Сакав некако да го обележам 30 Мај, во чест на Лондонската Декларација од 1913.

Имам големо почитување за ликот и делото на Стојан Коста Новаковиќ, еден од учесниците на Лондонската Мировна Конференција, и ќе беше идеално да му ја честитам успешно завршената минатовековна работа со положување на свежи коприви на неговиот споменик, но немав можност да одам до неговото родно место во Шабац.

Како алтернатива за Стојан Новаковиќ, одлучив да ги посетам и да положам свежи мисли, врз спомениците на неговите блиски соработници во Охрид, Темко Попов, Коста Групче и Наум Евро од Струга.

30 Мај 2020 во Охрид беше жар сончев ден, но околу три часот во попладнето, токму откога излегов, во миг застуде и почна да дува силен југозападен ветар. Езерото беше бесно. Едно дрво лежеше струполено како дело на свевишен забар кој како да го извлекол големиот заб на мудроста. Лежеше дрвото со корените угоре.

Како да и времето беше против мојата идеа да посетам такви споменици на таков вид на Охриѓани и Стружани, какви што биле Темко, Коста Групче и Наум Евриќ.

Покрај тоа што беше 30 Мај како потстетник на Лондонската Мировна Конференција и Стојан Новаковиќ, главната причина што јас решив да ги барам спомениците на дотичните охриѓани и дотичниот стружанец, беше невидената бесрамна кампања и интелектуален линч врз почитуваниот прв Министер за надворешни работи, уважениот професор Денко Малески.

Не постои извор, река, езеро или океан кое може да го измие срамот на сите тие кои го нападнаа синот на стружанецот Владо Малески, храбриот, мирен, и сталожен вистинољубец кој со својот живот и со своите дела покажал дека интелектуално ги сака сите луѓе сосе сите нивни мани и врлини. Јас ги читам уважените колумни на Денко Малески повеќе од една деценија, и сум забележал негова стална природна и нормална метаморфоза и надградба кон подоброто.

Денко Малески со сето што го работел, пишувал и јавно зборувал докажал дека сака мир и пријателство меѓу сите народи и држави на Балканот, и пред се сака просперитетна и напредна Македонија, нудејќи ги своите скромни и добронамерни решенија за комплицираните балкански јазли, јазли, коишто ги врзувале некои други пред нас. Големи, многу големи и многу комплицирани политички злонамерни јазли врзувал Стојан Коста Новаковиќ.

Кој биле Стојан Новаковиќ, Темко Поповиќ, Коста Групчевиќ и Наум Евриќ? Кликнете си на гугл, како што предложи професорот Денко Малески, не е далеку, достапен е за сите.

Памети ли некој кога пред 15 години Денко Малески пишуваше за претците на неговата фамилија? Каква храбра и искрена колумна, браво за Малески. Се сеќава ли некој како го опишуваше своето лице? Се сеќава ли некој на која баба и ги должел неговите густи веѓи?

Ајде сега сите вие што го нападнавте за неговата најнова и најхрабра и најискрена и најдобронамерна колумна, да си земете огледало и најдете ја вашата лична храброст и љубов кон вистината и да си ги побарате своите предци врз вашите лица. Видете ги во вашите лица вашите дедовци и баби и помислете длабоко и долго за нив и за нивните татковци и мајки?!? Имате ли смелост како Денко Малески да напишете храбро и јавно на кого му ги должите вашите лични генетски обележја, и тоа да биде  со цел за да дадете личен пример за Балканското зближување помеѓу народите?! Ја има ли некој од вас таа интелектуална и човечка храброст како Денко Малески?!

Немате храброст јавно да го кажете? Е немате. Денко Малески има, и тоа од тој вид на храброст која ја има за цел добронамерноста.

Постои и храброст за лошонамерност, како таа на Стојан Коста Новаковиќ, кој бил вонредно паметен и интелектуално беспрекорен политичар, кој влегува меѓу 100-те најславни срби кои некогаш живееле, но бил добар за српската политика, и злонамерен за другите, така да за сите вас коишто го нападнавте Денко Малески, сите вие фигуративно му положивте цвеќе на паметникот на Стојан Коста Новаковиќ, и ако тоа ви претставува чест и гордост во денешна Македонија во 21 век, тогаш немам друг избор на зборови…Вие сте или глобоко заглибени во комплекс на ниска вредност во болно и штетно србифилство, или сте слепи и глуви на очебијните историски факти и неприкосновено документовани вистини…друго нема.

Ја примети ли некој Албански интелектуалец и дали ја прочита неговата храбра колумна од пред неколку години, кога пишуваше за Струшките Вечери на Поезијата?!? Дали некој од Албанските политички струшки челници се израдува на напишаното, и му стегна рака на Денко за укажаната и напишана чест кон албанскиот јазик?!?

Да напишам накратко што имаше во таа колумна. Денко Малески повторно пишуваше преку личен пример, преку неговите лични сеќавања, кога млад и накиснат трчал околу Струга помагајќи во организацијата на првите Струшки Вечери на Поезијата, во тие први, најкршливи години на овој денес реномиран културен фестивал на светската поезија…пишуваше Денко како се криел под стреите на трафиките од летниот дожд. Како се борел со уморот, гладта и жедта на едно послушно работливо дете за да му помогне на својот татко Владо Малески и неговите соработници во придонес за напредок и афирмација на Македонски Јазик. Знаете ли што друго напиша Денко? `Јас знам колку мака мачевме и колку вредно работевме да го афирмираме македонскиот јазик во тоа време, и затоа разбирам зошто треба да помогнеме денеска во афирмацијата на еден друг струшки јазик како што е домицилниот Албански во рамките на Струга и во рамките на државата`.

Така напиша Денко Малески, и јас не сум чул дека некој албански струшки политичар, во знак на почитување да разговара уз едно струшко кафе за неговото залагање за добрососедство. Тоа е. Луѓето не реагираат на позитивни вести и мисли, сакаат галама и расправија. Денко Малески интелектуално и човечки преку личен пример на основоположник на тој фестивал, објаснуваше јазолот на проблемот и го оправдуваше акомодирањето и на албанскиот јазик во Струшките вечери на Поезијата, кој денес е еден зрел и пораснат фестивал со светско реноме, кој во 21 век веќе треба да има понапредна и поширока хумана цел и неможе и нема логика да ги почитува скоро сите светски јазици и култури и да го игнорира албанскиот, кој е домашен и со струшка регистрација. Само вистинскиот искрен и честит патриот го разбира искрениот, и честит патриотизам кај другите. Јас патриотизмот на Денко Малески го разбирам и му се восхитувам, а тој на Стојан Новаковиќ не го разбирам, затоа што не е патриотизам, забеган е во национализам и шовинизам, и без да сакам кога го спомнувам Стојан Новаковиќ, и моите чувства сакам-нејќам патуваат кон национализам и шовинизам, по автоматизам.

Затоа тргнав во посета на спомениците на Поповиќ, Групчевиќ и Евриќ. Ги барав ги барав, ги немаше.

Барав насекаде по Охрид, прашав и во Струга, но паметници за Темко Попов, Коста Групчев и за стружанецот Наум Евро не можев да најдам, затоа што нема и не треба да има. Њама!

Го видов скромниот паметник за удавените бугарски туристи во Охрид во бродот(гледај иронија) од бродот ИЛИНДЕН во 2009 година. Време е да се надгради и да има еден поубав и позначаен изглед и појава на тој споменик. Време е за охридските градски советници и градоначалникот да поработат врз изгледот на тој паметник, затоа што Охрид е сепак туристичко место. И покрај сето тоа што Стојан Новаковиќ го глуждоса во невиден проблематичен јазол, ние сепак како охриѓани сеуште ги симпатизираме и почитуваме нашите бугарски соседи, и тоа не заради инает кон Стојан Новаковиќ и негови следбеници, туку поради наша желба, душа, вистина и во име на идеалот на охриѓаните Петар Чауле и Дервиш Хима.

Одкога не успеав да ги најдам спомениците не Поповиќ, Групчевиќ и Евриќ по Охрид и Струга, решив да го одгледам документарниот филм за Коста Стојан Новаковиќ во производство на МАНУ и БАН.

Каков прекрасен, убав и поучен документарец. Секоја чест на интелектуалците и историчарите од МАНУ и БАН кој го имаа изработено со заедничка усилба. Уметнички и историски прекрасен документарец за ликот и неделото на Коста Стојан Новаковиќ. Да, мои читатели, тоа е прекрасниот документарен филм кој никогаш не е снимен, ниту од страната на МАНУ ниту од страната на БАН, а камоли заедничко снимање?!?

И, ете домашна задача за Заедничката македонско-бугарска комисија за Историски и Образовни прашања, и лично до професорот Драги Ѓорѓиев и неговите колеги. Снимете ве молам заеднички еден документарен филм за ликот и делото на Стојан Новаковиќ и неговото другарување со охриѓаните Темко Попов и Коста Групче како и стружанецот Наум Евро, и преку самото работно дружење и двете страни на комисијата ќе го разберете јазолот, а ако го разберете, ете шанса да го одврзите. Ако нема документарец за Стојан Новаковиќ ни од МАНУ нит од БАН, грешката е обострана за недоразбирањето.

Причината е бедна мрзеливост и немукает. Вечна победа на САНУ против МАНУ + БАН. Победа на работливите против мрзеливите.

Значи, држете ги далеку ноктите од Денко Малески. Спознајте ја неговата храброст, и прочитајте ги внимателно, ВНИМАТЕЛНО, со микроскоп неговите зборови. Препрочитајте ја неговата колумна и слушнете ги неколку пати неговите добронамерни зборови, без брзање. Денко Малески ја сака Македонија да биде модерна, напредна и успешна држава, во која сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и други граѓани ќе имаат успешен и напреден живот. Бројот на позитивни јавни личности и интелектуалци како Денко Малески не е голем, и треба да се чуваат како солза во дланките. Ние мора да имаме топли и специјално блиски односи со Бугарите и соседна Бугарија. Со Бугарија сме заедно во НАТО Алијансата и сакаме да сме заедно и во Европската Унија.

П.С.

До почитуваните Александар Вулин и Вучиќ.

Господине Вулин, ве молам како господ да не го задевате нашиот председател Пендаровски.

Имам и една друга молба до вас. Со право нашите две министерства за внатрешни работи соработуваат во летниот туристички период во Охрид. Ќе ве замолам како брат-брата, кажете им на вашите сограѓани да бидат малку потивки през нивниот престој во Охрид. За илустрација ќе ви посочам еден српски господин кој секоја година доаѓа со својата сопруга во жежките летни денови во Шешељевиот најубав српски град Охрид. Овој почитуван господин, влегува рано во вода во Сараишче, во плажата до Света Софија, и откога ќе исплива триесеттина метри краул, се врти и вика као да е средсреде Шумадија, на сиот глас- Ееееееејјјјј, јесиииииии понелааааа пешкир, и го буди цел варош уште пред петлите да запеат. Ве молам како Господ, советувајте го ценетиот господин дека ние во нашиот град не сакаме такви некултурни фалбаџии. Однапред ви благодарам.

Почитуван господине председател Вучиќ,

Ве молам испратете некој член од вашата уважена САНУ да допринесе со вистинити факти, при изработката на документарниот филм за Стојан Коста Новаковиќ, кој знаете и самите е еден од најславните српски државници и ваш претходник и сопартиец. Документарниот филм за Стојан Новаковиќ ќе почне да се снима деновиве во соработка на МАНУ и БАН, и ве молам, овозможите пристап до сите ваши ценети државни архиви за оригиналните документи за Стојан Коста Новаковиќ и неговата соработка со нашите охриѓани Темко Поповиќ, Коста Групчевиќ и стружанецот Наум Евриќ. Као Бога вас молим.

Господине председателе Александар Вучиќ, на крајот ве молам во име на Дамјан Груев-……..Адреса бивших питомаца Друштва Св.Саве, родом из Македоније, Српској Народној Скупштини

Господо посланици, будите тако стрпељиви да саслушате ово неколико речи, које, Вама Представницима српскога народа, ми потписани отправљамо, надајуќи се да че их сваки ИСТИНОЉУБ одобрити, пошто нису друго шта, веч – сама истина. Пре свега тражимо ИЗВИЊЕЊЕ за Овакав један поступак, јер ми знамо да че се Људи, који че се дубоко дарнути, али шта чемо? Ми нисмо томе криви, Веч је крива истина, која је често пута била гажена, али свагда је остајала победитељка………

Преземено од libertas.mk

ИНФО ЗА КОВИД-19 ВНИМАНИЕ! НЕ ШИРЕТЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ! Драги сонародници, да не дозволиме коронавирусот да владее со нашите животи! Заштитете ги старите лица, избегнувајте ги социјалните контакти, мијте ги рацете, не паничете! Животот продолжува по коронавиросот!
loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO