<- ДЕЛ 4

Македонските и албанските душегрижници за јазикот и историјата, ова уште дури го читаат, со право ќе се запрашаат: како предметите по национална проблематика ќе се изведуваат?

Два светски јазика и еден локален, нели таква е препораката и заложбата на Европската унија за образованието на своите млади граѓани. Еве, го изложивме. Нашите ученици и на часовите по мајчин јазик заедно ќе бидат.

Заедно ќе учат по два часа и македонски и албански јазик. Таму кај што има и друга поголема заедница, дополнително уште по еден час јазик на таа заедница. На албанските ученици затоа што албанскиот им е мајчин јазик, по овој предмет ќе добиваат петки, а останатите од останатите етнички заедници, двојки и тројки.

И обратно. Тие од македонски јазик во просек, ќе добиваат помали оценки, а Македонците повисоки. Најважното, младите спонтано ќе прозборат и ќе поднаучат од комшискиот локален јазик. Откако беспрекорно ќе го совладаат јазикот на светот, англискиот, па и германскиот и преку тие јазици и стекнати знаења ќе станат светски граѓани, дури тогаш, отпосле ќе го отфрлат шовинистичкиот плашт наметнат врз нивниот мајчин јазик.

Од здобиената широчина од образованитето по светски стандарди, самите ќе можат најточно да го определат значењето, убавината и местото на нивниот и на комшискиот јазик кои само повеќе ќе им омилеат, ќе ги негуваат, а тие веќе не ќе им служат како орудија за непријателства едни против други.

Ние, постарите генерации кои во текот на образованието не сме имале ниту еден час на англиски јазик или германски јазик, со нашиот Тарзан инглиш затоа што не можеме да пишуваме на англиски или германски, за нас и за оние што сакаат на својот мајчин јазик да пишуваат, за ниви понатаму и секогаш ќе ги има од Министерството за култура годишните конкурси за потпомагање на литературата на јазиците на националните заедници.

Проектот, Република Северна Македонија без преведувачи и без слушалки со превод би требало да заврши за не повеќе од пет години. Наставата по историја? Многу лесно. И таа на англиски.

Истото градиво учениците заедно ќе го слушаат и ќе го учат на англиски. Нашите тукашни историчари ако не можат да се сложати учебниците по историја заедно да ги напишат, Министерството ќе нарача странски специјалисти да ни ги напишат. И штом умен се правам, дозволете, до крај да ја „засолам“.

Со намера најмалку да релативизирам, не можам да го прескокнам намерниот привид на македонските и албанските историски глорифицирачи на засебните национализми во досегашните наши учебници по историја. За таква научна цел, нашиве историчари го користат „методот“ на строго отфрлена дијалектика.

На балканските историчари очигледно помил им e методот на статиката од градежништвото. Него го ползуваат, градат одбрамбени кули и со нив како национални паравани едни од други на средновековен начин се браниме, во нив по едно време ни станува тесно и задушливо и ајде наново, нашите кули кон противникот ги изместуваме.

Пак да се потсетиме на резултатот од овој ползуван статички метод меѓу македонските и бугарските историчари. Сега меѓу едната и другата страна е зината парадоксална бездна. И покрај сите историски документи со бугарски историски предзнак, за бугарската страна е несватливо како сега одеднаш се појавија Македонците, а за нас во Северна Македонија, непоимливо е како тоа сите наши предци биле „национални предавници“ или “национално неосознаени“

Тоа е осветата од пренабрегнувањето на дијалектика. Профетскиот дух на проф. Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во назависна Македонија, во повеќе колумни, многу умно заокружува, ние на Бугарите да им го признаеме минатото, тие во истиот момент нам да ни ја признаат сегашната македонска нација. Таа пренабрегната дијалектика е јасна и од односот на истакнувањето само на разликите меѓу албанските и македонските историчари, заради што се подзабораваат трудовите кои би требало да бидат подоминантни во четивото на тукашните наши историски учебници

. Меѓу другото, показателите од научните трудови посветени на исламизацијата во Македонија, јако не се точни), сегашниве историчари можат наново да ги проверат. Веќе покојниот проф. Методија Соколовски, турколог, (и не само тој), постапно и детално, во многу трудови според пописите од педантните турски пописни дефтери, знаечки ги има проследено овие мачни “дијалектички“ процеси од минатото.

Во првиот том од: Тетово и тетовско низ историјата, Тетово, 1982г., на стр. 117., после страници и страници табели и цифри, заклучува: “во градот Тетово во 1528 година околу 2355 се исламизирани христијани или секое трето муслиманско семејство. Во 1545 година од 101 семејство 38 се исламизирани или 3796, а во 1568 година од 230 муслимански семејства во градот 194 се исламизирани или 5893, т.е. секое второ муслиманско семејство во градот е исламизирано.“

Како читетели на историски четива можеме уште за многу историски феномени да поставуваме прашања, како: за општествената ориентација на знаменитиот Скендер бег, човекот со три вери, од правослевец кој прешол на ислам, па во католик. За името на мајка му, славјанката Воисава, од тетовски Пирок, за името на татко му, православниот (словен?), Јон.

Нивниот син, Скендер бег, цел живот антитурски настроен воин кому и Прличев, нашиот преродбенски поет од ХIХ век, му испејува цел еп. На Скендер бег словенското население не му се спротивставува, туку го поддржуваат, а сега, од современото албанство тој е свртен против нас.

Или, за мировниот договор во Подгорица 1920., потпошан од тогашните водачи на националните движења, Тодор Александров и Хасан Приштина. Договор склопен во мирно време, без ничиј диктат. Не секогаш правнички и законски, но прашање е на чест и треба да се ребрендираат и имињата на навивачките групи Комити и Балисти…

Некако, стасавме до крајот. И на крајот: нема квоти, нема проценти, нема вечно и мачно пребројување, туку целосно интегрирање на сите граѓани го “едно цело“. Граѓанско. И европско. Што не значи државата во буџетските институции не ќе води сметка за националната застапеност.

Тоа нам, на корисниците на државните услуги многу не ќе ни значи кој чиновник, професор, полицаец, доктор, шофер или судија… е од која национална, полова или верска припадност. Европските институции овој и ваков наш долгогодишен, всушност наш перманентен и „вечен“ проект за наше суштинско поевропејчување сесречдно ќе ни го помогнат.

И ќе нема разумна сила која таа и така конципирана наша нација што не ќе ја признае за засебна. Само една година, можеби и помалку, ваквата новата ситуација ќе ни создава само весели проблеми, а нема да произведува суштински проблеми, колкави се зрната грав во чинијата на другиот.

Вака некако, рационално утописки обмислената македонска реалност практикувана во секојдневието, од реалноста ќе добива енергија за да се залетаме.

Со намален, дури преполовен број на пратеници во Собранието, со упростеното, веќе споменатото водење на административните работи кое самото ќе бара малку администрација и помал број на министерства и некабасти државни органи, за неколку години ќе добиеме ефикасна, продуктивна, прозрачна и евтина држава целата налик на стегната холдинг компанија од средна големина во европски размери.

Кон ваков или некој отприлика ваков (северно) македонски модел на државно организирање треба да тежнееме. Македонска бела утопија, за сите сон, за никого кошмар.

Кај ќе ни биде крајот?!


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO