Значи, ние со децении се обидувавме и сакаме со антиевропското, (во случајов) со второто стојалиште да станеме членки на првото, европското стојалиште за Македонија. Што се направивме и какви далавери не сториеме и, никако не одеше. Европа во изминативе скоро три децении од нашето осамостојување постојано ни порачува- со сраснат шовинизам, македонизмот нас како наш божемен ИДЕНТИТЕТ, не нејќе во своето семејство.
А, како ние кутри, да им објасниме дека тој инектиран шовинизам во нас како наш идентитет е ВЕЌЕ станат наша природа . Ете го одговорот за обичниот народ што се чуди и прашува: како тоа само македонските политичари и интелектуалци никако да не можат за најважните работи да се сложат.
Едноставно, стојалиштата на истите македонисти од скоро им се дијаметрално спротивни, неодамна вака меѓу себе се поделија, а со децении дуваа во иста тиква која пред сите ни се распукува. За реата, другпат, но, дури сега се појавува најтешкиот, внатрешниот проблем на непомирливите меѓусебни македонски поделби. Политичката идеја за самостојна Македонија срочена од историското БМОРК, ВМОРО, ВМРО е понекој чудесно среќен начин идеја компатибилна со веќе спомнатото европско и научно гледање за Македонија, а концептот на АСНОМСКА Македонија за држава на македонскиот народ со свој јазик, црква, култура и национални малцинства во околните држави е европски неприфатлив истите овие емотивно болни реформи и договори се всушност „шишање“ на асномскиот концепт на Македонија и нејзино преобликување по концептот на Уставот на историското ВМОРО.
Првиот,европскиот Илинден и Вториот, коминтерновскиот Илинден се суштински противположни еден на друг. 3а овој проблем и за неше национално помирување имам и цела книга напишано, |“Обеди ништожност“, Скопје 1999.), но очигледно прокукурикав многу пред време.
Токму затоа, после сето поминато, време е трезвено да погледнеме на нашите два концепта за Македонија што нашите интелектуалци никако, вака подредено и прегледно на народот не му ги срочуваат. Да почнеме со европскиот, „вмровскиот“ концепт за Македонија.
Црни или бели, позитивни или негативни, од утопиите како најдлабоките занеси на човечката природа е придвижуван светот. Идејата за самостојна Македонија е класична утопија. Големите сили не му дозволуваат на географскиот регион Македонија со преовладувачко население (тогаш) македонски Бугари да се припои со царството Бугарија и тие се самоорганизираат внатре.
Тој сонот, испуханиот македонски кошмар, е чудесен изблик на човештина, чекори и чекори пред сите останати национално преродбенски “утопии“ на Балканот, наш државнички легитимитет на толерантност. Од нашите предци измечтаена, во секој поглед конципирана, бела, позитивна утопија. Тоа е „преамбулата“ на Уставот на историската организација ВМОРО: “да ги сплоти сите незадоволни елементи во Македонија, без разлика на вера и народност и да ги подготви за борба во името на еднаквите слободи, права и задолженија во заедничкото слободно општество“. За разлика од подоцнежните, негативните, црни, “усреќувачки“ утопии на ХХ век, оваа утопија, во принцип, не заслужува наводници и ете, преживеа идејата на нашите предци за самостојна Македонија која не пропагира за едни рај, а за други пекол.
Некоја деценија подоцна, кошмарност или црна утопија за населението од географска Македонија подготвува и спроведува српската политичка и научна општественост. Ова е зародишот на македонистичката, сепаратистичката, антиевропската концепција. Увидувајќи дека не ќе можат одеднаш македонските Бугари под турско да ги посрбат, српските учени, од Новаковиќ, преку Белиќ и Цвијиќ, подготвуваат дијаболична стратегија за наше постапно откинување од бугарсктвото преку т.н. македонизам. Дефинирањето на македонизмот отприлика би бил веќе споменатото.
Второто стојалиште како гледање на Македонија, дека: во централниот дел на Балканскиот полуостров, меѓу Бугарите иСрбите, има уште еден посебен словенски народ со свој јазик, историја, култура, црква, традициии (од АСНОМ) со свои национални малцинства го околните држави. Македонизмот е крајната точка, врвниот дострел на српскиот „империјализам“ кој подоцна, преку Коминтерната и Сталин, со признавањето на македонците (со голема буква) за Македонци, за посебен народ. Ова сваќање на македонизмот како наша официјална државна идеологија е прокламирано на АСНОМ 1944. и тоа уредување траеше до Охридскиот мировен договор од 2001.
Со ова наше „второ“ стојалиште, или нашата вистина за внатрешна употреба, со децении ја убедуваме меѓународната јавност да ни го прифати, но таа нејќе ни да чуе за ова македонистичко стојалиште со драконски мерки што се спроведува на сите начини, од училиштата до медиумите, врз граѓаните на Македонија. Точно е, НАТО и ЕУ сакаат да станеме нивни членки, но неизоставно бараат ова наше стојалиште да го преобликуваме по параметрите на „првото“ стојалиште. Да се поевропгизираме. Од година во година тоа го правиме, никој не ја кажува позадината и веќе рековме, секој наш “губитнички“потег за наше поевропејчување го доживуваме како национален пораз.
Болно и непријатно, но од манипулативноста на антиевропското стојалиште за внатрешна употреба стаса апсурдот и се појави и деценискиот проблем познат на целиот свет, името на нашата држава. Проблем за Грција и целиот Запад не е првиот Илинден и целиот негов багаж, проблем за Грција и Запад е Вториот Илинден и неговите стојалишта врз која е поставена од нашите предци измечтаена, во секој поглед конципирана, бела, позитивна асномска Македонија.
Годинава во Преспа, јуни 2018., некако се реши тој заплеткан спор и ние од Договорот со Грција, прифативме ново име на државата, Република Северна Македонија. Но, да се погледнеме в очи, двете наши скарани политички страни, со години, со децении да го манипулираат населението, да го втурнат како 2001. во меѓутнички конфликт, па сега името да му с еменува на државата и пак да не им кажеме на граѓаните ЗАШТО овие работи се прават, во што е проблемот, (како во овој текст мојата скромност што се труди тоа да го стори) а македонистички шовинизам без преседан! Да се жртвуваат државата и граѓаните само за да останат заштитени одвласта не повеќе од двесте државно впрегнати македонистички лакеи – историчари и јазичари.
1. Каде протагонистите на црната македонистичка утопија беа изненадени? Ни на сон не веруваа дека ќе стасаат до ова дереџе. Македонизмот не увиде дека неговото време, на блоковски поделената Европа помина и тој ќе остане риба на суво. Штом Франција и Германија се помирија, нивните балкански сојузници, Србија и Бугарија требаше автоматски да се помират. Тоа значеше помирување над, во и за Македонија. До денес, сеуште тоа не го направија.
Ние да ги помируваме и нив и сите околу нас, (јас лично, со години тоа се обидував и го правев, за тоа имам и цела книга, “Триумф на ништожноста“ 2017.) но, нејќевме. Топката ни се намести на пенал, но нејќевме да шутираме. Сакавме да произведуваме непријателства. Во Титова Југославија ние, Република Македонија, имавме само еден меѓусоседски спор.
Со Бугарија. Со осамостојувањето на Македонија, се отвори и спорот со Грција за името на нашата држава. Македонизмот како наша официјална идеологија, наместо да увиди до каде стасаа работите, го продлабочи тој втор „непријателски“ фронт кон Грција. Со два Фронта со соседите и еден внатрешен со етничките Албанци, беше само прашање на време кога Република Македонија ќе колабира.
Подлабоко ако размислиме, со отворањето на спорот за името, Грција за себе ја расчисти работата наталожена нед еден век. Овозможи ““исчашеното (македонистичко) време“, повторно да се взглоби. Дијаболичните градби и споменици низ центарот на Скопје уште долго ќе го сведочат нашето самофашизирање од немоќ. Македонска трагикомичност како измислена за некој нов Гогол. Потпишаниот македонско – грчки договор од јуни 2018., за преименување на државата Македонија во Северна Македонија, сите меѓународни фактори со радост ја примија и поздравија.
Грција во договорот кон нас направи една (|полу)отстапка и избегна премка за самата да не падне во непотребно самошовинизирање. Дозволи нашиот јазик и понатаму да го нарекуваме македонски јазик, со (*) звездичка за дообјаснување, дека станува збор за јазик од семејството на словенските јазици, а не за јазикот на античките македонци. Но, уште поумесно е што избегна брзоплето да грбитрира во неприкосновеното право на секој човек да се изјаснува кој како што сака.
Значи, ќе можеме да се изјаснуваме и како Македонци. Античкото наследство на Македонија остана во грчки посед и византиски вешто го затворија само нивниот „грчки фронт за името“ со нас. Грчката дипломатија со оваа милиматарска пресметливост и остави на Северна Македонија да си го продолжи постариот, првиот фронт со Бугарија. Свртените европски рефлектори кон Македонија по едно време ќе почнат да се гаснат ие вропската општественост ќе нема и понатаму трпение и разбирање за стариот,“идентитетски“ бугарско – македонски фронт.
Овој проблем се повлекува од отворено море во плитки балкански води. Напикани во ќошето на очајот, ни останува со женска каприциозност да се инаетиме дека ете, најпосле и засекогаш, легнуваме и се будиме како Македонци, со грб држејќи ја да не падне идеолошката кулиса за внатрешна употреба на која е наредена иконографијата на македонизмот од Мисиркоа до Конески и сите нас подоцнежните нивни продолжувачи.Не треба нешто посебно за оваа проблематика да се знае, не требаше да бидеме и на доскорешните повеќедецениски грчко – македонски преговори за беспогрешно да ја определиме логиката на преговорите.
На оперативна маса беше хемороидот македонизам. Колку повеќе од македонизмот ќе задржиме, сметаме го наш успех, толку повеќе Грците ќе го санкционираат, толку повеќе тие ќе го сметаат за свој успех. Грчката преговарачка екипа во овој спор, македонизмот, или тие како што го нарекуваат,екстремизмот на БЈРМ, професорски го рассекоа.
Не ми треба голема инвенција за кога ќе дојде време на менување на натписите по државните институции да ја замислам таблата на Институтот за Македонски јазик Крсте Мисирков или таблата на официјалните јазици на Унијата во Брисел и на него само над нашиот, македонски“ јазик да има (ѕвездичка).
Македонизмот со изгубената придавка: македонски, македонска, македонско, веќе не ќе може да самозагнојува. Не ќе може да образува безброј идентитетски форми како: Македонски народ, Македонска филхармонија,Македонска академија на науките и уметностите, Македонско друштво на писатели, Македонска православна црква, Македонска радио и телевизија…Нашето ново име Северна Македонија е за севкупна употреба, секоја државна институција ќе се преименува, а од можноста ние и понатаму да се определуваме како Македонци, а својот јазик македонски од словенско потекло, задржуваме лузна, звездичка, од македонизмот како симбол и последица од долгиот наш (не)успешно прележан шовинизам.
Напикувајќи го македонизмот во ќош, Грција испланирано ни го остави тој агол, сантиметарски простор за инаетење за внатрешна употреба и во него вцртување на наше мало, задушливо шовинистичко крукче во еден ќош од Републиката Северна Македонија.
Се разбира, Албанците се во другиот ќош од тој македонскиот триаголник на безизлезот во Република Северна Македонија. Ние се сложивме да го потпишеме меѓудржавниот Договор за преименувањето на нашата држава, на консултативниот Референдум, оваа есен 2018, тој Договор (не)помина, но како стојат работите, ќе помине во Собранието, а со него нашиот јужен сосед затвора и го опишува големиот грчки круг над македонистичкиот триаголник.