Во 1991-та, во неизвесно време, ние, граѓаните, се обединивме околу идејата за своја, независна држава. Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување, сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во честитката упатена до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.

Низ годините, како што посочува претседателот, имавме и подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија.

Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет, вели Пендаровски.

Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и да создаваат иднина, како што истакнува претседателот, мора да се потрудиме многу повеќе како држава и да им обезбедиме услови да се реализираат и да успеат дома, во својата земја.

Говорејќи за различностите, Пендаровски истакнува дека токму нашата различност е нашата привилегија.

Колку поразлични сме, толку побогат и поубав ќе биде нашиот заеднички дом. Да градиме заеднички држава во која сигурно има место за сите нас, да градиме општество ослободено од предрасуди. Држава и општество во која има продуктивен политички дијалог, социјална правда, солидарност кон ранливите и заборавените, во која и државата и граѓаните се грижат за животната средина. Држава во која владее правото, во која истите правила важат за сите нас, и за силните и за слабите, и за моќните и за немоќните, и за власта, и за опозицијата. Држава во која ќе се признаваат грешките и ќе се честитаат успесите. Само таква држава ќе има сигурна и просперитетна иднина, нагласува шефот на државата во честитката упатена по повод Денот на Независноста.

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO