
Бугарија е наш стратешки партнер и еден од најголемите пријатели на Република Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев во одговор на прашање на новинар за црвените линии на бугарскиот претседател Румен Радев, кој на средба со амбасадорите во земјата, рече дека поддршката на Софија за Скопје не е безусловна.
Заев изјави дека мора да се прочита изјавата на бугарскиот претседател за кажаното од него, за да се информира целосно, додавајќи дека е убеден дека Бугарија ќе биде на чело меѓу поддржувачите на македонските аспирации за интегрирање и дека зборовите Радев се мотивација за надминување на разликите помеѓу комисиите за историски прашања.
„Бугарија е наш искрен и голем пријател, но во исто време во интерес на Бугарија е интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ. Тоа многукратно го истакнувале и претседателот Радев, и премиерот Бојко Борисов, па верувам дека можеби употребата на зборовите значи и мотивирање на двете држави да ги надминат отворените прашања кои во моментов се присутни меѓу двете комисии за историските разлики. Верувам дека пораката е во тој дух „, рече Заев.
Токму Борисов и особено Радев, додаде македонскиот премиер, често велат дека пријателството расте, се потхранува и се поттикнува. „Ние имаме обврска да се однесуваме така“, рече Заев.
