Неблагодарно, нечовечки е во време на криза да бистрам политика и да профилирам за тоа кој каков е врз основа на нечие убедување бидејќи во моментов сите треба да сме единствени, впрочем тоа е дел од хуманоста како општествена одлика, придобивка, карактеристика, како сакате наречете го.

Човечно е да повикаме на единство во овие кризни времиња, човечно е да се подаде рака на секого па и на оној кој фрла камења по нас, не можам да речам дека сите сме доени и воспитувани по таа линија затоа што „некои“ и нешто „до коска“ не признаваат такви учења и верувања.

Ако, не замерувам на таквите, сепак сме луѓе, од крв и месо и не е мое она во кое јас верувам да го наметнувам на некој друг но исто така не е мое ниту да етикетирам врз основа на тоа во што верувам. Хуманисти сме сите, секој на свој начин, ги љубиме сите како ближните свои, веруваме дека на сето ова ќе дојде крај, а утре пак заедно ќе дебатираме, полемизираме, ќе се расправаме како некогаш секој за своето убедување.

Само морам да забележам на „некои“ за нивната кратка меморија, која пак ја надополнуваат на свој начин и (зло)употребуваат во моменти кога и „едните“ и „другите“ се затворени дома или по државни карантини се обидуваат да ја извршат својата должност како лојални жители на Македонија и својата хуманост ја преточат на дело, секој на свој начин.

Во што лежи тоа кратко памтење, па истите тие „апологети“ или „јавачи на апокалипсата“ како сакате наречете ги, велеа дека тие „другите“ немале идеологија, немале верување и замислете  истите пак испостени периодов генерализираат и удираат врз се што е поразлично од своето не обрнувајќи внимание на фактот дека истиот „јавач на апокалипасата“ беше избран со гласови од „едните“ и „другите“, а да не споменувам и на тие гласачи кои не се профилираат како „едните“ и „другите“ туку само веруваат во тие правци на политиката.

Не сакам да ја продлабочувам ситуацијата па наместо да фрлам со камења ќе фрлам два три збора, колку и да звучи лошо, колку и да испаѓа дека не лаже некој, дека некој си поигрува со настанатата ситуација, должност и право ни е да се чуваме од секакви напади, било да се вирусни или од некои кои лечат комплекси и некои сопствени хирови, да бидеме смирени и со ладни глави да ја пребродиме и оваа криза за утре да излеземе како победници со помали последици.

Трезвеноста и одговорноста во секоја ситуација се основната одлика на секој еден човек, кој размислува пред да каже, кој секогаш излегува на линија за да го заштити секој човек до него без разлика дали е од „едните“ или „другите“, бидејќи на крајот од краиштата и едните и другите победуваат но и едните и другите губат битки.

На секого посакувам здравје и спокој во овите тешки времиња, а пред се посакувам секој еден човек да биде до коска – човек.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO