Потребата од нов десен концепт

Општата разочараност на најшироките општествени слоеви во земјава од бавната и неуспешната транзиција кон пазарна економија, секојдневното опаѓање на животниот стандард, чувството на недостаток на лична слобода и демократија, демографските проблеми, општествениот раздор со меѓуетничка, но и внатрешна димензија во рамките на македонското државно и национално ткиво, како и општото чувство на континуирана неправда и нефункционалност на институциите на системот, сами по себе го поставуваат прашањето зошто десницата, која требаше да биде предводник во процесот на декомунизацијата и преминот од еден во друг систем, денес едвај ја забележуваме како идеја, а за организиран политички концепт и субјект и да не зборуваме.

Движејќи се од глобалното кон деталното ќе се обидам да понудам одговор на некои од овие прашања. Да започнеме од разочараноста на оној дел од јавноста кој уште со носталгија гледа кон комунизмот и која верува дека демократијата сама по себе не е добра. Ќе рече некој, та ете направивме најбрутален десничарски експеримент и погледнете ги резултатите. Тезата која што ќе ја поставам на разгледување и ќе ја образложувам понатаму е дека не станува збор за никаков целосен десничарски концепт, ниту за вистински заокружен процес на демократизација.

Системот во кој денес живееме е хибрид, криворазбрана ,, демократија“, која наместо да биде изградена ВРЗ рушевините на комунизмот е изградена ОД неговите рушевини. Од овде логички се извлекува заклучокот дека е неопходна нов десен за санирање на последиците од (пост) комунизмот.

Најпрвин, нека да се позанимаваме со нашата надворешна политика, со чувството за ориентација во просторот и времето во кои живееме. Двата договори за добрососедство со Грција и Бугарија се појдовната точка на приспособувањето на македонската државност во согласност со новонастанатите околности на XXI-от век. Првиот,  нѐ вади од чаурата на самодоволноста и изолоционизмот и ни овозможува вклопување во светскиот меѓународен поредок преку евроатлантската интеграција. Со тоа се решава прашањето дали на оваа територија од 25713 квадратни километри и понатаму ќе продолжи да егзистира некаков облик на државност.

Република Северна Македонија е држава која припаѓа на европското и евроатлантското семејство, а не на некој друг конкурентски меѓународен сојуз на држави, каков што е на пример Евроазиската Унија. Со наоѓањето на своето место под сонцето, се става крај на референцата ПЈРМ, која преведена од дипломатски јазик, може да се толкува како: ,,Ќе видиме подоцна што ќе правиме со овој мал остаток од некогашна Југославија“. Сега веќе видовме. Решението е донесено конечно!

Вториот договор, оној со Бугарија, го засега прашањето каков облик ќе добие таа државност или попрецизно со што ќе биде заменет дотраениит посткомунистички начин на државно уредување. Тука клучен фактор ќе биде деидеологизацијата и објективизацијата на историјата. Тоа подразбира напуштање на концептот на Сталин за нацијата наречен коренизација на народите, како начин на нивно прераснување во нации. Поединците и културните колективни идентитети го имаат како загарантирано правото на самоопределување и врз основа на сегашните  фактички состојби, а не исклучиво врз основа на ,,одобрение“ од минатото во потрагата на легитимитет на својата национална припадност. Главниот аргумент за заштита на македонскиот национален идентитет е самата македонска држава, која преку своите институции го развива, негува и најважно го промовира во странство, бидејќи идентитет е категорија со насушна потреба од препознавање и признавање од другите. Во таа смисла, ни најмалку не ни оди во прилог, отпорот против деидеологизацијата на историографијата, бидејќи доколку дискусијата се сведе на барањето научни аргументи за бегство од историските реалности, тогаш имаме сериозен проблем на соочување со минатото, кој дава аргументи на другата страна, преку ставање на акцент на минатото, да ја пренебрегне темата за сегашноста.

Или, како што впрочем неодамна изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров: Македонија треба да го прифати минатото, а Бугарија сегашноста! Со тоа што стана првата држава која го проби мразот кон меѓународното признавање на Македонија под тогашното уставно име и со потпишувањето на меѓудржавни договори со нашата земја, постапки при кои е задолжителен превод на службените јазици на земјите потписнички со што се амортизираше евентуалниот спор околу јазикот, кој доколку ескалираше ќе го надминеше неколкукратно спорот со името и по апсурдноста, но и по деструктивноста врз нашата државност и меѓународна позиција, Бугарија заврши голем дел од својата задача. Повремените испади на по некој радикал, немаат ни приближно значење какво што им се продава во македонските медиуми, за кои давањето на што поголемо значење на маргинални личности и искази е единица мерка за патриотизам. Така што при тоа страда новинарската објективност и професионалност, се оправдува како  исплатлива жртва во името на ,,каузатаʺ.

Но, поигрувањето со логиката и значењето на историски документи оставени во наследство нам од нашите  преродбеници и револуционери, кое се прикрива и оправдува со правото и потребата на историчарот да ги толкува документите, не може да мине, прво поради научната вистина и објективност. И второ и можеби уште поважно е тоа што постои опасност погрешно поставената научна теза, при симплификацијата од академски стил до четиво за учебник по историја за основно или средно образование да прерасне во класичен говор на омраза, преку епови за деца и младинци!  Тоа е така затоа што за формирање и одржување на тоталитарна матрица на размислување, нужна е исклучивоста како концепт. Како што вели писателот Стојан Христов, во делото  ,, Херои и убијци“: На Балканот се размислува во сфери. Постои бугарска, српска, грчка сфера. Границите на државите се и граница на свеста на луѓето. Не е никаква услуга на општеството или државата, доколку се одрекува напразно дека одредена историска личност која живеела во одредено време се декларирала како македонски Бугарин. Токму по таа линија ние имаме изгубено од нашата колективна меморија голем дел од својата државотворна и културната традиција. Тоа е деструктивен, а не конструктивен процес А сега, неколку зборови и за односите меѓу различните културни идентитети кои живеат во Република Северна Македонија. Тезата од времето на АСНОМ, која под разни формулации, стигнала и до денешниот Устав, за Народна Република  Македонија како држава на македонскиот народ и на   деловите од народи кои живеат во неа како национални малцинства е застарена и е формулација произлезена од потребите на тоталитарните федерации како Југославија или СССР.  Според таквиот начин на размислување, државата е сложувалка со јасно издиференцирани граници меѓу составните делови, при што единственото сврзувачко ткиво е железната тупаница на партијата, која има целосна контрола врз државата и се наоѓа над неа. Тоа понатаму еволуира во создавање на партии на етничка основа, секоја со изцртани сфери на влијание внатре во самата држава по институционален и дури и територијален принцип, додека етничкиот национализам треба да послужи како погонско гориво за мобилизација на масите, кога е потребно да се бранат интересите на исклучително малубројни елити. Новиот концепт треба да се заснова врз идејата дека Република Северна Македонија е мултикултурен шаренолик мозаик, кој самиот е една целина со различни бои кои меѓусебно се прелеваат.

Според тоа суверенитетот на Република Северна Македонија произлегува од нејзините рамноправни граѓани и им припаѓа исклучиво на нив. На сите нив, без разлика на расна, верска, етничка или друга приватна идентитетска одредница. Квалитетот на поединецот а не квантитетот на заедниците треба да биде клучен фактор при напредокот во кариерата. Уште повеќе од етничките заедници, тоа треба да се однесува на партиските војници, чија меѓусебна борба за достап до ресурси, често заради гола егзистенција, започнува да попримува трибалистички привкус. Целосно ослободување на судството и јавната администрација од стегите на било која политичка партија, веднаш. Доколку тоа не се направи, партијата на власт останува над државата, како во комунизмот! А, оние што се во опозиција се казнети по автоматизам. Па, не е воопшто чудно ако некои посегнат и по физичко насилство во борбата да се дојде или остане на власт.

А сега да кажеме нешто и за економската визија, која би требало да го понуди новиот десен концепт. Таа треба да се заснова на подтикнување на иницијатива на поединци и помали групи за развој на малиот и среден бизнис. Затоа секако е неопходно  граѓаните да имаат на располагање брза и ефикасна администрација, без излишна бирократија, апсолутна еднаквост пред судовите и независни, а не партизирани институции кои се претвораат во орудија на владејачките партии за притисок врз граѓаните.

И најважно, преиспитување на сите големи приватизациски зделки и изнаоѓање начини за можностите за создавање монополи во иднина практично да ги нема. Значи, да сумираме од прогласувањето на независноста до денес, со ретки исклучоци, имавме југословенска надворешната политика. Државното устројство правниот и политичкиот систем, останаа под силно влијание на наследството од предходниот систем. Економската либерализација речиси и да не постои. Сведена е на создавање малубројна олигархија, која останува во хибридна врска со државата преку партиите на власт, заради взаемна полза. Значи државниот интервенционизам во економијата не е исчезнат, само поинаку е препакуван. Ќе завршам таму од каде што почнав, со оние кои тврдат дека никогаш не требало да излегуваме од комунизмот. Јас дури и без никаква иронија и со сета сериозност би ги прашал: Кога ние сме излегле од комунизмот? Како јас сум пропуштил лично за мене една таква важна радостна вест? Новиот десен концепт треба да биде идејната сила која ќе води до санирањето на последиците од комунизмот како начин на мислење и на материјалните штети што неговото идејно и кадровско наследство ни ги нанесе од независноста до денес.

–––––––––––––––

Автор: Ангел Арсов. Текстот е напишан специјално за ТАТКОВИНА.

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO