
Долго изгледаше извесно дека германското стопанство годинава ќе забележи најголем пад по Втората светска војна. Шефот на институтот Ифо, Клеменс Фуест за ДВ објаснува зошто сега прогнозата е сепак значително подобра.
Институтот за економски истражувања при универзитетот во Минхен (Ифо) изнесе нова прогноза според која годинава економскиот пад во Германија ќе биде само 5,2 отсто.
Тоа е помал пад од оној кој засега го очекува германската Влада (5,8 насто) и далеку помал од претходната проценка на институтот Ифо кој летоска очекуваше минус од 6,7 отсто.
Доколку се оствари новата прогноза, тоа би било важен успех – би се избегнал негативниот рекорд од Втората светска војна наваму кој во моментов го држи 2009 година кога светската финансиска криза ја собори германската економја за 5,7 насто.
„Некои германски трговски партнери вчудовидувачки брзо се опоравија, особено Кина. Во јули извозот во Кина беше речиси ист како претходната година“, вели во разговорот за ДВ шефот на престижниот институт Ифо, Клеменс Фуест.
Со нови долгови до излез од кризата
„Покрај тоа политиката посегна по многу пари и со нив ја поддржа економијата“, додава Фуест, мислејќи на пакетот помош од околу 130 милијарди евра. Државата за време на најсилниот удар пролетта исплати две третини плата на работниците пратени на принудни одмори, и ги поддржа ситните претприемачи чиј бизнис или сосема запре или значително страдаше за време на локдаунот.
Задолжувањето на државата така достигнува 80 отсто БДП, но Фуест смета дека Германија така добро поминала. „Кога ќе и’ тргне на економијата уште подобро, ќе има повеќе даночни приходи, а помалку расходи, на пример, за поддршка на невработените“.
Нашиот соговорник сепак не верува дека Германија ќе може да се врати на т.н. „црна нула“, односно на политиката на избалансиран буџет пред 2023 година.
Проблеми за одредени сектори
„Огромни проблеми имаат гастрономијата, туристичката или саемската бранша. Имаме дури потешкотии во некои области во индустријата, како производството на машини и автомобили, ни тука не оди како подмачкано“, одговара Фуест на прашањето за можен бран на банкрот кој би ги погодил претприемачите кога ќе истечат мерките за помош.
„Но постојат други економски гранки кои многу добро се развија, како на пример бизнисот со велосипеди или производството на мебел. Тоа нѐ доведе до оваа подобрена прогноза“, вели тој.Сепак, Фуест предупредува дека прогнозата за економскиот развој не е пророштво.
