Најголемиот државен празник, денот на независноста на Македонија ме инспирираше да направам една кратка историска ретроспектива на случувањата во изминатите 28 години. Но, исто така преку анализа да го дадам своето лично видување за допуштените грешки од двете страни и тоа како, дури и во услови на постење добра волја, сепак може нештата да не врват во посакуваната насока.

Како се случи голем дел од потенцијалите за развој  на  едно големо пријателство да останат неискористени. Инерција ли е, негување илузии ли се во прашање, сомнеж, нерешителност или сѐ од наведеното? Потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји се занимава истовремено и со историските теми, но и со можностите за економско поврзување и соработка. Тоа не е ни најмалку случајно, бидејќи факт е дека историските теми се извор на недоразбирања и ја отежнуваат комуникацијата меѓу луѓето од двете земји.

Историјата се користи како орудие за создавање раздор со политичката позадина, при што главна жртва е економската соработка. Тоа не би имало толкава тежина, доколку јавното мнение во двете земји не би било толку чувствително на овие теми, но преголемата политизираност на општествата, при што историските теми се предмет на масовна заинтересираност, секогаш со емоционален набој, врши притисок врз политичките елити, да ги забават процесите  на економско, културно и било какво друго поврзување, бидејќи зависат од гласовите на избирачите на секои избори. Таквото јавно мнение, оформено токму од ,,патриотските“ учебници по историја, дава приоритет на своите емоции при гласање на избори, а со тоа се создава поволна општествена клима за развој на популизмот. Популизам, тоа не е ништо друго, освен шоу во кое со помош на национални митови се симнуваат од дневниот ред темите кои имаат реално значење за квалитетот на живот на граѓаните. Токму таа опасност, копајќи по минатото да ја закопаме иднината е причината што историјата и економијата се најдоа како теми на ист договор.

Методолошкиот пристап кон надминување на разликите околу историјата треба да се движат по принципот теза, антитеза, синтеза, за да се сретнеме на половина пат. Тоа би изгледало вака: Македонија и Бугарија минале низ процес на историска еволуција, при кој под влијание на меѓународната ситуација во периодот по Берлинскиот конгрес се појавува идејата за автономија на Македонија и Одринско. Преживеаните национални катастрофи од 1913-та и 1918-та, го зацврстиле уверувањето дека напуштањето на идејата за автономија би донело само заеднички национални катастрофи и тоа овозможило таа да се унапреди во идеја за државна независност. Со тоа што во културната смисла словенскиот етнички елемент во Македонија е дел од бугарскиот етнички корпус. Тоа е тезата која е оспорена од антитезата на југословенската политичка реалност во која се нашле територијата и жителите на денешна република Северна Македонија. А таа гласи дека политичкиот сепаратизам треба да биде надополнет со етнички. И тоа првичните позиции во монархистичкиот период на Југославија се дека македонските Славјани треба да се вклопат во српскиот етнички корпус без право на никаков облик на државност. Во социјалистичкиот период на југословенската држава се пристапило кон федерализација, при што Македонија се појавила на историската сцена како република во рамките на Југославија, со формирање на посебен етнос. Значи, политичкиот сепаратизам сега е надополнет со етничкиот, овојпат со тезата за Македонците како посебен народ и во етничка смисла, која во наследство од предходниот период продолжила да се развива како антитеза на тезата за македонски Бугари. Синтезата би била двете земји да го прифатат постоењето на тезата и антитезата во соодветните периоди. Тоа би значело дека Македонците и Бугарите во минатото споделувале заеднички културен идентитет.

Под влијание на антитезата за два посебни народи, која станала фактичка состојба и реалност се создале две држави како политички и два народи како културни структури, чија близина и сличност е толку голема што отвора извонредни можности за меѓусебна соработка во економијата, бизнисот, културата и сите сфери на општественото живеење. Дилемите околу овие прашања го забавија во изминатите години зближувањето на ниво на човек со човек, на општество со општество, а со тоа и државните институции раководени од политичките елити не беа доволно мотивирани од јавното мнение да ги забрзаат процесите на зближување на меѓудржавно ниво.

Првите моменти по прогласувањето на македонската независност се време на доста силен ентузијазам во Бугарија, која стана земјата која го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија како меѓународен државно-правен субјект. Тоа е доказот дека историјата се и живите луѓе, со свои верувања и емоции. Во конкретниот случај тоа се многубројните бегалци од некогашната етнографска целина Македонија, кои и денес представуваат многу значаен дел од политичката, економската, културата и општествената  елита на земјата. Тие се нераздвоен дел од бугарската држава и нација, кои во семејната меморија го пазат жив споменот за Македонија. Македонското потекло и бугарскиот род споени во една личност, создаваат чувство на пријателство, на блискост со соседите од другата страна на Деве Баир. Навлегувањето во правото на самоопределување од било која од двете страни само би попречило на можностите за разбирање и соработка. А, сега нека да погледнеме кои други заинтересирани страни би се јавиле во улогата на третиот што печали кога двајца се караат. Намалената економска активност меѓу двете земји е причина при приватизацијата на многу големи економски капацитети доминантен да стане  грчкиот капитал. Па така коридорот  север-југ освен со патна  инфраструктура беше надополнет и со нафтовод Скопје-Солун.

Тоа е одлична економска инвестиција, но недостатокот на паралелни исти иницијативи во правец исток-запад, овозможува предност на Грција како регионален фактор за сметка на Бугарија. Недостатокот на рамнотежа на силите во инвестициите на соседните земји како регионални фактори, ја прави Македонија економски зависна од едниот коридор. Значи, иницијативите во правец исток-запад се надополнување, зацврстување на македонската независност. За Бугарија тоа значи можно за освојување на нови пазари во регионот, со што би се зацврстила нејзината регионална позиција. Значи силна и независна, економски просперитетна Македонија како перспектива е  најголема дипломатската победа на Бугарија.

Успехот во пробивањето на тоталитарниот економски и информационен ѕид, како наследство од минатото ќе овозможи по влезот на Македонија во ЕУ, двете земји да го најдат заедничкиот пат и во рамките на внатрешниот дијалог меѓу членките на ЕУ, со што би се добиле односи многу слични на оние меѓу Германија и Австрија. За таа цел треба задолжително да ги надминеме историските анахронизми, т.е. тенденциите на префрлање на историски општествени околности од едно во друго време каде што не им е местото. Тенденции, кои од македонска страна се рефлектираат кон Бугарија како изолационизам, а обратниот одговор е патернализам, бидејќи од Скопје се обидуваат да ја пренесат сегашноста во минатото, а од Софија минатото во сегашноста. Новиот пристап треба да се гради врз вистината за тесните историски  врски, кои надополнети со македонската независност како факт на денешницата го создаваат заклучокот за две независни, партнерски, културолошки исклучително блиски земји, со загарантирано право на самоопределување како поединечно и колективно право. Само така, историјата ќе ја игра позитивната улога на учителка на животот! Со тоа ќе преминеме од сегашната фаза на одделни позитивни моменти во заедничките односи во клучни историски моменти, како што се независноста на Македонија, пробивањето на патот кон меѓународното признавање на државата, отворањето на пристаништето во Бургас во време на економското ембарго од Грција, помошта при воениот конфликт од 2001 година или Договорот за добрососедство, кој ја мотивираше и Грција да го одблокира интегративниот пат на Северна Македонија кон ЕУ и НАТО кон континуитетот во соработката  на економски, образовен културен и секаков план, како понатамошна фаза во зацврстувањето на незасноста и државноста на Македонија и на регионалната позиција на Бугарија.

Винстон Черчил рекол: Народ кој не учи ништо од историјата е осуден да ја повторува! Да извлечеме поуки од минатото. Да не повторуваме исти грешки!

–––––––––––––-

Автор: Ангел Арсов студент по историjа на универзитетот во Штип. Текстот е напишан специјално за ТАТКОВИНА.

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO