
Германската канцеларка Ангела Меркел за прв пат по две седмици го напушти својот дом во Берлин откако беше ставена во карантин заради контакт со лекар заразен со КОВИД-19.
Меркел се врати во својата канцеларија, каде ќе продолжи да ги следи правилата на социјална оддалеченост и да ја води земјата преку видео и аудио конференции, изјави нејзиниот портпарол Стефан Зајберт од Берлин.
Меркел (65) беше во изолација во нејзиниот дом во германската престолнина.
На 22 март дознава дека докторот кој и дал вакцинација два дена претходно бил заразен со вирусот. Меркел беше тестирана неколку пати и сите беа негативни. Додека беше во изолација, таа продолжи да работи и да одржува владини состаноци преку видео.
Минатиот викенд канцеларката испрати аудио порака во која им се заблагодари на Германците што ги следат мерките за овладување на болеста и избегнуваат непотребни социјални контакти.