<- ДЕЛ 2

Продолжуваме со заокружувањето и опкружувањето. Наше. На часовите по геометрија учевме дека на рамностран правоаголен триаголник може и однадвор со шестар да му се опише голем круг и внатре со шестар да му се впише мал круг.

По тоа се разликува добриот од лошиот писател, новинар, мислител… Лошиот писател и најдобрата тема нека ја фати, во неа секогаш мало крукче ќе впише и вишок на ќошеви ќе останат да му стрчат. Големиот талент и на најмалата тема и опишува голем круг, зафаќајќи нешто и вондаденоста, но секогаш држејќи да не бега од крајните точки на ќошевите.

Не само кон нас, кон нашата страна од коцкичката, на српската општественост и политика и предстои тешко приземјување и вообличување во шарената балканска сложувалка. Нивниот премногу отворен шестар за опишување на српскиот круг од интереси и тежненија не ги допира упоришните точки на ќошевите од нивниот правоаголен триаголник. Српски дамнешен специјалитет кој на нив сега им задава невидени главоболки. Како во законите на физиката, закостенетата неоформеност штом насилно ја пикате во (европска) оформеност, настанува огромно меѓусебно искричење од сите страни меѓу калапот и телото.

Не треба да се знае ништо посебно од минатото, не треба човек да е од овие простори, нека поживее дојденец во Македонија и од она што го гледа и слуша, самиот ќе заклучи: ние немаме големи,отворени меѓудржавни проблемии со Србија. Нивниот шестар од интереси ја опкружува Македонија, но не може да фати голем историски факт за да притиска и диктира услови онака како што тоа ни го прават останатите наши соседи. Се обидуваше и педесетина години тоа го правеше Српската православна црква со непризнавањето на Македонската православна црква. Сега, со согласувањето на МПЦ за најзина црква, мајка да и биде Бугарската православна црква во барањето од Вселенската Цариградска патријаршија за приклучување на нашата црква во Екумената на православните цркви, СПЦ како (само)неметнат фактор за решавањето на македонскиот црковен проблем, самите нови околности ја исклучија.

Непристрасниот дојденец во нашето секојдневие би забележал уште еден тукашен специјалитет: српското медиумско присуство во Македонија е далеку поголемо од вкупното присуството на сите останати околни наши соседи. И заедно со тукашните медиуми кои овде ги контролираат, јасно се оцртува моќната пропагаторска мрежа на противењето за наше интегрирање во НАТО и ЕУ.

По урнекот на нашиот бивш премиер Груевски, заложувањето на сегашниот српски председател,Вучиќ, таму да подигне педесетина споменици на познати српски личности низ Белград и Србија, меѓу кои и на Стојан Новаковиќ и Слободан Милошевиќ, посетителите тогаш ќе можат, од споменик до споменик, логички да го подредат нивниот долг пат до триумфот на ништожноста. До катастрофата. Бронзено материјализирано и нагледно, од Новаковиќ, авторот на националниот концепт “Начертаније“, од средината на 19-ти век, за насекаде сеење ветер, до Милошевиќ,  бурата по повеќе од век и половина. Вообразени или реални, македонистички заматени или појасни, главните наши “идентитетски“проблеми се со Бугарија.

Влегуваме во емотовно топлотното јадро на овој текст. Бугарската историска приказна, или средновековието за географската област Македонија е многу јасна за специјалистите од оваа проблематика надвор од Македонија и веќе рековме, така се изучува во светот. Посурово речено, бугарските историски аргументи во Македонија доминираат, а околните три држави на многу малку нешто можат да се потпрат за да го бранат нивниот историски карактер на оваа географска област. Иронијата на историјата е што сега токму другите три околни држави, Грција, Србија и Албанија имаат неспоредливо поголемо влијание во македонското секојдневие од државата Бугарија. Каде е тогаш нивната, “бугарската“ грешка?

Бугарската страна објаснува општествено – историски неповолности за обезбугарување на мнозинското славјанско население одовде Осогово и за многу нешто е во право. Победничкиот блок на поделена Европа и во Првата и во Втората светска војна беше со Србија и Грција, но, одпаѓањето на Берлинскиот зид, истите тие околности сега триесеттина години работат за Бугарија.Дали сегашна република Бугарија, веќе десеттина години членка во НАТО и ЕУ е задоволна од онашто го направила за и во Македонија е нивен проблем.

Нам одовде Деве Баир, ни се чини, не се баш најзадоволни од овдешната наша пријателска срдечност кон нив, како што и ние, македонските граѓани што не сме задоволни од бугарскиот застарен и иритирачки патернализам, со некој убав исклучок како изработеното од Бугарија за Македонија и за целиот Западен Балкан при нивното неодамнешно ротирачко шестмесечно пртедседателствување со ЕУ. 3а прв пат, Бугарија во првите шест месеци од балканската пресвртна 2018., успеа и покажа дека инаку со, сепак, може да го отвори шестарот за опишување на својот голем круг околу бугарскиот триаголник од интереси, што не попречува и на другите големи балкански национални кругови да минуваат и по точки и полиња од заеднички меѓусоседски или општобалкански интереси.

Актуелниот македонски премиер Зоран Заев ги стави картите на маса и вековните игри на намигнувања во нашиот македонски, па и балкански простор веќе до толку како порано не врват. Затоа што не врват во Европа.

Летото 2017., тој го потпиша и македонско – бугарскиот Договор за добрососедство. Среќата ги следи храбрите, од силите сто и педесеттина години Македонија што ја заглавуваа во жив песок, тој за една година ја одглави државата и ја постави на европски шини. Она штогенерации и генерации посакуваа од двете страни на македонско – бугарската граница, по потпишаниот Договор за добрососедство со Бугарија, меѓудржавните проблеми драстично се растоварија. Договорот за добрососедство донесе нов критериум во македонско – бугарските односи: способноста или неспособноста сами да увидиме што едни на други правиме, наместо својата правоверност или безобразлук постојано на трети сили да им ја припишуваме.

По Договорот, бугарската страна е на потег. Знаат ли на тој Договор да се благодарни? Тоа ќе им биде внатрешниот лакмус тест за нивно доевропејчување или самошовинизирање. И тука им нема надворешна помош. Времето пред нас ќе покаже дали знаат како понатаму со соседската, (идна Северна) Македонија. Несомнено, по некоја година ќе се изработат транспортните, нафтените или гасовите коридори, ќе се напишат и поправат учебниците, заеднички ќе се слават празниците, овде ќе домолкнат и сега подзамолчените македонисти и пак бугарската јавност ќе остане незадоволна, не сакајќи да увидат дека од нивните потези зависело дали ќе бидеме европски браќа наместо балкански “браќа“.

Каде е нивната сметка што не им се покажува на пазар кога сите знаат дека бугарската страна не ги фалсификува и извртува прашливите историски документи? Од други кажано и до сега, соизјавите на некои членови од бугарската Комисијата која што ќе работи со македонската комисија за „пеглање“ на историското градиво во македонските учебници, или коментарите од бугарската страна по заедничкото илинденско чествување на Заев и Борисов во Благоеаград, дека бугарската држава може да ги застане македонските преговори кон ЕУ, неможно е да не се исчудуваме на несмасното размислување за Македонија од страна на бугарските политичари и интелектуалци. Или уште подиректно.

Да ја објасниме кратковидоста и безобразлукот на бугарската политика преку издавањето на бугарските пасоши. Пра пат кога нешто поконкретно можеше да покаже бугарската политика, се покажа која е. Од опипливата бугарска полза, невидена придобивка за бугарскиот граѓанин и сон за седум милијарди население по светот. Нормално, многумина,илјадници од Македонија аплицираа за бугарски пасоши. Врапчињата веќе зборуваат, оние кои добиваат бугарски пасоши во Македонија се мрачните македонистички антиевропејци и антибугарски мразачи.

Пак вечното бугарско внатрешно крукче на впишана идиотштина. А, бугарските пасоши се постојан аргумент во овдешните расправии.По сето она што направи премиерот Заев за македонско – бугарското помирување, не верувам баш некој од семејството Заеви ако побарал бугарски пасош и дека добил. Сега да се живи ГоцеДелчев, Карев, Татарчев, Александров, Прличев, Миладиновци… Бугарски пасоши сигурно не би добиле.

Или, најдиректно. Опишаниот круг на бугарскиот триаголник, меѓу другото, можеа и со бугарските пасоши да го направат. Веднаш по здобиената можност со бугарски пасоши да може непречено по Европа да се патува, учи и работи, отворено, јавно, со сите сили, ама со сите сили, во Европскиот парламент бугарските европратеници требаа да побараат на сите македонски граѓани што имаат македонски пасош, “без оглед на вера и народност“ да и дозволат на Бугарија да им издаде и бугарски пасоши. Ако тоа не поминеше, а зашто да не, да добијат барем само оние, од осумнаесет до четириесет години. Оние што треба да се школуваат или да работат.

Најактивните што бараат и што имаат на животот што да му дадат. Аргументите се безброј, ниту сме многу, ниту некого ќе загрозиме, ниту најмладите овде се виновни вака што се затворени. Ако сме ние нивни браќа, штом одвоени одамна, во своја држава и со други националности сега живееме, нам на Македонците ако тие сега ни се браќа, тогаш тие  и на ним, и на Бугарите им се браќа. Такви некои доброосмислени, широки потези на оцртување на опишаниот, голем круг од топла енергија што можеше бугарската политика да ја направи за Македонија, ќе беше претопло поздравена од сите македонски граѓани. И не само во Македонија.

И Белград и Атина и Тирана и Брисел, отворено ќе речеа, браво и благодариме. Секој и секаде ќе рече, чекај па овие “клети“ Бугари никому не мислат лошо, тој спин за нив некој намерно им го ампутира. Вечно актуелната Соломонова мудрост за детето со мајките, бугарската општественост нејќе да ја примени. За потоа сама Европа соломонски да биде мудра. По некои вакви и слични големи потези, Бугарија со полна уста ќе имаше не само уценувачко, тукуи морално право да рече: ајде сега, учете ја историјата каква што е. Со учебници во кои нематеправо младите луѓе системски да ги труете за тие некого, а најповеќе своите предци, да ги мразат.Тоа ќе беше завршниот голем бугарски круг на поевропејчувањето. Нино, наше и балканско. Фактите се едната линија, мртвата, минатата работа, ланскиот снег, а животот е другата линија, недофатливата и ненапишаната.

Што ја живееме и што прави нови документи. Без преддејствија и само со неинтелигентно инсистирање на историските факти, бугарската страна како намерно да работи за одржување на смислената македонистичка одбивност кон нив. Да не заборавиме уште еден факт, без такви човечки преддејствија од бугарска страна, на македонистичките пратеници од република Северна Македонија што ќе влезат воЕвропарламентот, Бугарија ќе им биде најголемиот непријател. Нека се држат од таквите со бугарски пасоши во Брисел. Да има Меѓународен суд за интелектуални злосторства во Хаг, македонстичките јазичари и историчари за многу нешта би се извинувале. Но, очигледно и бугарските интелектуалци во однос на македонскиот проблем како да се прегазени од времето. Сега, нашите, скопските македонистички претставници во меѓудржавната македонско – бугарска Комисија за фактите нека се сложат тукашните наши учебници да бидат токму по кеиф на бугарските историчари, Бугарија пак во Македонија не ќе биде премногу омилена.

Со уцени не се добива пријател, само се губи.Ние сите имаме блиски роднини, па со некои и не зборуваме. Со сила “брат“ не е брат. Или јас можеби не знам што значи брат? На брат уцена не се прави: тоа потпиши, она потпиши, тоа признај, она признај… Тоа треба да го разберат отаде Деве Баир.За жал, што би рекол скопскиот академик, Блаже Ристовски. На спомнатиов академик веројатно веќе му имаат издадено бугарски пасош. Но, тоа е, Бугарија како вечно да е осудена во неа и понатаму да се одвива еден тивок процес на самошовинизирање пост фестум, нивна внатрешна каракачановизација, толку добродојдена за скопските раскринкани антиевропски македонисти, толку непотребна на Бугарија за нејзино повторно бламирање. Цел свет сега кога „работи“ за Бугарија, таа самата си работи против себе.Мм.на крајот, по правило, секогаш доаѓа потреба од зборот, излез. чаре? Излеговме од емотивниот дел и навлегуваме во најдлабинската фаза од текстот.

ДЕЛ 4 ->


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO