Додека Брисел без желба откажа да ги привлече поблизу до ЕУ земјите од Западен Балкан, Кремљ презема дејствија за поблиски односи со регионот и најмногу со нивниот долгогодишен сојузник Србија, пишува Дојче веле.
Рускиот премиер Димитриj Медведев е на посета во српската престолнина Белград овој викенд, за да учествува на одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на градот од нацистичката окупација. Илјадници војници на Црвената армија загинуваат за време на германската офанзива за време на Втората светска војна. Тоа, заедно со фактот дека и двете држави исповедаат православно христијанство, е една од причините што Србите сè уште се чувствуваат емотивно приврзани кон Русите и Украинците.
Опозицијата во Србија го бојкотираше говорот на Медведев пред парламентот на земјата. Тоа меѓутоа немаше никаква врска со високиот гостин, а поскоро поредниот протест против авторитарниот претседател Александар Вучиќ.
Московскиот експерт за Балканот, Иван Преображенски, изјави за Дојче веле дека Медведев ќе се фокусира на економските проблеми за време на неговата посета на Белград. Во мај 2014 година, Москва и Белград склучија договор за стратешко партнерство.
Рускиот премиер е особено заинтересиран за напредок во изградбата на гасоводот „Турски тек“ од 402 километри кон Србија од Турција преку Бугарија, за кој Москва верува дека ќе снабдува сино гориво за земјите од Западен Балкан. Цевката е дсо капацитет од 12,87 милијарди кубни метри гас годишно. Преображенски верува дека Кремљ очекува српскиот дел да биде комплетиран како што беше планирано до крајот на оваа година, но има проблеми со делот во Бугарија. Рускиот енергетски гигант Гаспром исто така сака да ја користи цевката, но според законите на ЕУ нема право да ја поседува.
Според Олег Бондаренко од Фондацијата за руска прогресивна политика, потпишувањето на договор за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската економска унија е исто така особено важна за премиерот Медведев. Тоа ќе ја олесни трговијата со српски производи во земји како Белорусија и Централна Азија.
Србија веќе има корист од фактот дека ЕУ веќе не може да ги продава своите земјоделски производи и храна во Русија. Тоа се последиците од реципрочните санкции меѓу Брисел и Москва во последните пет години. Нема сирење од Холандија на полиците на супермаркетите во Санкт Петербург или Владивосток, но сирењето од Србија се продава. Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, ќе замине во Москва за пет дена откако нејзиниот руски колега ќе го потпиша договорот за слободна трговија, рече Бондаренко.
Според Преображенски, Русија продолжува да се однесува кон Србија со особено внимание и преференции. Тоа е сигнал за ЕУ. На тој начин, Кремљ покажува дека има на располагање не само воени, туку и економски средства за да го задржи своето влијание во странство.
Експертите велат дека една од водечките теми, разговарани од рускиот премиер во Белград е статусот на Косово. ʺПосетата на Медведев е начин да се покаже уште еднаш дека Русија и дава ветување на Србија, дека ќе го искористи своето право на вето во Советот за безбедност на ООН за да го спречи одделувањето на провинцијата Косово во одделна држава, признаена од ООН“, изјавува Душан Релџиќ од германскиот институт за меѓународни односи и безбедност во Брисел. Оваа поддршка е особено важна за Србија во преговорите со Косово и Западот.
Оваа поддршка е сè поважна сега затоа што од почетокот на октомври владата на САД направи нов обид да ги натера косовските Албанци и Срби да седнат на масата за преговори. Посредник ќе биде Ричард Гренел, моментно американски амбасадор во Берлин. Внатрешни извори тврдат дека тој бил назначен за специјален претставник на Белата куќа за Србија и Косово на негово барање. Портпаролот на амбасадата, меѓутоа изјави за Дојче веле дека тоа не е така. Според медиумите, 52-годишниот Гренел претходно залудно се обидувал да ја обезбеди слободната позиција во Белата куќа како советник за национална безбедност.
ʺПретседателот Трамп сака да биде реизбран следната година и за таа цел треба да покаже надворешно политички успеси“, вели Бондаренко. Русија може да ја прифати поделбата на Косово, додаде тој, доколку Белград и Приштина прво постигнат договор и Советот за безбедност на ООН истото го одобри.
Кремљ во моментот гледа со сомнеж на новата иницијатива на САД на Балканот. Во минатото, Гренел остро се спротивставуваше на проширувањето на гасоводот „Северен поток 2“ меѓу Русија и Германија во Балтичкото Море, престижен проект за Москва. Германската влада не подлегна на притисокот. Берлин продолжува да го поддржува градењето. Првите детали што се појавија од состанокот помеѓу Гренел и српскиот претседател Вучиќ пред неколку дена, укажуваат дека остануваат несогласувањата. Подоцна, Вучиќ ги пофали српско-руските односи како одлични. Според српските медиуми, тој очекувал со нетрпение да се сретне со Медведев.