Преспанскиот договор не е добар. Ние не го сакаме, чувствуваме дека со него, нешто ни е одземено, нешто свето, нешто најважно, нешто драго… дека татковината ни е одземена. Дека Македонија ни е одземена! Тагуваме, нервозни сме… се караме со сите, па и помеѓу себе… дури и самите со себе. Тешко ни падна. Некој повеќе, некој помалку… си го земавме при срце, сето тоа. Триесет години пеевме, името не го даваме… едно име имаме… на спортски натпревари, на свадби и на крштевки… сакаде и секогаш. И тоа прилично грлато! И уште триста години, истото ќе го правиме. Се додека постои Македонец, нема да престане борбата за Македонија!

Се до тука беше чувство, емоција, искреност на еден Македонец… но сега влегуваме во сферата на политиката. Тука Преспанскиот договор е златна кокошка. Златно јаболко за пазарење. Во политиката нема чест или честитост, на кој како му е помило. Тука има само интерес. А штом зборуваме за Балкан, тука нема ама воопшто чест. А ако прецизираме за македонска политичка сцена, тука има многу ѓубре. Со чесни исклучоци. Во светот на тоа „губре“, Преспанскиот договор е шанса… можност… порта до успехот. Всушност и господин Мицотакис помина низ таа порта, за да успее да биде премиер на хеленската Република. Немој да го потценувате капацитетот на македонските политичари. Секако дека ја согледаа истата таа можност и секако, болни за моќ, ќе сакаат да поминат преку истата порта. Секако дека нема да ја пропуштат шансата за успех… за ќар… која им е на дланка. Шансата која им ја дава токму Преспанскиот договор, кој толку многу го плукаат и оспоруваат. Која иронија, истиот тој плукан и оспоруван договор, е скала до успехот.

Најважно е како ќе се помине низ таа порта. има три можности за сега. но само два го имаат клучот за отварање на портата. точно, и иднината на земјата и на нацијата, зависат од таа „игра“. затоа секој од нас ќе мора да направи избор. има и друг избор, а тоа е да не се поминува низ таа порта, да се стои пред неа… да се уживаат привилегиите на северна македонија и толку. да се прифати „северното решение“ како конечно… трајно и непроменливо. тука немам сомнеж, дека тој избор е веќе направен од македонската левица. ова левица условно кажано. не дека и тоа не е некој начин на борба за македонија, и тоа е… но затоа се разликуваме идеолошки. покрај тие три опции, кои сега ќе ги набројам, многу значаен е и тајмингот, кога ќе се обидеш да ја отвораш портата. зашто ако се обидеш во погрешно време, ја ризикуваш државноста на Македонија.

Низ преспанската порта се поминува преку опција: а. југословенски македонизам; б. македонски концепт; ц. хеленски концепт. Тајмингот за да се направи обид е: а. веднаш; б. после влез на македонската Република во НАТО и ЕУ. Политичарите ќе понудат различни решенија и приказни за тоа, како ќе го „подобрат“ Преспанскиот договор, за тоа дека имаме и партнер од грчка страна, и дека тоа ќе го направат за многу кратко време. Граѓаните се тие кои ќе одлучат, ќе направат избор. Ќе кажат на кого му веруваат. Само после да не има пак „пишчење и вриштење“. Внимавајте што ќе одлучите. Не може пак да бидат криви политичарите. Ние имаме такви политичари, какви што самите си ги избираме. Не ни ги донел некој на сила, сами си ги гласаме. Каков народ, такви политичари! Каков народ, таква држава! Ако сакате поинакви политичари, поинаква држава, тогаш мора да се донесат поинакви одлуки. Не само зборување, сака избор и одлука!

Во овој момент на домашниот политички пазар веќе е промовирана една понуда. Тоа само на домашниот, зашто на странскиот пазар тоа не поминува. Таму патриотите како мачиња предат! Тоа е преку враќање на југословенскиот тип на македонизам, да се помине низ „преспанската порта“. Да се поништи, односно измени Преспанскиот договор. Тоа значи враќање на состојбата пред договорот. Акцијата би се спроведила веднаш, после парламентарните избори во Македонија. Горе, долу, така му доаѓа. Тука е клучот бр.1. Втората понуда сеуште не е промовирана, а во себе ја содржи мудроста на македонската традиција и херојска борба за државност. Мудроста на македонската револуција. Таа понуда е многу болна. Како жена, кога на свет носи дете. Во моментот била неописива болка, сведочат жените, но потоа доаѓа моментот на неописива среќа и радост, кога ќе се прегрне своето чедо. Горе, долу, така изгледа македонскиот концепт. Ќе бара огромни промени, темелни измени, ќе боли, но нуди решение за оваа болка, која не престанува. Ќе трае подолго, од темел ќе го промени македонското општество, а обидот за отварање на портата ќе следува во оној момент кога државноста ќе биде „бетонирана“. Тука е клучот бр.2. Хеленскиот концепт, го имаме како понуда од новата гарнитура политичари, кои доаѓаат на власт во Грција. Секако дека ќе им биде лесно да најдат промотори. Они многу пати до сега си нашле „Котевци од Руља“. Всушност последните двајца, беа на двете врвни македонски државни позиции. Тој третиот на третата позиција, не знае дома да си отиде, а не пак за концепти да зборува. Затоа истакнувам двајца. Хелените се со отворена понуда за нас, да си поминеме низ нашето историско прочистување, да се пробудиме и во славата на античките македонски херои, да бидеме дел од хеленскиот свет. Онака како што сме биле во антиката, нели?!? По овој пат, веќе поминаа илјадници нашинци. Испробана варијанта. Овој концепт има низа сличности со првиот, меѓусебно се надополнуваат, но се различни во крајната цел. Првиот не држи во неизвесно статус кво, ни ја продолжува оваа неиздржлива болка, а третиот ни ги отвара портите на хеленизмот. Ги лечи раните со погрешен лек. Времено болката поминува, но на крај на лекувањето, пациентот е мртов. Овој трет обид нуди брз резултат. Резултати сега! – што би рекол еден наш „голем Котевист“. Тука е клучот бр.3.

Бидете претпазливи. Ќе има и лажни „пророци“, кои ќе нудат спасение. А всушност, под знамето на патриотизмот, ќе ни ја земат слободата. Вие ќе мислите дека подржувате патриоти, а всушност ќе ја уништите слободата на Вашите деца. Значи тешка е одлуката… знам… и мене… и на сите ни е тешко. Но мораме да избериме кој клуч, кога ќе го употребиме и на кого ќе му дадеме да го употреби. Сакаме да поминеме низ преспанската порта? Сакаме. Гориме од желба. Зашто, не по наша вина, а поради погрешни политики на нашите лидери, останавме надвор од преспанската приказна. Следевме погрешно, одлучивме погрешно. Бојкот на референдумот не беше херојство, туку под знамето на патриотизмот, беше направено бегство. Бојкотот беше премолчано одобрување на Преспанскиот договор, осмислен од една група луѓе, кои името Македонија, го заменија за сопствената слобода. А вие слепи патриоти, сеуште тие наразумни трговци, ги носите на раце, како наши херои и спасители. Сеуште не сте прогледале! Колку долго ќе останете слепи, толку повеќе и подолго ќе трае болката.

Едно за сега е јасно. Клучот бр.1. не ја отвора преспанската порта. Само заведува со лажна надеж, а резултатот ќе биде нула. Можете колку сакате да ми се лутите, но ова вака ќе биде!!! Како што бидна на референдумот и ова Ви го гарантирам. Само време ќе изгубиме, а болката ќе ја трпиме, се посилно и се почесто. Клучот бр.2. ја отвора портата, но бара многу, многу труд. Бара желба и саможртва. Но на крај, „македонското“ ќе триумвира! Јас сум на мисла овој клуч да го изберам. Па колку сака нека чини. За тоа сме родени, за тоа живееме, за Македонија и иднината на нашето племе. Клучот бр.3. е проверен, најлесен, најбогат, дури позлатен… нуди брз резултат и живот сличен како оној на Коте од Руља.

Незнам дали знаете, неговото поколение живее среќно, богато и весело, во преубавата Атина. Тој град, тоа место, тоа поднебје е блиску до рајот… тоа е најмалку рај на земјата. Но овој избор, нуди живот во рај, но душата останува во пеколот. И при живот, пекол ќе осеќаме, а после смрт во пекол ќе бидеме. Да не ме разберите погрешно, ако се викам Петар, не му ја земам работата на Апостолот… тој ќе ни го даде судниот клуч на крајот. Таму се само два клуча. Јас Ви пишувам само за земскиве македонски маки. Повелете, изберете!

(авторот е докторант на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)

Преземено од Вечер

 

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO