Северна Македонија веќе две седмици има влада, која ќе работи во сферата на евроинтеграцијата и на зајакнување на добрососедските односи. Нашиот југо-западен сосед е посветен на продолжување на овој пат и дава јасни сигнали дека ќе ги направи потребните реформи за да стане членка на ЕУ. За таа цел, премиерот Зоран Заев создаде специјален секретаријат за европски прашања, кој беше оглавен од вицепремиерот Никола Димитров. Подготовките за преговарачката рамка за старт на преговорите меѓу Скопје и Брисел врви со полна сила. Се очекува за време на германското претседателство со ЕУ да започне процесот. Во тек се неформални разговори, се разменуваат ставови, се бараат решенија за започнување на процесот. Но, дали ќе тргне? Судејќи по изјавата на вицепремиерот Красимир Каракачанов за скопската телевизија ʺ24ʺ, Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ, ако историската комисија не постигне согласност, тоагаш тоа би станало доста тешко.

ʺТри години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, македонската страна ги избегнува становиштата на историчарите, за да не се стигне до решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува, дека Скопје не сака да води вистински дијалог“, кажа вицепремиерот Каракачанов. Според него, не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што си сака. По кажаното од Софија, премиерот Зоран Заев во своето прво големо интервју за македонската државна телевизија објави: ʺИспраќам порака до соседна Бугарија дека сме подготвени да преговараме за прашањето за Гоце Делчев. Ако сме повредени, тоа не е пријателство. Верувам дека ќе најдеме решение со пријателска Република Бугарија “.

Заев додаде ʺпокажавме дека имаме капацитет да решаваме проблеми. Решивме три поглавја од преговорите, договоривме пет историски личности од минатото, шестата историска личност е Гоце Делчев. Имаме архиви, ќе седнеме и ќе разговараме за нив транспарентно и јавно. Ќе најдеме решение. ʺТреба и двете земји да бидат победнициʺ.

Премиерот Заев кажа две важни работи, а последната беше клучна, дека архивите ќе бидат разгледани, како и дека ʺдвете земји треба да бидат победници“. Цели 100 години Бугарија и соседна Македонија беа разделени од историските околности и се наоѓаа во различните сфери на влијание. И наместо кога падна комунизмот, да го надополниме пропуштеното Бугарите и Македонците, се впуштивме да си докажуваме кој, каков бил и зошто не знаел каков е. Време е да ја оставиме историјата на историчарите. Таа не треба да им пречи на луѓето да живеат нормално, да патуваат без проблеми, да ги развиваат бизнис и културните контакти и да се запознаваме повеќе. Интерес од тоа зближување да не се случува освен Белград, има и Москва.

Соседна Македонија од скоро е членка на НАТО, земјата претстои да влезе еден ден во ЕУ, кое целосно ќе ја промени регионалната слика и ќе отвори нов хоризонт на зближување меѓу Софија и Скопје. Но, ние со лесна рака сме подготвени да го потрошиме и уште еднаш да ја изгубиме нашата шанса да се зближиме со луѓето од Повардарието. По потпишувањето во 2017 година на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Софија и Скопје, можеме ʺспокојно“ да кажеме дека пропуштивме многу шанси за зближување. А, можеше Бугарија, по примерот на Грција, да влезе со маштабен економски план во Северна Македонија. Можеше да го чуваме нејзиниот воздушен простор, а не тоа да биде извршено од грчкото воено воздухопловство. И кој победи? Треба ли Бугарија да ја сопнува соседна Македонија на патот кон ЕУ? Се разбира, дека не. Но, некој има интерес тоа да се случува. Во последно време, во бугарските медиуми, кога се зборува за Македонија, се пишува за ʺалбанската закана“.

Меѓутоа, кога зборуваат за таков ризик аналитичарите, но и политичарите, пропуштаат да одбележат дека местните Албанци направија се што е можно за земјата да влезе во НАТО, а нивната највлијателна партија ДУИ на Али Ахмети, постави јасен услов за време на преговорите за новата влада, почитување на Договорите со Бугарија и Грција. Така всушност, тие го направија избор на која од двете формации СДСМ на Заев или ДПМНЕ на Христијан Мицкоски да ја дадат својата поддршка. Резултатот е јасен. Толку од албанската закана во Македонија и ризикот од нови конфликти во регионот … Во 2015 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на сослушувањето во Думата, рече дека ʺсе изразуваат идеи за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија“. Руската политика покажа дека може да создава тензија, затоа што по истата логика може да се каже дека Србија и Грција сакаат да ја разделат соседна Македонија, но не го направи, затоа што тие се и стари партнери на Балканот … Но, да се вратиме на нашите односи. Треба ли да ја вадиме историјата како проблематичен аргумент?

Нема сомнение дека историјата треба да се чита врз основа на оригиналните документи. И наместо да работиме на имплементација на основните елементи на Договорот за пријателство и добрососедство и да го полниме со содржина, создавајќи заеднички економски проекти, отворајќи уште најмалку три гранични контролни пунктови и реализација на Коридорот №8, ние стоиме во минатото. Шансата што сега ја имаме е да ја смениме економската карта на регионот, поврзувајќи го Јадранот со Црното Море и да ги зајакнеме неговите предности. Така, економиите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да ја променат 100-годишната парадигма север-југ што ги поврзува Србија и Грција. И наместо да го правиме тоа, ние влеговме во стапицата на бесконечните спорови меѓу нас.

Дали властите во Софија си даваат сметка за регионалната слика околу нас? Србија доста тешко го прифаќа фактот дека Северна Македонија е веќе во НАТО и дека Белград  гледа во Скопје конкурент на патот кон ЕУ. Не е исклучено Македонија да ја достигне Србија, па дури и да ја престигне додека се обидува да го реши своето косовско прашање.

Дел од таа слика беа и разговорите во Белата куќа, каде беше потпишан економски договор меѓу Србија и Косово со посредство на претседателот Трамп. Идните инвестиции ќе достигнат 10-15 милијарди долари, кои ќе бидат инвестирани во изградбата на автопатот Ниш-Приштина и железничката линија меѓу Србија и Косово. Тие ќе му дадат директна можност на српскиот бизнис да излезе на Јадранот, преку албанското пристаниште Драч. Во моменот кога Балканот им врти грб на конфликтите и сè повеќе ги поврзува своите економии, Бугарија и Македонија се раздалечуваат. Парадоксално, нели?

Наместо да спориме чиј е Гоце Делчев, не е ли подобро Бугарија и Македонија да изградат автопат што ќе ги поврзува и кој ќе го носи името на овој наш херој. Пред неколку месеци, советникот на претседателот на Северна Македонија, проф. Денко Малевски, кажа нешто што никој во Скопје не го правел јавно, ʺдека до 1945 година, ние сме биле еден народ“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара да му се одземе професорската титула и да биде отпуштен од претседателот Пендаровски.

Тоа ли се пријателите на Бугарија во нашиот југозападен сосед или оние кои ни предлагаат можност да ги решиме проблемите? Наместо да ја плашиме Македонија со вето, зошто да не го примените тоа на пример кон Србија? Поводи за тоа има, како за бугарското малцинство, така и за отказот на Белград веќе шест години да го врати во нашата земја Цветан Василев? Премногу време изгубивме во спорови, време е за конкретно дејствување, затоа што сме на пат да го изгубиме капиталот од бугарското претседателство со ЕУ, во чиј центар ја бевме поставиле Северна Македонија и нејзиното враќање на европскиот коловоз по 10 годишното екстремно националистичко владеење на Никола Груевски.

* Авторот е поранешен дописник на Бугарското национално радио во Србија и Западен Балкан 2003-2011 година.

ДОНИРАЈ

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO