Србија ќе купи модерни и софистицирани ракетни системи од Русија, кинескиот лидер Си Џинпинг вети огромни инвестиции за Грција. Подароци кои е тешко да се откажат.

А Европа ги очекува предлозите на Париз по драматичното вето на Макрон.

Кинескиот претседател Си Џинпинг беше во Атина три дена оваа седмица, за да им донесе подароци на Грците и беше пречекан скоро „како Тито“. Но, дали само Кинезите се такви, кои носат подароци на Балканот, кој е во меланхолично расположение по Макрон, откако не само Македонија и Албанија, туку и другите четири држави ја изгубија европската инспирација и веќе го поставуваат прашањето – Европа навистина ли не нè сака? Се разбира, јавните вербални одобренија не изостануваат, тие дури се подигнаа за неколку децибели. Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во Скопје, направи неколку навистина инспиративни говори, со кои не замоли да се откажуваме од европскиот сон. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, исто во Скопје, во поредната посета на врвен европски политичар за лекување на непријатни рани, тврдеше дека Германија ќе ја настојува Македонија да добие датум за преговори. Тоа што тој го кажа е во согласност со изјавата на Ангела Меркел по драматичниот самит на европските лидери – „Многу жалам“ – но ништо поспецијално. Маас го кажа истото, кое го зборуваат политичари во други важни европски престолнини – сите го чекаат предлогот на Париз за нова методологија во процесот на присоединување кон Европската унија.

Претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски, изјави по средбата со Емануел Макрон, дека францускиот претседател му кажал, дека Париз испратил неофицијален документ во Брисел, но за тоа нема јавно потврдување. Хајко Маас кажува дека нема такво нешто, барем засега. Додека европските политичари се обидуваат да ги намалат штетите, преку драстично намалување на вистинитоста на своите ветувања, балканските земји очекуваат малку повеќе од „заклетвите“, дека нивниот збор навистина вреди. Европската поддршка за идејата за ʺМалиот Шенгенʺ меѓу многу неверни Томи во регионот се повеќе се подразбира како елегантен начин Западен Балкан преку економско здружување да остане на границите на Европската унија, а не како важна подготовка за присоединување кон блокот. Таквото размислување не е без основа, затоа што главниот двигател на овој мал простор-Србија, веќе разбира какви се нејзините перспективи за Европа, и покрај тоа што преговара со ЕУ веќе четири години. Американскиот дипломат Метју Палмер го кажа тоа за време на посетата во Приштина: Белград е свесен, дека нема присоединување кон Европската унија, додека не го признае Косово. Неколку дена подоцна во Белград, тој и го кажа на српската општественост истото, на многу поделикатен начин, но суштината остана истата. Заедно со објавувањето дека Србија може да очекува санкции од САД доколку купи руско модерно оружје.

Ветувања, ветувања

Но, има ли нешто повеќе од ветувања и ветувања? Малку, многу малку. Европската унија е сложен политички орган, кој има потреба од многу време, за да се адаптира кон отворањето на поголеми фондови за присоединување за земјите-кандидатки. Ситуацијата во Унијата е уште покомплицирана, имајќи во предвид дека е во период на транзиција, кога заради внатрешните битки меѓу политички групи, новото одложување на Европската комисија оди за 1 декември. Ако биде поддржана со гласање во Европскиот парламент. Претседателот на новата комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди пред една седмица дека „со блокирајќи ги преговорите за присоединување со Северна Македонија и Албанија, францускиот претседател ја отвори вратата за Западен Балкан за Русија“. Тоа е сосема точно. Но, во општи линии, тоа се само зборови, кои би требало да го отрезнат Париз и ништо повеќе. Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со Макрон во Париз се обиде да биде навестувач на добрите вести, кога изјави, дека очекува преговорите со Македонија и Албанија да започнат во март. „Тие ќе го направат тоа во март затоа што се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат обвинувани за поразот на некој, на кого му било ветувано нешто за нешто, кое владата го направила “.

Дали ова е обид на Вучиќ да се претстави како пратеник на Макрон во регионот? Можеби. Особено поради тоа, дека е видно, дека Макрон и Вучиќ се позиционирани на иста линија и дека Париз веќе го избрал Белград за свој стратешки сојузник во Западен Балкан. Во август, Макрон одржа петминутен говор на српски јазик во тврдината Калемегдан во Белград пред бронзената статуа на женска фигура, под која пишува: „Ја сакаме Франција, како што таа не сакаше нас, 1914-1918“, подигната уште во 1930 година. Никаде во светот не суштестува таков споменик за никоја друга земја.Франција и помага на Србија во 1915 година кога е нападната од Австро-Унгарија. Тогаш голем број ранети српски војници се префрлени во француски болници на Азурниот брег, по тежок и мачен марш низ Албанија. Српските војски се борат заедно со Французите на Солунскиот фронт. На 1 ноември 1918 година, француската армија маршира во ослободениот Белград. Макрон сега дава специјален поттик на тие историски врски, така што за време на посетата во Белград беа потпишани 22 билатерални договори. Некои сметаат, дека идејата за ќМалиот Шенгенʺ можеби била поттикната од Париз, за да останат земјите од Западен Балкан на некој начин во соседство со ЕУ. Тешко е тоа да се тврди, но не може да биде целосно отфрлено.

Но, Вучиќ има стратегија да седи на два или повеќе стола додека го набљудува застојот  во преговорите со ЕУ. Тоа што го кажа Фон дер Лајен за отворањето на балканската врата за Русија, дојде неколку дена по ветото на Макрон. Францускиот подарок за голема приврзаност кон Србија е само дел од стратегијата на Вучиќ. Тој добива и други подароци. Од Русија, особено откако Србија одамна изјави, дека нема намера да се присоединува кон НАТО.

На 19 октомври, ден по ветото на Макрон во Брисел, рускиот премиер Дмитриј Медведев пристигна во Белград. Тој дојде да го истакне добро познатиот став на Москва за косовското прашање, а особено да потенцира дека независноста на отцепената покраина е во срцето на руско-српските односи и дека Кремљ е на спротивната страна на Вашингтон за овој проблем. Заедно со Медведев дојде и објавувањето, дека за заедничката руско-српска воена вежба од 24-29 октомври , наречена Славјански штит, ќе пристигне усовршениот ракетен систем С-400, кој претходно не ја напуштал руската територија. Според многу информации, српската страна само била информирана за тоа, без да се бара нејзина согласност. Овој руски подарок за маневрите беше јавна провокација кон НАТО, во кој членуваат четири од соседите на Србија.

Вучиќ кажа за „Фајненшл тајмс“, дека решението на ЕУ да не започнува преговори со Албанија и Македонија ја оправдува политиката на партнерство со Русија и Кина. И дека Србија ќе продолжи да ја користи Русија и други западни сили како форма на компензација, ако биде оставена во чекалната на ЕУ.

Веднаш после тоа, на 31 октомври, официјалниот претставник на Стејт департментот Томас Заржецки пристигна во Белград со поголем тим за да им соопшти на српските политичари дека планираното придобивање на ракетен систем Тор-М2 ги изложува во ризик односите меѓу САД и Србија. Вучиќ рече: „Верувам дека ќе ги решиме овие недоразбирања со нашите американски партнери, како што сме го правеле и претходно“. Ќе видиме дали ќе стане така, затоа што не станува збор за Србија, а за Русија. По изјавата на Макрон за лондонскиот ʺЕкономистʺ дека НАТО е во „мозочна смрт“, Вучиќ доби уште поголема храброст да ги прифати руските подароци.

–––––––––––-

Извор: DW-Берлин, Германија

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO