Интервју со Елена Тушевска, кандидат на листа на пратеници од Македонски концепт за ИЕ 4

Елена Тушевска, родена во Валандово, е млад граѓански активист. Завршено средно образование во СОУ “Гоце Делчев” Валандово. Моментално студира на факултетот за туризам и угостителство, а воедно  е во работен однос  во сектор-продажба. Волонтер е во општествена организација на Црвен Крст Валандово како долгогодишен член и хуманист.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Елена Тушевска: Едноличната и монотона политичка реалија и спроведување на власта дома и во однос на меѓународната политика што во овие 30 години ја практикуваа двете најголеми партии кои беа на власт во Македонија, како и слободоумниот, прогресивен и европски – граѓански пристап во програмата на МК Концепт, се основните причини што ме мотивираа да се приклучам оваа нова политичка понуда кај нас…

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Елена Тушевска: Да. Иако сум млада особа, со внимание ги следев политичките прилики кај нас, на локално и на државно ниво. Досега не сум била политички ангажирана ни како подржувач, ниту како симпатизер, а уште помалку како член на одредена партија, но секогаш со внимание ги следев политичките збиднувања.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Елена Тушевска: Целосно следење и спроведување на европските вредности, јакнење на економијата, неодложно и темелно реализирање на реформите во судството, администрацијата и другите сфери, зголемен степен на демократија, ослободување од тесно-партиските интереси, како и внимателно водење на меѓународната политика, според мене, се основните постулати кои се пресудни за подобрата иднина на државата.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Елена Тушевска: Постојат повеќе приоритети кои политичкиот фактор мора да ги преземе за да се направат многу неопходни промени во нашата држава, ако сакаме Македонија да зачекори напред кон прокламираните европски вредности и квалитет на живот. Постои цел сет приоритети кои досега беа нотирани само декларативно, но практично, многу малку или ништо не се операционализира суштински. Реформи, но вистински, силни и темелни реформи час поскоро треба да спроведе политичкиот фактор за да се почувствуваат промените во државата.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Елена Тушевска: Со личен ангажман и посветеност, контакти со граѓанството во мојата локална средина и пошироко, разговори и елаборирање на програмата и целите на Македонски концепт, сметам дека би можела да придонесам промените што ги предлага МК Концепт да дојдат поблиску до граѓаните и да бидат правилно разбрани и подржани.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Елена Тушевска: Управувањето со процесите во државата е од круцијално значење, особено во годините што следат, а во функција на нашата европска перспектива и почеток на преговорите со ЕУ. Лично, како член на МК Концепт ќе се залагам за целите и проектите кои се составен дел од нашата Програма, а се во потполна согласност со европските визии на една држава која тежнее кон вистинска демократија, пријателски односи и разбирање со соседите, стабилност, благосостојба и грижа за секој граѓанин…

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Елена Тушевска: Проектите се составен дел на една сериозна Програма. Сметам дека добро осмислени, правилно профилирани, подготвени во функција на подобрувањето на животот на граѓаните, се conditio sine qua non за остварување на целите на МК Концепт, особено сега кога Европа подржува издржани проекти во земјите аспиранти за членство.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Елена Тушевска: Доколку заеднички, целосно и вистински ги  спроведеме заложбите, за пет години Македонија ја гледам за исто толку години поблиску до полноправното членство во ЕУ. Секако, паралелно очекувам и бенефити на „домашен терен“.

Интервјуто е преземено од politika.com.mk


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO