Бакнеж на смртта. Сочен, сладок… чиниш ванила. Така беше бакната нашата специјално, специјална обвинителка. Толку силно бакната, тој бакнеж остави такви траги, кои таа ќе ги носи до крај на својот живот. Да се знае дека е бакната! Да се знае за друг пат! Да се знае за понатаму! Ум за другата, следна специјално, специјална…

Дали тие траги на специјалната ќе ги носи Македонија? Дали лузна ќе остане? Дали срам падна, над главата на секој граѓанин на македонската Република? Дали е ова крај на светот? Дали е ова крај на Македонија? Дали е ова крај на правдата во Македонија? Дали… слушаме прашања од секаде. Слушаме пискотници од Галичник до Река. Аман бре луѓе, па каде Ви е оптимизмот? Каде Ви е верата… каде Ви е љубовта… каде Ви е надежта? Македонија нема да има лузна. Сонцето утре пак ќе изгрее. Правда во Македонија ќе има!!! Е за срамот, точно, многумина ќе се засрамат, ама не и граѓаните на оваа чесна Република.

Срамот е само поради едно. Ако веќе говориме за колективен срам. Тоа е поради фактот што не успеавме да направиме ниту една нормална македонска институција. Ниту една! Тоа е. Се срамам јас… се срамиш ти… се срамиме сите ние. Но што е, тука е! Ќе се оправиме и еден убав сончев ден, сите ќе дознаеме за „фиљан“ институција, дека ја бива!!! Сите ќе се гордееме со неа. Колективниот срам ќе го замениме со колективна гордост! Точно, се вложија милиони државни пари. Или народни. Како сакате, така кажете. Големи надежи, голема доверба. Цел свет застана зад специјалките… да бидеме чесни, имаше и по некој маж таму. Сè им се даде. Сè! Буквално народот ги позлати. А тие? Тие ни се покакаа на глава. Ама буквално… онака… како кравата Милка пред шталата. Во ред. Еееееее… не е прв пат некој да нè покака. Не е прв пат гомно да видиме или да помирисаме. Секое чудо за три дена. Ништо страшно. Продолжуваме понатаму. Уште похрабро. Уште појако. Помотивирани. Пообединети. Сите заедно, кон целта… стабилна македонска држава. И точка.

Пред некој месец, за една ценета телевизија, дадов изјава дека на Македонија ѝ треба ССЈО (Специјално, специјално јавно обвинителство), кое ќе се позанимава со ова популарното СЈО. Веднаш еден новинар ме прогласи за „класично вмровче“, кое замислете, се дрзнало да побара смена на Катица. Вчера го прашав дали ќе ми се извини. Кажа ќе почекал да види разврска. Е добро де, да си жив и здрав. Всушност тоа што ме карактеризира како класично вмровче, не е навреда за мене. Тоа е чест. Тоа ЧЕ ме смета. Те молам, јас сум класичен вмровец. Тогаш кажаното од моја страна не беше лапсус, некоја неосмислена реченица… напротив, точно знаев што зборувам. А денес, денес точно знам што пишувам! Верувале или не, баш после ова со специјалкава, мислам дека на Македонија ѝ треба ССЈО. Не специјално, не специјално – специјално… туку супер специјално… со избрани луѓе… идеалисти… кои не излегуваат од кујната на „маневци“… со супер ресурси… не милиони… милијарда ако е потребно… со супер овластувања… со супер конекции со светските антикорупциски агенции и обвинителства… ова истото и тогаш го кажав, ама видите, тој истиот новинар, тогаш пропушти да го наведе. Сега, секој кој е против овој предлог, па макар ако треба и Устав да се менува, ама до ова да се дојде… тој е против правдата во земјава. Тој е против владеење на правото! Секој таков политичар, наместо да го воспевате, да го издигате до врвот на Олимп… до боговите… Вие почитувани граѓани, треба да го пензионирате. И тоа на минималец. Минимална пензија да добие.

Што со народниот дефетизам? Ништо. Ќе го лечиме. Посветено. Како децата дома што ги „гаеме“. Внимателно, посветено, трпеливо… еден ден, нашиот народ ќе го излечиме од оваа колективна депресија. Дали сум претеран оптимист? Не сум. Се сметам за реалист. Ама во желудник ја чувствувам желбата за успешна Македонија. Тоа е толку силна желба, што ми дава право ова да го напишам. Доста беше ропства… доста страдања… доста солзи! Поточно, пак ќе има солзи, но овој пат, солзи радосници. Македонија ќе биде успешна, интегрирана, обединета, среќна, богата… онаква, да секој друг ни позавиди. Македонија видела и полошо. И потешко. И турско и каурско. Ама Македонија продолжила понатаму. Така и сега. Продолжуваме појако!

Мафијата си е мафија. Ако де. Наша си е. Домашна. Не ни ја донесоа на сила. Па наши деца, македонЧиња ја создадоа. Како секаде во светот. Си има секакви мафии. Си имаме и македонска мафија. Во ред. Убаво е таа мафија да има грам патриотизам и да ја чува државноста на Македонија. Зашто исто како Црквата. Црква и мафија без држава не може да постои. Е сега кај нас и двете имаат проблем со државноста. Дел од Црквата, не разбира што е тоа македонска држава. Ама само дел, потенцирам!!! А мафијата се покажа тешка катастрофа. Тие пак ропаци, директно ја сечат гранката на која седат. Директно. Со тоа покажаа, дека не се дораснати ниту мафија да бидат. Ај некои дечки, решиле мафија да глумат. Во ред. Е сега што правиме вака? Државава ни остана без два „главни атрубути“. Црквата ќе се реши. Ќе ја биде. До крајот на 21 век, македонската Црква ќе ја биде. Тоа е краток период за такво прашање. Тука само „стегите на Ердоган“, може да ја забрзаат работава. Ама што правиме без мафија?!? Ќе нема што да работи МВР?!? Нели мора да има и добри и лоши. Каубојци и Индијанци. За системот да функционира. Е тука лежи зајакот. Мислам дека во Македонија, во нашиов систем, треба да се провери МВР!!! Пазете, знам што пишувам. Немој пак тој новинарот да ми го „загнете“! За да имаме мафија, треба да имаме МВР. Ако тоа е помешано, тогаш ниту едно, ниту друго имаме. Е така дечки не ја бива. Мора да се определите. Или сте кај добрите или кај лошите. Не може лошковци да се шетаат со значки, а мафијаши да глумат „дечурланава“. Па вака да ги апсат на прва. Тука мора да се расчисти, а тоа ќе биде директна инјекција против народен дефетизам. Абе инфузија ќе биде. Онака витаминска. Ќе видите како веднаш народ глава крева. Само расчистете го МВР и веднаш друго ќе е! Тоа е таму до тој степен скапано, што мора да се менуваат и столбови. Не само мебел. Тоа е патриотска задача. Чистењето на МВР ќе ја спаси Македонија. Зошто да не биде токму МВР, онаа прва институција со која колективно ќе се гордееме?!? Зошто?!? Онаа што Ви напишав погоре… редно е од некаде сериозно да се започне.

Драмата која настана и дополнително ќе следува, на арно е! Да знаете. Зашто таа хероината, ангелот, беше во рацете на оние за кои беше измислена. Нели и сатаната беше најубавиот ангел?!? Е така некако, ова му доаѓа. Па кога ќе се сетам на тоа маичките… смеа ме фаќа, ама и жал. Зашто народната надеж беше искрена, како детска солза. Гладен народ за правда и правдина. Легитимна надеж. Добро е што на време е откриен ангелов. Дека била сатаната, лично и персонално. Супер! Има ли поубаво? Нема! Господова работа. И Него солза му протече, гледајќи ја жедта за правда, на овој народ. Жед кон слободата. Ако нема правда, не сме слободни. Едни други наши граѓани извикуваа, нема правда, нема мир. Тие беа левичари… повеќето од нив. А тие се така скроени… по мирот. А ние десничарите ќе извикаме – Нема правда, нема слобода! За нас врвна вредност е слободата, па по цена и мир да нема. Па почитувани специјални ангели, Вие само продолжете. Не испорачавте правда, нема ниту слобода да имате!

(авторот е докторант на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)

Превземено до ВЕЧЕР

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO