугарскиот културен клуб – Скопје (БККС) испрати Меморандум со решение за историскиот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија до премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и канцеларката на Германија Ангела Меркел.

ТАТКОВИНА го публикува Меморандумот на БККС во целост:

Меморандум на БККС со решение за историскиот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија преку стриктното спазување на духот и словото на ʺИлинденскиотʺ договор меѓу двете земји од 1 Август 2017 година

До:

Г-ДИН ЗОРАН ЗАЕВ

Претседател на Владата на РС Македонија

Г-ДИН БОЈКО БОРИСОВ

Претседател на Владата на Р Бугарија

Г-ЃА УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН

Претседателка на Европската комисија

Г-ДИН ДАВИД САСОЛИ

Претседател на Европскиот парламент

Г-ЃА АНГЕЛА МЕРКЕЛ

Канцелар на Сојузна Република Германија

Увод

Бугарски Културен Клуб-Скопје (БККС) е организација на македонски граѓани кои го имаат запазено своето бугарско самосознание, основана на 04.05.2008 година. Речиси сите основачи на организацијата се поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Преку нашето членство во таа партија гледавме можност за остварување на идеалот на дејците на историското ВМРО за слободна, независна и демократска Македонија. Нејзино полноправно членство во ЕУ и НАТО. И не на последно место, објективизација на историјата на ВМРО и нејзините дејци, политички протолкувана од и во интерес на поранешна комунистичка Југославија. Во ВМРО-ДПМНЕ влеговме со убедувањето за заедничка историја со Република Бугарија и дека потеклото на денешните македонци нема ништо заедничко со античките македонци.

Со доаѓањето на Никола Груевски на чело на партијата започна процес на систематско отстранување на македонските бугари од партијата пропратен со државно финансираниот проект за ʺантиквизацијаʺ. Вака финансираниот проект целеше ʺаргументирањеʺ, а не објективизација на комунистичката југословенска историографија, наметнувајќи лажна претстава за милениумски народностен континуитет. Ваквата политика доведе до поделби внатре во македонското општество, ја конфронираше нашата држава со Бугарија и Грција и ја сопре евроатлантската интеграција на нашата земја на подолг рок. На тој начин, бегајќи од историската вистина на историското ВМРО, ВМРО–ДПМНЕ од единствена можност за решение за проблемите со соседите, се претвори во проблем со дестабилизирачки регионални тенденции. Не случајно најголема поддршка на ваквите политики добиваа од официјален Белград и Москва, гледајќи во нив природен сојузник за спречување, или забавување на евроатлантските интеграции на нашата држава. Договорите со Бугарија и Грција се меѓународен пораз на политиките на ВМРО–ДПМНЕ, кои ја претвораат во историска политичка дивоградба. Имајќи во предвид дека новото раководство на партијата е предложено од Никола Груевски, со голема сигурност може да заклучиме дека ќе продолжи неговиот курс на заблудување на членството и електоратот. Не случајно од меѓународни аналитичари партијата се оквалификува како проруска партија, а на последните избори во неа се гледаше како опасност за евроатлантските интеграции на нашата земја. Се разбира, во една демократска држава легитимно е да има и проруски партии. Но проблемот е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ во ваквите свои политики црпи легитимитет од ЕНП, со што дополнително ги заблудува членството и електоратот. А со тоа се отежнува создавањето на нови граѓански евроатлантски формации, кое е од исклучителна важност за еден нормален политички живот во нашата земја. БККС е на мнение дека ЕНП треба да го преиспита членството на ВМРО-ДПМНЕ во семејството на народните партии. При тоа да бидат земени во предвид финансирањето на партијата и медиумите блиски до неа, како и антиевропската реторика кои тие ги промовираат. Со оглед на тоа што историското ВМРО е ослободително и револуционерно движење, во кое нема партиска идеологија и припаѓа на сите граѓани независно од нивното етничко потекло, сериозно треба да се размисли и за забранување со закон на користењето на ова име во партиски цели. Сите погоре опишани собитија, решението за основање на БККС го потврдуваат како правилно.

Зошто БККС и кои се нејзините видувања за иднината на Македонија ?

БККС е основана како невладина организација во услови кога во македонското општество владееше, а преку медиумите се наложуваше и потхрануваше клима на крајна нетолерантност кон македонски граѓани кои себе си се идентификуваат како македонски бугари. Бројни се случаите на следење на македонски бугари од страна на безбедносните служби, но и репресии заради нивните убедувања и политички видувања за иднината на Македонија. Основавме невладина организација затоа што сме категорично против политички партии на етничка основа. Тргнувајќи од овој принцип ние се објавуваме за измени во Уставот на Република Северна Македонија во правец на нејзино дефинирање како целосно граѓанска држава. Неприфативо е за нас во Уставот да бидат набројани ʺделови од народиʺ, кое води до заклучокот дека центрите на тие ʺделови од народиʺ се надвор од нашата татковина. Уставот треба да биде консензус на сите етнички заедници преку кој ќе ги декларираат своите определби дека центарот за сите нас е Скопје и ќе се водиме од националните интереси на нашата татковина. А таа од своја страна ќе обезбеди услови сите нејзини граѓани независно од нивното етничко потекло да се почувствуваат полноправни чинители во градењето на нејзината благосостојба и иднина.

Нееднократно сме зајавувале дека БККС е за функционирање на правната држава, слобода на медиумите, почитување на човековите права, а на надворешно-политички план градење на добрососедски односи и наше полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Имајќи ја во предвид заедничката историја, кое се призна и со потпишаниот договор меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, многукратно сме зајавувале дека кон нашите сограѓани кои себе си се идентификуваат како македонци, не чувствуваме национални, а схоластички разлики. И едните и другите се идентификуваме и историски се повикуваме на исти историски личности (Гоце Делчев, Дамјан Груев, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и др.) и зборуваме ист јазик. За нас бугарскиот литературен јазик и македонскиот литературен јазик се две рамноправни норми на еден заеднички јазик, но го почитуваме правото на сите, што го сметаат македонскиот јазик за одделен јазик. Бидејќи тој согласно уставот е официјален јазик на нашата држава – РС Македонија, настојуваме тој да биде уважуван од сите, вклучително и од Република Бугарија. Тргнувајќи од горе-декларираното, БККС нема барања за внесување на македонските бугари во уставот. Ваквите барања за внесување на македонските бугари во македонскиот устав, според нас, доаѓаат од истите центри кои ги поттикнуваат и финансираат барањата за признавање на ʺмакедонско национално малцинствоʺ во Бугарија. Се со цел тоа да стане предмет за трговии и тензии меѓу двете држави. Вакви трговии не се возможни, затоа што сме на различно мнение во однос на ʺзаедничката историјаʺ, призната со потпишаниот Договор од двете држави. Лидерите на ʺмакедонското национално малцинствоʺ одрекуваат дека имаме заедничка историја. Според нив некаде меѓу Пиринскиот крај и другите делови на Бугарија суштествувала етничка и јазична граница-кое не одговара на историската вистина. Тие исто така веруваат дека бегалците од Македонија под Отоманската империја, а покасно под Србија и Грција, биле по некаков начин асимилирани во Бугарија, кое исто на никакво начин не одговара на вистината. Тие луѓе оделе при свои и биле примани како свои, а голем дел од нив се градители на современата бугарска држава, станувајќи учители, писатели, офицери, политичари и дури министри и премиери.

Од  сето ова, многу лесно може да се претпостави кои се центрите кои што ги поддржуваат и финансираат овие барања. Малку веројатно е, тоа да е актуелната влада на Република Северна Македонија, која е потписник на Договорот за добрососедство и соработка меѓу двете држави. Целата наша дејност од денот на нашето основање до ден денес се води од овие принципи и во промовирање на личности и настани кои се дел од заедничката историја меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Дејност на БККС:

– Меморандум на БККС во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција, испратен до Претседателите, Премиерите и Министрите за надворешни работи Република Македонија и 24 земји, како и до претседателот на Европската комисија, Претседателот на ООН, Генералниот секретар на НАТО и Претседавачот на ОБСЕ.

– Организирање на традиционални чествувања и панихиди за настани и личности од заедничката историја со Република Бугарија ( Илинденско востание во Смилево, Мара Бунева на кејот во Скопје, Тиквешко востание во Кавадарци, за убиството на 28 мирни жители на село Гарван-Радовишко од србскиот окупатор, за полковник Каварналиев во Дојран и други )

– Поставување на паметни плочи на Мара Бунева на кејот на река Вардар во Скопје и на полковник Каварналиев кое беше предвесник за возобновување на стариот паметник  во негова чест на чие отворање присуствуваа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов

– Печатење на фототипно издание на ʺБългарски народни песни” од браќата    Миладиновци и нејзино претставување во салата на советот на општина Струмица

– Соорганизатор на меѓународна конференција за Охридско-Дебарското востание во Струга под покровителство на тогашниот градоначалник на градот Зиадин Села

– Организирање на детски турнир во Струмица ʺ75 години Гунди” на кој учество земаа по 3 тима од Бугарија и Македонија

– Организирање на бугарската театарска претстава ʺМажот на жена ми” во театарот во Струмица

– Реакции до Европскиот парламент за дискриминација на македонски бугари

– Изложба за цар Самуил

– Учество на сенародниот митинг против авторитарниот режим на Никола Груевски

– Печатење на календар по повод 100 години од учеството на македонските бугари во Првата светска војна

– Основање на Бугарско-македонски бизнис клуб по чија иницијатива 3 бугарски телевизии веќе се во македонскиот медиумски простор

– Водење на медиумска кампања за да се гласа позитивно за референдумот за името со кое се отвори вратата за наше членство во НАТО

– На 11 годишнината од основањето на БККС меѓу бројните гости на чествувањето беа и Зоран Заев и Стево Пендаровски, со што за прв пат после 1945 година се доби политичко признавање дека во Македонија живеат и македонски бугари и добивме уверување дека ќе се сопре со практиката на нивно следење и прогонување

– Пред 3 години по иницијатива и со поддршка на БККС започна со работа информативниот сајт ТАТКОВИНА.ИНФО

Ова е само дел од богатата дејност на БККС

За потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија

Ние од БККС со голема радост го дочекавме потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. На прво место, затоа што со Договорот се става крај на замрзнатите односи меѓу двете држави, регулирајќи ги на начин кој дава основа за нивен сеопфатен и задлабочен развој во сите области. Но и заради фактот што за прв пат со Договорот се признава дека двете држави имаат заедничка историја.

На второ место, затоа што тој беше предвесник и поттикнувач за потпишувањето на Договорот со Грција со кој се разреши долгогодишниот спор за името. Сето ова беше предуслов за денес со гордост да изјавиме дека РС Македонија е членка на НАТО и е на прагот да започне преговори за присоединување кон ЕУ.

Но нема како да не ја изразиме нашата голема загриженост за од скоро драстичното влошување на односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Ова влошување на односите меѓу двете држави е резултат на различното толкување на заедничката историја. Кое од своја страна не дава можност за видлив напредок во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Видливо е дека историските спорови меѓу двете држави добиваат на жестина во моменти кога РС Македонија беше на прагот пред нејзиното присоединување кон НАТО, пред избори и сега пред започнување на пристапните преговори со ЕУ. Не е исклучена можноста овој спор да се користи и од центри надвор од Скопје и Софија. Се со цел за зачувување на долгогодишниот монопол на коридорот север-југ, кој во можноста за воспостаување на стабилизирачкиот коридор исток-запад гледа како на непријателски конкурент. Но и за создавање на проблеми внатре во ЕУ и НАТО.

Она што е најтревожно како резултат на историскиот спор, е тоа што тој ја стави на втор план дури и ја спречи соработката меѓу двете држави во другите области. А ваквата соработа (економска, инфраструктурна, медиумска, туристичка) се од исклучителен интерес за граѓаните и на двете држави. Најмногу заради нивното зближување и меѓусебно разбирање кое со сигурност ќе го олесни разрешувањето и на најтешките и напластувани со години проблеми во врска со заедничката историја.

Се со цел премостување на новонастанатите проблеми во односите меѓу двете земји и навестувањата дека Бугарија ќе се спротивстави на закажувањето на првата меѓувладина конференција, а тргнувајќи од:

– многукратно изјавуваната позиција и од двете држави, дека членството на РС Македонија во НАТО и ЕУ е во склад со нивните национални интереси  и

– не давањето на можност, центри надвор от Скопје и Софија да ги охрабруваат и поттикнуваат оние политички сили и во двете земји кои што од самиот почеток се објавија против Договорот

БККС предлага, во духот на потпишаниот Договор, премиерите на двете држави да договорат Патна карта за работата на историската комисија. Со неа, ʺимајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народиʺ (согласно Договорот), детално да се опише временски и како содржина во детали работата на историската комисија, но и резултатите кои се очекуваат од неа.

Сето ова може да стане во согласност со чл. 13 став 2 од веќе потпишаниот Договор, а во кој децидно стои:

-Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член.

На тој начин целиот процес ќе биде предвидлив и договорен од двете земји со заемна согласност, историјата ќе се остави на историчарите, а политичарите ќе се занимаваат со исполнување со содржина на другите точки од Договорот.

Патна карта за работата на историската комисија

Увод

Како основа за содржината на оваа Патна карта за работата на историската комисија која ја предлага БККС е Рамковата позиција на Р. Бугарија во врска со проширувањето на ЕУ и процесот на стабилизирање и асоцирање: Република Северна Македонија и Албанија од 09.10.2019 година.

По однос на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историските и образовните прашања во став 1 се бара:

-постигнување на конкретни резултати во работата на Комисијата, верификувани од Заедничката меѓувладина комисија, во однос на нашата заедничка историја до 1944 година, во тој смисол, постигнување на договор за Гоце Делчев, ВМОРО-ВМРО и Илинденско-Преображенското востание.

БККС категорично се објавува против дефинирањето на нашата заедничка историја до посочената во Рамковата позиција 1944 година. И тоа од следниве причини:

-Видно е дека авторот на оваа одредба тргнува от етнички принцип при дефинирањето на заедничката историја, кое од своја страна води до заклучокот дека таа историја припаѓа само на еден народ и на една држава. А тоа е во спротивност со взаемнтата согласност, дека двете држави го потпишаа договорот ʺимајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народиʺ

-Го одрекува фактот дека во Македонија живеат македонски бугари и после 1944 година, а ВМРО ја продолжува битката за создавање на Слободна, Независна и Демократска Македонија под протекторат на Англија и САД, заради кое огромен број на нејзини дејци се стрелани или завршуваат во Идризово

-Затоа што историјата е наука која ги опишува историските настани и процеси така како што навистина се случиле, засновано на автентични и на докази засновани историски извори. Не може историските процеси сврзани со заедничката историја на Република Бугарија и РС Македонија вештачки да се ограничат до 1944 година. Со што индиректно се дава легитимитет на СФРЈ, државна формација која веќе не суштествува. Заедничката историја треба да биде објективизирана на начин по кој и двете општества да бидат радостни од крајните резултати од првичното барање на ВМОРО за автономија на Македонија и Одринско. А имено тоа што дел од Одринско е слободно во составот на Бугарија, а на дел од територијата на географска Македонија е конституирана независна држава. Тоа е резултат на заедничките усилија од Илинденското востание во Петрова нива и Смилево, организирани и раководени од ВМОРО.

-Затоа што поставувањето на 1944 година како гранична линија на нашата заедничка историја на етнички принцип противречи на основните принципи на историското ВМРО, за кое Македонци се сите нејзини етникуми. Од таа причина во нејзиниот устав пишува дека ʺима за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност..ʺ, а девизата е Македонија на македонците. Ние од БККС, кои се сметаме за вистински продолжувачи на идеите на историското ВМРО, тргнувајќи од тој принцип, со гордост зајавуваме дека во исто време сме и македонски бугари и македонци.

-Затоа што објективизираното ВМРО (творец на идејата за Независна Македонија) треба да е основата на современата македонска држава, а не да биде погребано во историските читанки пред 1944 година. Таа улога на ВМРО треба да биде одразена и во нејзиниот Устав и да биде основа за создавање на граѓанска десница која да воспостави вистински историски континуитет со неа. Разграничувајќи се од југословенското историско толкување на организацијата-кое е идеолошка основа на сегашното ВМРО-ДПМНЕ, таа ќе потпомогне во воспоставувањето на нормална политичка сцена во нашата држава. Во еден таков политички субјект веруваме дека ќе се вклучат многу македонски бугари, заедно со другите наши сограѓани независно од нивното етничко потекло.

Како што претходно деклариравме, БККС предлага во духот на потпишаниот Договор, премиерите на двете држави да договорат Патна карта за работата на историската комисија. Таа треба да содржи беспорни меѓународни договори, акти, настани и документи преку кои ќе се опише целиот процес кој заради политичките околности довел до ʺзаедничка историја, која ги поврзува двете држави и нивните народиʺ. На тој начин ќе се постигне и писмена согласност од двете влади, имајќи го во предвид се погласниот консензус дека решението на овој спор е во признавањето и на минатото и на сегашноста.

Патната карта треба да бара конкретни резултати од комисијата, во однапред определена временска рамка. Работата на комисијата треба да биде прозрачна и за нејзината дејност како и за резултатите благовремено да бидат информирани граѓаните и на двете држави. Начелата на кои ќе бидат поставени принципите за работа на историската комисија, до краен степен треба да ја ограничат политизацијата на овој процес. Ако со потпишаниот Договор, двете влади го признаваат фактот за ʺзаедничка историја”, тогаш тоа не може да биде меѓудржавен спор. Патната карта треба да им дава сила на оние личности и политички субјекти и во двете држави, кои го поддржуваат Договорот и работат на неговото спроведување. А од друга страна, да ги маргинализираат оние кои од самиот почеток се изјавија против него. Ако имаме заедничка историја, тогаш таа не може да се краде и историјата не може да се промени, затоа што таа е таква какво што се случила. Не се прифатливи и комплицирани објаснувања на јавни настани.

Содржина на Патната карта за работата на историската комисија

  1. Историската комисија да постигне согласност во однос на процесите кои се случувале на територијата на денешна РС Македонија во времето кога таа била дел од Првото бугарско царство, тема Бугарија во Источната Римска империја, Второто бугарско царство како и да се анализираат документите и сведоштвата за етничкиот состав на тие територи по нивното завладување од Српското кралство и Отоманската империја

2.Историската комисија да постигне согласност во однос на настаните кои довеле до ферманот на султанот Абдул Азис од 28 фебруари 1870 година со кој се основа Бугарската екзархија. При тоа да се земат во предвид:

-отворањето на местни училишта и еснафски општини, издавањето на книги и собирањето на народни песни

-учеството на луѓе, родени и одраснати на територијата на географска Македонија во црковните борби во Цариград и во самата Македонија

– текстот на самиот ферман

– екзархискиот устав-изработен од црковно-народиот собор, свикан во Цариград во 1871 година

– териториалниот опфат на Екзархијата кој произлегува од ферманот

– спроведениот плебисцит во Македонија под контрола на турските власти и Вселенската патриаршија и резултатите од него

  1. Историската комисија да постигне согласност во однос на учеството на личности родени и одраснати во Македонија во бугарското национално ослободително движење
  2. Историската комисија да постигне согласност во однос на решенијата на Цариградската конференција во 1876 година за создавање на две автономни области во рамките на Отоманската империја. При тоа да се земат во предвид:

– земјите учеснички во таа конференција

-дали и во која од двете автономни области потпаѓа Македонија

-дали и како какво, етнички го определуваат земјите учеснички на Цариградската конференција населението во Македонија

  1. Историската комисија да постигне согласност во однос на решенијата на Берлинскиот договор од 13 јули 1878 година со кое за прв пат на меѓународна сцена се воведува македонското прашање. Согласно член 23 од Договорот на 23 октомври 1893 година во Солун се основа ВМОРО
  2. Историската комисија да постигне согласност во однос на карактерот и причините за Кресненско-Разловечкото востание од 5 октомври 1878 година. При тоа да се земат во предвид:

-иницијаторите и учесниците во востанието и нивното учество покасно во Србско-бугарската војна

-петициите, мемоарите и молбите упатувани до владите на Големите сили и Временото руско управување

  1. Историската комисија да постигне согласност во однос на основањето на ВМОРО и нејзините политички цели. При тоа да се земат во предвид:

-Оригиналните документи на БМОРК, ВМОРО и ВМРО и јазикот на кои тие се пишувани

-спомените на основачите на организацијата

-дејци на организацијата родени во кнежество Бугарија

-Еволуцијата на БМОРК–ВМОРО-ВМРО од етнонационална организација кон таква која има за цел да ги ʺсплоти во едно цело сите незадоволни елементи без разлика на народност”, кое води то тоа да го користат лозунгот ʺМакедонија на македонцитеʺ. Конкретни примери за тоа се Рафаел Камхи, Митре Влавот, Питу Гули, Шабан од Облешево и други. Следствено, независно од нивното етничко потекло може да се нарекуваат македонски комити, македонски револуционери, а во услови на веќе создадена независна Република Македонија и основоположници на современата македонска држава. На базата на лични сведоштва, писма, документи, мајчин јазик, комисијата да постигне согласност за етничкиот идентитет на секој од дејците.

– идејата за автономија на Македонија и Одринско пред балканските војни и идејата на ВМРО за Независна Македонија по Првата светска војна во новонастанатите околности

  1. Историската комисија да постигне согласност во однос на учеството на ВМОРО и нејзините дејци во Прва и Втора Балканска војна и Прва светска војна, како и Македоно-одринското ополчение во Балканските војни и на Единаесета пешадиска македонска дивизија. Во тој контекст да постигне согласност во врска со ролјата на високите и средни офицери од Македонија при определување на политиката на Бугарија и во воените дејства. Да се постигне согласност и во однос на Тиквешкото и Охридско-Дебарското востание.
  2. Историската комисија да постигне согласност во однос на „Извештај на Карнегиевата меѓународната комисија за истражување на причините и водењето на Балканските војни“ од 1914 година.
  3. Историската комисија да постигне согласност во однос на дејноста на МПО (организација на емигранти од Македонија во САД и Канада) преку нејзините документи, органот кој го издава (Македонска Трибуна), како и црквите кои по нејзина иницијатива се градат на тлото на САД и Канада
  4. Историската комисија да постигне согласност во однос на двостраните договори меѓу Бугарија и Грција ʺКалфов-Политисʺ од 19 септември 1924 година и ʺМолов-Кафандарисʺ од 8 декември 1927 година и одобрен од Друштвото на народите на 12 јануари 1928 год.
  5. Историската комисија да постигне согласност во однос на забранувањето на дејноста на ВМРО во Бугарија на 14 јуни 1934 година
  6. 13. Историската комисија да постигне согласност во врска со обидите на Бугарија да остане неутрална во првата фаза од Втората светска војна. Да се ​​опише ситуацијата во која Бугарија се приклучува на Тројниот пакт и има ли тоа врска со ʺмакедонското прашање“. Да објасни дали Бугарија учествувала во војната против Југославија и кои се опциите пред неа кога Југославија капитулира пред Хитлер. Да направи споредба на териториите окупирани од Германија на кои е воведена бугарска администрација со другите територии на окупирана Југославија. Да се анализира дејноста на Акционите комитети и на личностите кои членуваат во нив. Да се изјасни каков дел дел од бугарската администрација е составен од местни луѓе и каква е нејзината политика. Да се разјасни инвстициската политика на Царство Бугарија во Македонија. Да се изјасни првичната позиција на македонските комунисти под раководство на Методи Шаторов-Шарло. Да се изјасни позицијата на македонските комунисти под раководство на Лазар Колишевски, како и нивната дејност до крајот на Втората светска војна. Да се анализираат причините кои довеле до тоа Бугарија да ги предаде евреите на нацистите, кои тие ги завладеале и и ги дале за администрирање, но не ги предава оние кои биле под бугарска конторла пред доаѓањето на Вермахтот на Балканот.Да се анализираат обидите на членови на бугарската администрација во спасувањето на одделни македонски евреи. Комисијата да постигне согласност во однос на ролјата на бугарската армија во протерувањето на нацистите од Македонија во октомври и ноември 1944 година?
  7. Историската комисија да постигне согласност за тоа, како Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович, Димитар Миладинов, Партениј Зографски, Натанаил Охридски и други, ги определуваат говорите на базата на кои на првото заседание на АСНОМ се усвојува ʺнародниот македонски јазикʺ за официјален. Прашање на внатрешна дискусија во македонското општество е темата дали има политички притисок од КПЈ за да се стигне до второ и трето решение на јазичната комисија, проследено со масовни апсења на лидерите на АСНОМ и дејци на ВМРО.

Историската комисија да организира научни конференции по горенаведените точки и со присуство и на меѓународни експерти. Паралелно да се отвори широка општествена дискусија во медиумите со цел детално запознавање на граѓаните и на двете држави. Двете влади да преземат конкретни чекори на достап на националните телевизии и во двете држави. Тоа е исклучително важно за да се маргинализира политизацијата на историјата, а на преден план да излезат експертите и историските факти.

Временска рамка на Патната карта за работата на историската комисија

1.Уште на почетокот на својата работа историската комисија да постигне согласност на базата на објективни критериуми за заедничко чествување на историски личности. Тоа треба да бидат лицата родени и израснати на територијата на географска Македонија, кои и служеле на бугарската држава; лицата или организациите, кои ги определуваат своите говори како бугарски; лицата и организациите кои се бореле за автономна или независна Македонија, но го користеле бугарскиот јазик за своите документи, знамиња и материјали за агитација. Треба да биде кажано јасно, дека овие лица и организации, подеднакво се културно-историско наследство на двете држави и на двата народи.

2.Историската комисија да постигне согласност и да предложи на двете влади во образовниот систем и на двете држави како задолжителни лектири да влезат:

-Спомени, автобиографии, народни песни, стихотворби на преродбеници родени на територијата на географска Македонија

-Спомени на дејци на ВМРО, како и сведоштва и автобиографии на нивни современици, но и дела на странски автори сврзани со дејноста на ВМРО

– и други за кои ќе постигне согласност историската комисија

  1. Организирање на дискусии меѓу основните училишта, средните училишта и универзитетите од двете држави на теми поврзани со задолжителните лектири со неопределен рок
  2. Сите заклучоци на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија во однос на историските настани и личности, засновани на автентични и на докази засновани историски извори, да бидат воведни во образовниот систем на двете земји пред затворањето на поглавјето 35 од предприсоединителниот процес на РС Македонија.

Целта на предложената Патна карта е Република Бугарија и Република Северна Македонија да се вратат кон духот и словото на ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ДОБРОСОСЕДСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА И РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Во договорот е запишано:

ʺИмајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народиʺ

Од овој текст произлегува дека е непријателски акт секој обид кој директно или индиректно ги оспорува:

  1. Заедничката историја на Бугарија и Македонија
  2. Суштествувањето на две држави и два народа кои се рамноправни наследници на таа заедничка историја.

Внушувањата дека:

-една од државите или еден од народите ʺго крадеʺ културното или историското наследство на другата држава, или на другиот народ

-една од државите или еден од народите се обидува да ʺја смениʺисторијата на другата држава, или на другиот народ

Ги сметаме за непријателски акт против двете земји.

Во однос на јазикот, ја повикуваме бугарската страна да престане да поставува какви и да било услови, како поставување на  ʺ*“ или какви било опструкции за користењето на македонскиот јазик како официјален во сите меѓународни организации.

Секоја независна држава има право да го определува својот официјален јазик, кој може да е меѓународен јазик како што се англиски, француски, шпански, арапски итн., или да изгради и кодифицира свој национален јазик и да го нарекува како што самата ќе процени.

Во истото време, ја повикуваме Република Северна Македонија да влезе храбро во процесот на објективизација на својата историја. Време е сите граѓани, самите да дознаат за дејноста на преродбениците и револуционерите преку нивните дела, а не преку посредници кои од политички цели ги плашат дека некој се обидува да ни ја смени историјата. Историјата не може да се смени ! Таа се случила така, како што се случила независно од политичките манипулации.

Само вистината ќе нè направи слободни. Но, до вистината може да се стигне само преку слободна дискусија, без навреди и понижувања, притоа почитувајќи ги правата и достоинството на двете страни.

Самиот факт, што дел од Одринско е слободно во составот на Бугарија, а на дел од територијата на географска Македонија е конституирана независна држава, претставува исполнување на заветите на нашите претци. За прв пат по повеќе од 100 години ни претстои да бидеме во заеднички геостратешки простор преку нашето членство во ЕУ и НАТО. Денес, приближно еднаков број потомци на главната популација на географска Македонија живеат во РС Македонија и во Бугарија. Различното етно-национално самоопределување на мнозинството во овие две групи не треба да претставува пречка за соработката меѓу двете земји.

Напротив! Заветот на нашите заеднички предци ги обврзува двете земји и двата народа да си подадат рака и заедно да ја градат европската иднина на целиот регион.

Македонскиот народ нема причина да се срами од историјата на своите предци, таква каква што таа била. Бугарскиот народ има многу причини да ја смета консолидацијата на македонската држава и македонскиот јазик за триумф на вековните усилија на нивните предци – од двете страни на Осогово.

Да живее свободна и независима Македония!

Да живее разбирањето и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Бугарски Културен Клуб-Скопjе

Претседател

Лазар Младенов

Верзиjа на Меморандумот на македонски jазик

Верзиja на Меморандумот на бугарски jазик

Верзиja на Меморандумот на англиски jазик

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO