„Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „Фајненшел тајмс“, вели дека се обидел да иницира договор за спорот за името уште за време на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски, но оти тој одбивал каква било средба. За таквата намера, истакнува Ципрас, ја информирал и германската канцеларка Ангела Меркел.“ – известуваат медиумите од земјава и странство. Следуваше големиот потоп од емоции. Горди на Груевски, еве Грците признаа дека тој никогаш немаше да го промени името. Ципрас го молел Никола, а овој рецка не му мавал. Ципрас плачел кај Меркел, зашто Груевски не сакал да преговара за името… буквално поплава. Конечно сите оние кои навистина веруваат дека на Груевски му дошло до името на Македонија, добија потврда, доказ дека се во право, дека е реално тоа во кое веруваат. После изблиците на задоволство, следуваа како по обичај, изблици на навреди и напади. Се пцуеше и плукаше по секој кој има различно мислење. Често тие заколнати и посветени плукачи, возљубени чеда во „Богот Гру“, своето го прават во име на ВМРО ДПМНЕ. На тој начин, мојата партија ги изгуби сите шанси да докаже дека се спасила од Груевски и дека груевизмот е минато за нас. Попусто цел труд на кандидатката Гордана Силјановска – Дафкова. Меѓу плукачите и катарзаторите имаше и истакнати високи функционери на партијата.

Не помина ден. Ниту петлите пропееја. Се јави со своја реакција, господинот Никола Груевски во врска исказот на господинот Ципрас. „Сакам да посочам дека всушност Ципрас никогаш не предложил такви разговори кои јас сум ги одбил. Впрочем, пред неговото доаѓање за премиер, водев интензивни разговори со г-динот Папандреу со кого имавме 10 лични средби по ова прашање, но за жал заради познатите грчки позиции или црвени линии како што тие ги нарекуваа, не дојдовме до решение, кое подоцна би го предложиле на граѓаните на референдум.“ – затворен цитат на господин Груевски. Штама. Ладен туш. Настана минутен молк. Ама само минута. Истите тие горди антипреговарачи и дежурни плукатори, како од пушка, во еден глас и еден момент, го споделија статусот на ФБ од Груевски, со дијаметрално спротивна теза од онаа на која се гордееја и воскликнуваа, горди на тоа дека Груевски еве кажа дека Ципрас лаже, не е важно дека сакал да го смени името, битно клетиот Грк лаже! И после следуваше драмолетка, реприза на истите чинови од истата драма, малку погоре опишани. Со тоа направија обратно, штета на партијата кај граѓаните кои се вистински и искрено против промена на името, со цел членство во „некои си НАТО и ЕУ“. Како и секогаш, подебелиот крај го извлече ВМРО ДПМНЕ, господин Груевски „си се олесни“, будалетинките си останаа будалетинки, граѓаните запрепастени.

Санаториум. Само санаториум е решението. Времиња се мислев за друго решение. Не ми раѓа главата друго. Тоа не е ништо страшно. И тоа е за луѓе. Тоа е медицинска установа за згрижување на пациенти со долготрајни болести. А груевизмот и онака е предолготрајна болест. Заразна. Тие луѓе се болни, заразени со груевизам, тоа е веќе општествен проблем, не е само личен или партиски. Треба државата мерки да си преземе. Таа зараза упорно вирее. Има поволна базна состојба во нашата партија, но ништо помалку не е атмосферата надвор, насекаде низ државата. Неспособноста на СДСМ и на Владата да преземе ефективни мерки во насока на санација на последиците од епидемијата на груевизам, која владееше долги години во Македонија, направи поволна клима за продолжување на истата таа епидемија. Смешни беа обидите да се лекува толку заразна болест, со слабо сирупче, како СЈО. Оваа работа бара сериозна опсервација и сериозно преземање на мерки. Државата има право и мора да се заштити од епидемија на болести. Ако пак видиме реалноста, оние од министертво за здравство не успееа една зараза од сипаници да ја решат две години, не пак ќе решат груевизам. Монти пајтон состојба.

Поминаа изборите. Исклучително неповолно за нас, како партија, а за Републиката е одлично што доби претседател. Но ние изгубивме и претседателски и локални избори во општините во кои се повторуваше гласањето. Тотален пораз. Но не! Извикавме победа! Ние победивме! Нели гледате, ене Стево стана претседател, ама Гордана победи! Победивме и во Лозово и во Брајчино… ама изгубивме секаде каде имаше повторени локални избори. Во Охрид потонавме, ама не! Победивме и во Охрид. Ајде малку погледнете убаво како изгубивме, ама всушност јако победивме, зашто знаете таму каде што изгубивме, пред осум години победивме и обратно… ете гледате, победивме! И така драги мои сопартијци, заразата се шири, не јаде од внатре, си ги зема чедата во заборав, лек ни нема! Санаториумот продолжува! Зошто бре луѓе има потреба да се правиме недоветни, кога Господ ни дал акал? Зошто со сила да се правиме будали? Зошто имаме потреба да се самопонижуваме? Кога ќе ме сретните приватно, сите до еден викате – Петар, во право си, ама што да се прави? Мораме вака!!! За што бре луѓе мораме вака??? За што? Кој не тера да се правиме со сила будали? Зошто? Од што сте се исплашиле до тој степен? На султанот толку страв му немале нашите стари! Па не личи бре да се нарекуваме вмровци, а да бидеме до тој степен понижени и да трпиме до тој степен понижување. Не личи самите будали да се правиме! Не личи!

Вистината е дека господин Груевски преговараше за името, а ако му се дадеше шанса за остварување на личната агенда, тие преговори ќе ги завршеше на овој или оној начин. Всушност тоа го докажа со потписот во Пржино, а особено со трампата на „бојкотот“ за личниот интерес.

Вистината е дека ние ги изгубивме претседателските и повторени локални избори. И тоа многу изгубивме. Особено во Охрид, каде резултатот е катастрофа. Послаб од оној што го постигнавме на локалните избори, кога сеуште господин Груевски беше претседател на ВМРО ДПМНЕ.

=Зошто да се правиме на сила дека ова не го знаеме?!? Ако сакаме да победиме на следните парламентарни избори, потребно е да престанеме да се правиме недоветни. Следно да си земат одговорност лицата кои ги изгубија овие избори. Анализата да детектира наши слабости, да санираме последици, да не се повторат истите грешки. Да направиме тим кој ќе ја донесе следната победа. Не мора да го чекаме Груевски да ни даде согласност кој тим! Разбирате? Се додека Груевски кажува кој тим ќе биде во ВМРО ДПМНЕ, нема да победуваме! Разбирате? Не за друго, не дека Груевски не знае да состави тим. Не! Проблемот е што човекот ги изгуби „гулабите“ и сега не може да се апстрахира од сопствената омраза во која е потонат. Не гледа со реални очила. Воден од омраза и бес, на сите нас ни прави да потонеме во тие негови омраза и бес. Ако мислите дека треба да продолжиме со сила да се правиме будали, во ред, нека биде така!

авторот е докторант на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ

преземено од ВЕЧЕР

loading...
Бесплатно преземање на содржини од Татковина е дозволено само во непосреден договор со редакцијата на Татковина, односно со одговорниот уредник. - дозволено е да се преземе најмногу 25 % од содржината на текстот – на крајот од преземениот текст, треба да се објави реченицата „Целиот текст прочитајте го тука“, а со зборот „тука“ да се поврзе (објави) линк до оригиналниот текст во Татковина. Секое целосно превземање ќе резултира со издадена фактура на име КОРИСТЕЊЕ НА СОДРЖИНА ОД ПОРТАЛОТ ТАТКОВИНА во износ од 10 000 денари. За прекршувања на овие услови, Татковина го овластува својот правен застапник да презема законски мерки спрема прекршителите.
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO