Учевме во истото основно вруточко училиште на Главардар. Јас во македонска, Музафер од чико Неат, во албанската паралелка. Останатото се исто. Тогаш се појавија гумите за џвакање, или како сите ги викаме, мастиките. Ги купувавме кај чико Енвера, в продавница во домот сред село, или вруточани како што го викаме, на Вијан. Останатото се исто. Џвакавме.

Џвакаше цело село, џвакаше цел Гостивар, џвакаше цела држава, тогаш Југославија. За манијата по џвакањето немаа многу разбирање нашите родители и не ни даваа пари за кога сакаме, мастиките да ги менуваме. А, мораше да се џвака. По цел ден. На часови, се разбира, џвакањето беше забрането, а учителките не ни дозволуваа, од хигиенски причини, мастиките да ги лепиме под клупите и како најстрастните пушачи кога издемнуваат и најнеможна пауза за да запалат цигара, и ние, и на најкусите одмори надвор излегувавме и трескавично неколку минути џвакавме дури не заѕвонеше ѕвончето. Тогаш, ги вадевме мастиките од уста и ги лепевме една покрај друга на стеблата од старите јаболкници со кои беше опкружен училишниот двор. И на секој одмор, најбргу што можевме, сите си одевме по својата мастика. Дури еднаш, во дотрчувањето, од пред рака, мојата мастика, токму кај што на предходниот одмор бев ја залепил, ја фати Музафер и ја стави в уста. Немав време за двоумење. Другиот избор беше, да останам без мастика. И најблиската што ми беше до рака, ја грабнав и сластно ја заџвакав…

И сега, по многу години, ми се чини, сите до безсознание џвакаме и вечно преџвакуваме една иста мастика. Онаа што ќе ни ја потфрлат. Другото, насекаде е исто. Џвакаат. Таква некако ми изгледа функцијата на медиумите. Каква мастика ќе ни потфрлат, таква мастика џвакаме.

Со говор огрубен од реалноста, ние новинарите, секојдневните тегначи на мастики третирајќи го животот како фекалија, заедно сосе нашите текстови и кога молчиме или илјада пати истата работа ја преџвакуваме, само сме показатели на колективната болест чии симптоми врз нас станале одамна видливи. Никогаш не истерувајќи некоја работа на чистина божем затскривајќи ја со тоа нашата ачик омраза, ја живееме баналноста и околу нас преку медиумите ја потфрламе како мастика за џвакање.

Мастиката на омразата завиткана е со станиол на баналноста. И на екрани без престан дури вртат евра во торбичиња врзани во ластичиња, одеднаш трагедија во Ново Лисиче! Од играчка, плачка. Вака беше, онака беше… Олеснителни околности во баналноста нека бараат адвокатите. Содржината, омразата си останува нечепната. Во нас. До нов нејзин изблик преку баналноста…

Не изнаоѓајќи во себенадминувањето барем малку човештина за другиот, капка човештина што е моќна и вселената да ја стопли, студенило од себеоддалечувањето ги прави во нас океаните растојанија кон другите, малку поразличните од нас. Се чека само да се поклопат кружните патишта на сказалките на баналноста. Фатална, како замладиот Никола Христовски од Ново Лисиче.

Не станува овде збор за нашата збеснатост од деноноќното гледање на еврата со кои се играат самоснимените Орце и Боки, за нашата реактивна омраза која што одсекогаш мобилизирала, придвижувала и по гневниот бран од драматичности кога надоаѓа нова, инаква оштествена клима, зборуваме за нашето систематско самотруење. Овде нас уште омразата не поврзува. Таа ни е погонско гориво за судири едни со други и сенешто што јадеме, во нас се престорува во калории омраза на кои живееме и сами од себе согоруваме.

Сме, лоши сме, затоа што сме банални и баналното до бескрај како процедуралност од повисоки цели го преџвакуваме како божемна наша хуманост. Без да бидат од некого повикани, овие денови од оваа банална трагедија со меѓунационална па и меѓуверска миризба, најпогодени требаа да бидат и јавно, како човечка должност, на погреб на несреќниот Никола да му појдат, пред сите, пратениците и јавните личности од бошначката заедница. Особено капка човештина добро ќе дојдеше од нивната позната бошначка активистка секогаш забрадена во шамија, во посета на неутешната мајка на Никола.

Во прегломазната администрација имаме Агенција за меѓуверски односи, сега една државна агенција прејде во ранг на Министерство за односи меѓу националните заедници и морам да признаам, тие чиновници незнам што работат. За медиумите, рековме, да не трошиме зборови…

Лицемериме за поинаков живот, а вечно иста мастика ја потфрламе на јавноста. И како и јас и Музафер, денес и двајцата во години пред пензија уште што ја џвакаме заедничката мастика, така и двете млади момчиња од тепачката во Ново Лисиче, сите години на нивното растење, џвакале иста мастика. На омразата.

Сакаме сила за дејствување во спротивен правец од оваа во која се движиме, а за тоа не потфрламе ново џвакало. И не барајте изговори. Ниту во други да го бараме нашиот изгубен углед во своите очи. Лоши сме. Никој од своите не треба да се оградува, доволно дејствено е во травматичен момент самото наше присаство кај другиот, оштетениот, јасна порака дека својот од своите само бара посмирени емоции и постапки.

Секојдневно секого оѕверувајќи го и спотнувајќи му апетити, а ла Камчев и Боки, а заедно, мешани народи на едно место и најчесто не по своја воља, и сите ние со свои мечти, копнежи и тежненија, и без трошка добротија која малку, од малку, ќе ги стоплува и најдрските и најсуровите срца меѓу нас.

Капка човештина од другиот за другиот. И ништо друго. Единствената е постапка што секој ќе ја свати дека искрено се почнало со потфрлање во народот на инаква мастика за џвакање. Останатото, се ќе биде поинаку.

Младен Србиновски


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO