ЕУ ризикува да ја разруши довербата и да го дестабилизира Балканот, предупредија денеска високи официјални претставници откако шепа држави предводени од францускиот претседател Емануел Макрон повторно ги блокираа преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

Имаше широко разочарување, особено меѓу земјите од Источна Европа кои сакаат да го прошират блокот, при неуспехот на 28-те лидери да се договорат за започнување на официјални преговори за присоединување со Скопје и Тирана.

Лидерите не успеаја по седум часа жестока дебата за време на самитот во Брисел, при што Франција остана сама во одбивањето на Северна Македонија, но кон неа се присоединија Данска и Холандија во отфрлањето на Албанија.

Јоханес Хан, комесарот на ЕУ, кој раководеше со усилијата да ги принуди двете држави да се реформираат во согласност со нормите на ЕУ, рече дека лидерите „наштетиле на довербата во блокот “не само во Западен Балкан, но и надвор од негоʺ.

ʺТоа е повод за исклучително разочарување“, објави во Твитер комесарот Хан. „Одбивањето да се признае докажаниот напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација на Западен Балкан, со целосно влијание врз ЕУ“.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров ја повика ЕУ да биде јасна во врска со нејзините вистински намери.

ʺАко нема консензус за европската иднина на Западен Балкан … граѓаните заслужуваат да знаат“, напиша во Твитер тој.

Многукратни одложувања

Тапкањето во место на средбата на врвот дојде неколку дена откако министрите на ЕУ попаднаа во сличен ќор-сокак при преговорите во Луксембург – по две претходни одложувања на земјите од ЕУ во донесувањето одлуки.

Освен Франција, сите други земји на ЕУ прифаќаат дека Северна Македонија има направено доволно напредок во реформите – вклучително и промена на нејзиното име „Македонија“ за да ја смири Грција – за да започне преговори.

Но, Албанија има помала поддршка, при што Холандија и Данска се присоединија на Франција и изразија сериозни резерви во врска со нејзините напори против корупцијата и организираниот криминал.

Австрискиот канцелар Брижит Бирлин рече дека неуспехот на состанокот заслужува „екстремна осуда“.

ʺРазговарав со двајцата премиери за да го изразам моето големо разочарување, и тие исто така се крајно разочарани“, изјави таа пред новинарите во Брисел. „Ова не е добар знак за солидарноста на ЕУ или за стабилноста на регионот“.

Европската комисија соопшти дека и двете земји направиле доволно за барем да започнат преговори, но сега Макрон вели дека тоа не треба да се случи сè додека не се реформира целиот процес на пристапување, тврдејќи дека тој не работи правилно. Но, дипломатите се сомневаат дека Французите играат тврдо од внатрешнополитички причини поврзани со имиграцијата и постои незадоволство дека Макрон изгледа се обидува да ги измести целите.

ʺТие земји заслужуваат европска интеграција. Тие ги исполнуваат критериумите. Инерцијата е правилна“, рече дипломатски извор. ʺНе е фер да се менуваат правилата на игра на средина“.

Друг вели дека „нема логика во тоа. Тоа е неадекватно – само изговор“.

По претходниот неуспех во Луксембург, друг дипломат ја обвини Франција дека ʺги повторува истите глупави аргументи одново и одново“, предупредувајќи го Париз да преземе ʺодговорност за последиците“.

Политичарите во Северна Македонија и Албанија предупредуваат дека трпеливоста на нивниот народ кон ЕУ не е неограничена и многукратните отфрлања ризикуваат да ги охрабрат националистичките и проруските сили.

–––––––––––––

Дејмон Вејк, „Франс прес“


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO