Фото: Роjтерс

Италијанскиот композитор и добитник на Оскар Енио Мориконе почина на 91-годишна возраст, соопштуваат светските медиуми.

Мориконе, кој освои два Оскари, почина рано утрово во римска клиника ʺод последици од паѓање“. Пред неколку годин тој го скршил бутот. Уметникот бил хоспитализиран со фрактура на бедрената коска пред неколку дена.

Адвокатот на Мориконе рече дека погребот ќе се одржи без јавна панихида.

Мориконе е светски познат по својата филмска музика. Тој има напишано музика за повеќе од 570 филмови, од кои 30 се вестерни. Едно од неговите најпознати дела е музиката за филмот на Серџо Леоне, ʺДобриот, лошиот и грдиотʺ, кој се претвори во класика. Неговата музика се слуша и во познатата италијанска ТВ серија ʺОктоподʺ.

Композиторот е роден во Рим и студирал труба, композиција и хорска музика и хорско диригирање на Конзерваториумот на Националната академија во Санта Сесилија. Тој започнува да пишува музика за филмови во 1955 година, но продолжува да компонира класична музика. Во 1964 година ја започнува својата познатата соработка со режисерот Серџо Леоне, како и со Бернардо Бертолучи.

Во 2007 година добива Оскар за целокупно творештво.

Во март 2008 година, чилеанскиот претседател Мишел Башло му го врачува Орденот ʺПабло Нерудаʺ за заслуги во уметноста и културата.

Удостоен е со титулата почесен доктор на Нови бугарски универзитет (11 декември 2013 година). Тој го одржа својот прв бугарски концерт во декември 2013 година. Двочасовното патување низ филмската музика во салата ʺАрена Армеецʺ собра скоро 9000 гледачи. Специјално соло во неговиот концерт изведе бугарскиот виртуоз Теодосиј Спасов.

Во март годинава, филмскиот композитор се спротивстави на пеењето на балконите во Италија, повикувајќи на поголема почит кон мртвите од тешката пандемија од коронавирус. Носителот на Оскар ја помина својата изолација во неговиот дом во Рим со сопругата Марија.

ʺМислам дека оваа неопходна изолација што ни е наметната од владата ќе биде доволна за да се намали во одредена мера злото што нè опкружува. Не композирам и не слушам музика, не е момент“, рече Мориконе.

ʺПандемија како оваа нè тера да си седиме повеќе дома, да ги преоткриеме времето и мирот, да ги потенцираме љубовта и чувствата, да се преоткриеме самите себе“, додаде композиторот.

Во Холивуд, Мориконе работи со Роман Полански, Оливер Стоун, Брајан де Палма, Теренс Малик, Квентин Тарантино. Меѓу најпознатите филмови со неговата музика се ʺЗа еден грст долари“, ʺМалена“, ʺБеше еднаш на западот“, ʺПрофесионалецот“, ʺНово кино Парадизо“, „Багси“ и неговото последно дело со Квентин Тарантино. во филмот „Омразената осумка“, за кој доби Оскар во 2016 година.

Тој исто така има освоено три ʺЗлатни глобусиʺ и шест БАФТА од Британската академија за филм и телевизиска уметност.

 

Сите што сакаат да ја потпомогнат дејноста на новинарскиот сајт ТАТКОВИНА како и отпочнувањето на заедничко онлајн предавање меѓу РС Македонија и Бугарија со тројца докажани новинари од двете држави може да го направат на платформата ХЕЛПКАРМА со кликнување овде
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO